Економија
(Видео) Анѓушев: Изградбата на гасоводот со Грција е клучен проект

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, во рамките на самитот, кој се одржа во Солун, учествуваше и на панелот „Енергетски безбедносни предизвици во источен Медитеран“. Вицепремиерот Анѓушев на почетокот на своето обраќање се осврна на проектот за изградба на гасен интерконектор помеѓу Република Северна Македонија и Република Грција и потенцира дека станува збор за клучен енергетски инфраструктурен објект, со кој се обезбедува повисока конкурентност за снабдување со природен гас.
„Во моментот се реализират градежни работи за комплетирање на примарниот гасоводен систем во Северна Македонија, со кој во системот ќе бидат поврзани сите поголеми градови во земјата, но за проектот за гасификација да биде комплетен, потребно е да се обезбеди и дополнителен снабдувач со гас покрај моментната гасоводна цевка со која се обезбедува гас од Република Бугарија и токму поради тоа во насока на подигнување на конкурентноста во снабдувањето, изградбата на гасоводот со Грција е клучен проект. Република Северна Македонија е подготовена да почне со овој проект, обезбедени се финансиски средства, изработена е физибилити-студијата, проектирана е трасата и во тек е изработката на основниот проект и студујата за заштита на животната средина, кои ќе бидат готови набргу, а јавниот повик би требало да се објави на почетокот на 2020 година“, посочи вицепремиерот.
Осврнувајќи се на проектите поврзани со електричната енергија, Анѓушев посочи дека за стабилноста на енергетските системи важно е да се дискутира за енергетската инфраструктура, изворите за производство на електрична енергија, како и за либерализација на пазарите.
„Сметам дека преносните електроенергетски системи на Балканскиот Полуостров се сосема добро развиени да обезбедат сигурност на мрежата, но колку повеќе преносни мрежи имаме, дотолку подобро за да ги обезбедиме и прекуграничните капацитети помеѓу земјите.
Кога зборуваме за изворите за производство на електрична енергија во светот, сега се користи терминот енергетска транзиција, кој подразбира премин од конценционалните извори, како централи на јаглен или друг вид фосилно гориво, во производство од обновливи извори. Сметам дека Северна Македонија е добар пример на земја што почна да ја применува оваа транзиција, во моментот се одвиваат проекти за зголемување на производството од фотоволтаични централи по принципот на премиуми. Изненаден сум од интересот и подготвеноста на инвеститорите, кои не само што се подготвени да градат фотонапонски електрани по минимални премиум-тарифи туку се подготвени и да градат без никаков премиум, па и да се наддаваат за да ја добијат локацијата за изградба на ваков тип централа. Покрај зголемувањето на производството од фотоволтаици, работиме и на зголемување на производството од ветерни електрани и од мали хидроцентрали, од кои веќе над 70 се во функција, а речиси 35 во градба. Од моментните 100 мегавати инсталирана моќност од обновливи извори, со проектите што ги планираме и реализираме ќе стигнеме до инсталирана моќност од речиси 400 мегавати, што е четирипати повеќе“, посочи вицепремиерот Анѓушев.
Тој нагласи дека во блиска иднина го гледа регионот на Југоисточна Европа како единствен пазар на електрична енергија, со една берза за струја, што ќе донесе бенефит за сите граѓани од сите земји во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Повеќе од 200 уапсени во светска операција против перење пари

Полициите од околу триесет држави во координирана акција фатиле 228 лица и идентификувале илјадници заговорници како дел од масовна операција против перење пари.
Во операцијата од септември до ноември спроведени се повеќе од 1.000 криминалистички истраги, од кои голем дел и натаму се во тек, се вели во соопштение на „Европол“.
„Повеќе од 650 банки, 17 банкарски здруженија и други финансиски институции помогнале да се пријават 7.520 измамнички трансакции спроведени од заговорници. Со ова е спречена вкупна загуба од 12,9 милиони евра“, тврди „Европол“.
Покрај европската полициска канцеларија, операцијата ја поддржале и „Евроџаст“ (европскиот сојуз за судска соработка) и Европската банкарска федерација (FBE). Во нејзини рамки биле идентификувани 3.833 заговорници и 386 лица кои биле задолжени за книжење, од кои 228 се уапсени.
Заговорниците (познати и како „мулиња“) честопати и несакајќи учествуваат во перењето пари со примање и трансфер на пари од незаконски активности, објаснуваат од „Европол“.
Лицата што заработуваат пари од овие „мулиња“ се особено активни на социјалните мрежи каде ги убедуваат своите жртви да отворат банкарски сметки под изговор дека преку нив ќе испраќаат или примаат пари, соопшти „Европол“.
Операцијата била спроведена во 31 земја, вклучително и Германија, Белгија, Шпанија, Швајцарија, Велика Британија, САД и Австралија.
Економија
Министерство за финансии: Со издавањето хартии од вредност се враќаат стари долгови и се финансира дефицитот

Нето-повлекувањето на аукциите е намалено за околу 40%, ако се спореди просекот последниве две години со просекот од 2012 до 2016 година. Бројот на аукции на државни хартии од вредност е намален од 4 на 2 аукции месечно, реагира Министерството за финансии на изјавата на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Кузмановска, дека државата се задолжила за нови 24 милиони евра.
„Со издавањето на државните хартии од вредност се финансираат: прво, стари долгови по основ на претходни аукции кои доспеваат за наплата- денес на пример се вратени 9 милиони евра и второ – финансирање на дефицитот предвиден со буџетот за 2019 година, изгласан од Собранието. Согласно буџетот за 2019 година и одлука на Влада, за финансирање на буџетскиот дефицит од домашни изори, односно преку аукции ќе се повлечат 150 милиони евра. Нето-повлекувањето досега изнесува 134 милиони евра и е под тој планиран износ. За споредба во 2012 година нето-повлекувањето изнесувало 446,7 милиони евра. Истовремено, во однос на претходните години, неколкукратно се намалени каматните стапки на државните хартии од вредност, така што се стеснува долгот кој треба понатаму да се рефинансира“, се вели во реакцијата.
Како резултат на водење на прудентна политика на јавниот долг последниве две и пол години, додаваат од таму, јавниот долг е стабилизиран и е на ниво под 2016 година и за разлика од периодот од 2008 до 2016 година, кога јавниот долг скокна од 23% на 48,8%, сега тој изнесува 47,7%.
Економија
Комора на сметководители: Брзите измени на Законите влеваат несигурност кај компаниите и граѓаните

Честото менување на законската регулатива и ефектите од промените особено во даночните закони врз стопанството, најавата за нова глобална економска криза во 2020 г., како и актуелната состојба во сметководствената дејност, беа во фокус на прес-конференцијата на Комората на сметководители во Сојузот на стопански комори на Македонија.
Претседателот на Комората на сметководители, Драган Митковски, истакна дека брзите промени во даночната регулатива го зголемуваат ризикот во работењето и го оневозможуваат ефективното даночно планирање на компаниите. Тие се пречка за водење на бизнисот и предизвикуваат несигурност со што го забавуваат растот на економијата, создаваат незадоволство кај граѓаните и директно влијаат на зголемување на сивата економија.
„Законите во даночната сфера се менуваат многу често и најчесто по брза постапка и без консултации со стопанството. Како примери би ги посочиле Закон за данок на личен доход, кој беше донесен и покрај нашето предупредување за штетните ефекти од неговата имплементација, за по една година подоцна неговата примена да биде одложена. Дополнително, од јануари стапуваат на сила измените на Законот за придонеси за задолжително социјално осигурување, со кој придонесите растат за 0,5% со што нивниот кумулативен раст од лани е 1%. Имајќи предвид дека ефективната даночна стапка со вклучени придонеси и данок на личен доход е веќе 50% на основа на нето-платата која вработените ја земаат, сметаме дека со ова се става преголем товар на и така кревкото стопанство“, истакна Митковски и додаде дека брзото менување на законите води кон импровизирање, односно многу често се носи законско решение кое е неприменливо во пракса и за чија имплементација нема претходно изградена системска рамка. Не ретко новите закони се неприменливи, бидејќи доаѓа во судир по другата постоечка регулатива, што значи дека истите се носат без соодветна претходна анализа.
Благоја Грозданов, член на Управен одбор на Комората на сметководители, истакна дека предизвик за бизнис-заедницата е и тоа што брзото и постојано менување на законите е тешко за следење.
„Mалите и средни фирми кои очекуваме да бидат двигател на економијата немаат на располагање тим на советници кој постојано ќе ги информира и ќе им помага во примената на новата регулатива. Оваа активност најчесто е оставена на сметководителите. Проблем со законите кои се менуваат често е и тоа што не се прецизни, па отвораат можност за различно толкување и префрлање на надлежностите. Брзото и често менување на законите покажува и дека не постои стратегија за тоа што се сака да се постигне и како да се дојде до тоа, туку одлуки се носат на дневно-политичка основа. Така, иако некои законски измени, како онаа за зголемување на минималната плата, може навидум да изгледаат дека се добри за одредена категорија на граѓани, сепак на долг рок, како што и предупреди и ММФ во последниот извештај, нема да ја намалат сиромаштијата, туку ќе ја зголемат сивата економија“, истакна Грозданов.
Комората на сметководители дополнително предупреди дека надлежните треба да ја имаат предвид новата глобална економска криза која се заканува во САД, Европа, но и во нашето соседство. Актуелното забавување на светската и европска економија би можело да доведе до рецесија што ќе значи силен економски удар особено за нефлексибилните и ригидни економии.
„Прогнозите на светски познатите стручњаци се дека таа криза не би требало да биде со размер како онаа во 2008 година, но сепак креаторите на економската политика во земјава треба да ја имаат предвид и оваа опасност и да се размислува во насока на мерки кои ќе го стабилизираат и јакнат приватниот сектор. Владата треба да го зголеми штедењето и да го намали дефицитот на буџетот, непотребните јавни трошоци и задолжувањето во странство, а да донесе мерки за ублажување на ценовниот удар и со индиректни мерки да им помогне на компаниите што имаат намален извоз“, истакна Грозданов.
Комората на сметководители потенцира дека сметководството треба да се издигне на многу повисоко ниво и да се цени трудот на сметководителите кои законски одговараат на потребите и барањата на своите клиенти, а од друга страна, пак, одговараат и на потребите на институциите, поточно на општеството во целина. Во овој период на годината кога почнуваат активностите за изготвување и поднесување на годишните финансиски извештаи Комората на сметководители апелира дека потребно е овозможување исклучиво право на потпис единствено на лице регистрирано како овластен сметководител, со што покрај одговорноста сметководителите ќе имаат и соодветни права кои произлегуваат од нивните квалификации.
- Топ3 месеци
Газда полеан со бензин, а неговиот џип запален во Кисела Вода
- Забава3 месеци
Дошла на преглед поради постојан замор, а докторите ѝ рекле дека ќе умре за 72 часа
- Култура3 месеци
„Болка и слава“ на Алмодовар го отвора фестивалот „Браќа Манаки“, кинематограферот Алкаине гостин во Битола
- Книги1 месец
Промоција на „Небо во кафез“ од Д.А. Лори
- Црна хроника2 месеци
Се урна тераса во Скопје – повредени татко и неговите три малолетни деца
- Hitech3 месеци
(Видео) Возач и совозач во „тесла“ спијат додека автомобилот вози со 100 на час
- Црна хроника3 месеци
Деветнаесетгодишник со автомобил удрил во девојче во Кавадарци
- Култура4 недели
Десет најчести прашања и одговори за програмата „Креативна Европа медиа“ на „Синедејс“