Економија
(Видео) Бектеши: До 2040 година земјава ќе инвестира во целосна модернизација на енергетскиот сектор

Министерот за економија, Крешник Бектеши, учествуваше на самитот за Западен Балкан, кој во организација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), денеска се одржа во Лондон. Министерот Бектеши имаше свое излагање на панел-дискусијата, која се одржа во рамките на самитот на тема: „Транзиција на зелена енергија“, каде што го презентира напредокот на Северна Македонија во делот на инвестиции и производство на електрична енергија од обновливи извори. Република Северна Македонија во изминатите две и пол години направи големи реформи во енергетскиот сектор, пред сè, со донесување на новиот Закон за енергетиката и на Законот за енергетската ефикасност, со што се отвори простор за зголемени инвестиции во зелена енергија. Министерот изјави дека инвестициите за енергетско поврзување и диверзификација на изворите на енергенси многу се важни не само за Северна Македонија туку и за граѓаните на земјите од Западен Балкан.
„Разговаравме за сите реформи што беа преземени во нашата земја во областа енергетика, за Законот за енергетиката, за Законот за енергетската ефиканскот и можностите што произлегуваат од овие законски решенија. Имав можност да ги повикам сите заинтересирани инвеститори да ги искористат можностите што ги нудиме, да дојдат да инвестираат во областа енергетика, особено во областа на обновливите извори. Друга тема важна што ја дискутиравме со директорот на ЕБРД е можноста за изградба на интерконекторот за природен гас со Косово, што ќе ѝ даде дополнителна можност на Северна Македонија да стане транзитна земја за природен гас за Западен Балкан. Од тоа придобивки ќе имаат и граѓаните и државата, освен што ќе го диверзифицираме снабдувањето со енергенти, ние исто така ќе добиеме поевтин енергент, а истовремено нашите граѓани ќе имаат подобра животна средина, што преку гасификацијата може да се влијае позитивно“, изјави министерот Бектеши.
Министерот пред присутните претставници од Европската Унија, Светската трговска организација, Светскиот економски форум, како и инвеститори од целиот свет, кои беа присутни на панелот, ја презентира Стратегијата за енергетика на Северна Македонија до 2040 година, со која се дефинираат долгорочните цели за развој на одделни енергетски дејности за да се обезбеди сигурност во снабдувањето со разни видови енергија, притоа обезбедувајќи услови и начин за заштита на животната средина и мерки за реализација на заштитата.
„Стратегијата обезбедува платформа за целокупната модернизација и трансформација на енергетскиот сектор во согласност со енергетските трендови на ЕУ придонесувајќи за зголемен пристап, интеграција и достапност на енергетските услуги, намалување на локалното и на глобалното загадување и зголемено учество на приватниот сектор земајќи ги предвид развојниот потенцијал на Македонија и домашните специфики. Со тоа Стратегијата ги интегрира климатските и околинските аспекти на енергетскиот сектор, истовремено предлагајќи достапна, сигурна и одржлива енергија за иднината. Паралелно, развиена е стратешка оцена на влијанијата врз животната средина како посебен документ за процена на околински остварливите и одржливите опции за постигнување на целитe. Значајно е да се напомене дека изработивме прва Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година меѓу земјите членки на Енергетската заедница. Стратегијата се потпира на зелениот раст и нуди решенија за справување со климатските промени, особено во зеленото сценарио. Зеленото сценарио предвидува да постигне учеството на обновливи извори на енергија до 44 отсто во 2040 година во вкупната потрошувачка на финална енергија“, потенцира министерот Бектеши пред присутните на панелот.
Министерот ги повика инвеститорите да ги разгледаат можностите за инвестиции во обновливи извори.
„Во Стратегијата се предвидени инвестиции во фотоволтаични централи, кои е предвидено да имаат вкупен инсталиран капацитет од 1.357 MW, односно 41,8 отсто од вкупниот инсталиран капацитет за производство на енергија, за инвестиции во електроцентрали на биогас и биомаса се планира да имаат вкупен инсталиран капацитет од 38 MW, односно 1,2 отсто од вкупниот инсталиран капацитет за производство на енергија, потоа во новите големи хидроцентрали („Чебрен“, „Градец“, „Велес“, „КВ Козјак“, „Глобочица“) за кои се планира да имаат вкупен инсталиран капацитет од 775 MW, односно 23,9 отсто од вкупниот инсталиран капацитет за производство на енергија, а во новите мали хидроцентрали планирано е да имаат вкупен инсталиран капацитет од 223 MW, односно 6,9 отсто од вкупниот инсталиран капацитет за производство на енергија. Предвидени се и инвестиции во термоцентрали на гас за кои се планира да има вкупен инсталиран капацитет од 141 MW, односно 4,3 отсто од вкупниот инсталиран капацитет за производство на енергија“, презентира министерот Бектеши.
Министерот информира за двата огласа за производство на електрична енергија од фотоволтаични централи на приватно и државно земјиште по премиум-тарифа, кои првпат беа објавени во земјата и имаа голем успех гледано според интересот на инвеститорите.
На крајот ги презентира новините во Законот за енергетската ефикасност, кој стапи во сила на почетокот на февруари, со кој нашата држава во целост ги имплементира соодветните прописи за енергетска ефикасност на Европската Унија и со кој се овозможува реализација на потребните инвестиции и мерки во областа на енергетска ефикасност следејќи ги позитивните примери од земјите на ЕУ и регионот, каде што енергетската ефикасност донесува корист на повеќе нивоа како за граѓаните така и за економијата воопшто.
На панелот „Транзиција на зелена енергија“, освен министерот Бектеши, свое излагање имаа Геновева Руиз Калавера, директорка за Западен Балкан во Европската Унија, Љубо Кнежевиќ, државен советник за енергетика на премиерот на Црна Гора, Мартина Ларкин, директорка за Европа во Светскиот економски форум, и Џенифер Вишони од „Индиа пауер корпорејшн“.
Во рамките на самитот за Западен Балкан министерот Бектеши заедно со премиерот Оливер Спасовски и министерката за финансии, Нина Ангеловска, оствари средба со претседателот на Европската банка за обнова и развој, Сума Чкарабарти, со која беше дискутирано за идните потенцијални проекти, како и со Мартина Ларкин, директорка за Европа во Светскиот економски форум, со која беше разговарано за развојот на претприемаштвото и иницијативата за регионален акцелератор за земјите од Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Стојаноски: За првпат после долго време, носиме ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи

Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната Комисија за финансирање и буџет, се обрати и истакна дека ребалансот е резултат на анализа, одговорност и јасна визија. Според него, со зголемени приходи и рационално трошење, се вложува во плати, пензии, образование, здравство, транспорт, локален развој и млади. Стојаноски додаде дека ова не е симболика, туку конкретна инвестиција во квалитетен и достоинствен живот за сите граѓани во земјава.
,,Ова е порака, порака за нова економска парадигма, порака за домаќинско водење на државните финансии, порака дека не чекаме кризите да не затекнат, туку со рационален пристап и силна политичка волја ги пренасочуваме средствата таму каде што најмногу треба кај граѓаните. Затоа што буџетот, тоа не се само бројки. Тоа е политика во својата најконкретна форма За првпат после долго време, носиме Ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи“, рече Стојаноски.
Истакна дека со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за плати 800 милиони денари, пензии 2,5 милијарди денари и капитални проекти 300 милиони денари, со што се засилува економскиот развој.
,,Оваа рамка е показател дека Буџетот не е притиснат и потрошен, туку управуван мудро и рационално. Приходите растат, трошењето е контролирано, а приоритетите се кристално јасни“, кажа Стојаноски.
Тој посочи дека ова ќе овозможи повеќе луѓе со попреченост да живеат во заедницата, а не во институции, а ќе има повеќе лични асистенти, повеќе дневни центри, повеќе услуги достапни во секоја општина. Тој напомена и дека најважно од се е тоа што значи дека младите не се заборавени, туку активно вклучени во секоја социјална политика.
Тој додаде дека овој ребаланс значи вложување во луѓето и иднината, во подобри услови за факултети, студентски домови и училишта, во достапен транспорт и здравство за сите, без разлика каде живеат, во поддршка за културата, енергетска независност и младите. Според него, ова не е трошок туку инвестиција во достоинствен живот.
Економија
Битиќи: Ребалансот e признание дека Владата ја загубила финансиската контрола, со дефицит од 4 проценти, над законскиот лимит

Овој ребаланс е индиректно признание дека Владата ја изгубила фискалната контрола и јасно огледало на продлабочената фискална неодговорност во јавните финансии. Наместо реално прилагодување и развојна ориентација, добиваме документ кој прикрива неизвршени ветувања и скицира нереална економска слика, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната седница за ребаланс.
Тој истакна дека иако дефицитот останува на 4% од БДП, тоа е над законскиот максимум од 3%, а отстапување е дозволено само во вонредни ситуации кои во нашата земја не постојат.
„Владата веќе не контролира фискална рамнотежа и го користи ребалансот како политички инструмент. Дефицитот речиси се удвои за месец и половина, од 13,4 на 27,5 милијарди денари. Таков раст не се случува во економија со здрава фискална дисциплина и е знак за неефикасно управување и неконтролирана јавна потрошувачка. Ако приходите растат по 40%, а расходите достигнаа 44%, дали оваа Влада има план? Или троши сè како да нема утре?“ – рече Битиќи.
Според него, наместо реална прераспределба, ребалансот е само козметика, розово на хартија, а црвено во реалноста. Ова не е буџет со план, туку импровизација за политички цели.
„Новото задолжување од 500 милиони евра и скриените долгови од над 700 милиони евра создаваат дополнителен фискален товар што ја загрозува економската стабилност и ќе мора да се решава во иднина.
Разочарувачки е и нискиот степен на реализација на капиталните инвестиции – само 23%, далеку од ветениот рекорден инвестициски циклус“.
Како што рече, Буџетот се користи како предизборно оружје: зголемувањето на пензиите и платите во јавниот сектор, растот на трошоците за договорни услуги и тројното зголемување на буџетските резерви укажуваат на непотизам, партиски вработувања и нетранспарентна потрошувачка.
Во услови кога јавните финансии се загрозени, ова не е одговорно управување со државните пари, туку краткорочна партиска кампања со ризик за економската иднина на граѓаните.
Економија
Божиновска-Триподи: Македонија е стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти со јасна регулаторна рамка

Во рамки на Бизнис форумот „Италија – Северна Македонија“, кој денес се одржа во Скопје, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари билатерална средба со Марија Триподи, заменичка министерка за надворешни работи и меѓународна соработка на Република Италија.
На средбата беше изразено заедничко задоволство од сè поинтензивната економска и политичка соработка меѓу двете земји, особено во доменот на енергетиката, каде што постои значаен интерес од италијански компании за инвестирање во зелени и одржливи технологии.
Министерката Божиновска ја информираше соговорничката за тековните проекти што ги спроведува Министерството, како и за новите можности за странски инвестиции во обновливи извори на енергија, енергетска инфраструктура и складирање на енергија. Таа истакна дека Северна Македонија станува стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти, со јасна регулаторна рамка и амбициозни цели во енергетската транзиција.
Од страна на г-ѓа Триподи беше изразена поддршка за енергетските реформи што ги спроведува земјата и интерес за продлабочување на билатералната соработка преку конкретни проекти и партнерства, како на институционално, така и на деловно ниво.
Двете соговорнички се согласија дека енергетиката претставува стратешко поле за понатамошно поврзување на Северна Македонија и Италија, со можност за заеднички проекти во контекст на регионалната поврзаност, транзицијата кон чисти извори и развој на модерна енергетска мрежа.