Економија
(Видео) Битиќи во посета на „Еуроникел индустри“: Владата ќе продолжи да ги поддржува компаниите во нови инвестициски потфати
Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес ја посети компанијата „Еуроникел индустри“ во Кавадарци, каде што се сретна со генералните директори на компанија и се информира за тековните производни активности во комбинатот и нивните идни деловни планови.
По извршената обиколка на производните погони на „Еуроникел индустри“, вицепремиерот Битиќи во изјава за присутните медиуми посочи дека станува збор за еден од најголемите работодавци во Кавадарци и регионот, со речиси 1.000 вработени лица, која соработува со 70-80 транспортни компании од овој регион, ги поседува и сите еколошки дозволи за работа, а е четврта по вредност на извезени производи, со приближно 166 милиони евра извоз во 2019 година, и деветта по вредност во остварени приходи во земјата (169,5 милиони евра).
„Станува збор за целосно извозно ориентирана компанија, а дополнително е важно што производот што го извезуваат, тоа е фероникелот, дава дополнителна, додадена вредност на нашата економија, односно има додадена нето-вредност на направениот извоз. И оваа година, и покрај економската криза во целиот свет, успеале да го зголемат и производството и да го одржат на исто ниво извозот и бројот на вработени. Тоа е добро за локалната економија, за сите вработени, но и генерално за економијата на Северна Македонија, особено во ова време на светска криза. Владата ќе продолжи со поддршка на инвестициите во технолошки развој, унапредување на производството, набавка на нови машини, изградба на нови хали, отворање центри за развој и истражување и вработување нови лица. Владата ќе продолжи да ја дава оваа поддршка за стопанството преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите“, нагласи вицепремиерот Битиќи за време на посетата на „Еуроникел“.
Првиот генерален директор на „Еуроникел“, Герасим Кујунџиев, се осврна на активностите на компанијата, развојните планови и за значењето на компанијата за развојот на домашната економија.
„’Еуроникел индустри’ успеа и во време на пандемијата да воспостави безбеден и континуиран производен процес, што резултира со зголемено производство и извоз како продолжување на позитивниот тренд од 2019 година. Кај нас нема намалување на обемот на работа, ниту кратење на вработени или плати, но секако ова е постигнато со енормни напори на сите засегнати страни, од инвеститорите до работниците. Сепак, предизвиците се големи, при што најзначајна и најпотребна е поддршката од институциите и државните органи да му излезат пресрет на приватниот сектор со редовно и доследно исполнување на обврските затоа што нашиот придонес кон домашната економија е значаен во секој поглед“, посочи директорот на „Еуроникел индустри“, Кујунџиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

