Економија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ: Анѓушев продава фирма во загуба на друга фирма во загуба

Заканите од страна на Кочо Анѓушев се само резултат на неговата нервоза затоа што граѓаните ги дознаваат неговите лични дилови со грчката влада и грчките компании, изјави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Кочо Анѓушев, наместо да се заканува со тужби, да им објасни на граѓаните како е можно грчката компанија да ја купи токму компанијата на Кочо Анѓушев за речиси 5 милиони евра на 2 месеца пред потпишувањето на договорот со Грција? Кочо Анѓушев, наместо да се заканува со тужби, да им објасни на граѓаните дали парите од продажбата на компанијата ЕДС, речиси 5 милиони евра, ги инкасирал на своја лична сметка, а не на сметките од групацијата од која била дел и компанијата ЕДС“, праша Арсовски.
Како е можно, додава портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, грчката компанија која работела со загуби поголеми од куповната цена на компанијата ЕДС, компанија што исто така била во загуба во 2017 година, да ја купи токму ЕДС на Кочо Анѓушев.
Тој додаде дека е нелогично една компанија во загуба да купи друга компанија која исто така е во загуба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Македонија2025 го отвори најголемиот Самит досега: Фокус на реформи, иновации и економски раст

Стратегии за забрзан економски раст преку болни реформи, значењето на дигиталните политики и иновациите за економија подготвена за иднината, улогата на глобалните економски партнерства, како и иднината на парите, медиумите и дигиталната слобода, се дел од темите на првиот ден од 14-тото издание на Самитот на Македонија2025.
Самитот беше официјално отворен со поздравни обраќања на претседателот на Одборот на директори на Македонија2025, Виктор Мизо и главната извршна директорка проф. Никица Мојсоска Блажевски. Тие ја истакнаа долгогодишната визија и мисија на организацијата за градење посилна нација преку економски раст, нулта толеранција за корупцијата, ефикасна јавна администрација, вложувања во образованието, иновации и ангажирање на дијаспората.
„Има прогрес во Македонија, но другите земји растат побрзо од нас. Сакаме пазарна економија, а бараме државен интервенционизам, работниците бараат повисоки плати, но не зборуваат за подобрување на нивните вештини. Лесно е да се обвинуваат соседите, Владата, но сите придонесуваме за тоа колку ќе просперира државата. Оваа Влада почна болни реформи, верувам дека гледа малку подалеку од изборниот циклус“, истакна Мојсоска Блажески.
На првиот ден од Самитот учествуваше и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски кој во разговорот со директорката Мојсоска Блажевски се осврна на досегашните предизвици и резултатите што ги постигна неговата влада. Во фокусот на разговорот беа реформите кои треба да обезбедат подинамичен економски раст на земјата, како и соработката меѓу владата и приватниот сектор.
Самитот продолжи со панел дискусија насловена „Полнолетство – Македонија2025: Каде сме и каде одиме“, модерирана од членот на Одборот на директори, Боријан Борозанов, на која учествуваа основачите на Македонија2025, Мајк Зафировски и Џон Битов, како и членот на Одборот на директори, Живко Мукаетов. Во рамки на дискусијата тие се осврнаа на првичните мотиви за основањето Македонија 2025 и досегашните достигнувања на организацијата, за стратешките приоритети за забрзан развој на земјата, како што се борбата против корупцијата, постигнување на економски раст од над 5% годишно и дигитализација, а ја нагласија и улогата на приватниот сектор и лидерството во трансформација на државата и нивната визија за развојот на земјата до 2030 година.
„Македонија мора да ги трансформира јавните услуги, да вложува во технолошките таленти, но и да ги подготви компаниите за современиот дигитален екосистем преку дигитална трансформација и примена на вештачката интелигенција. Како да се постигне ова ќе биде едно од клучните прашања на кои ќе се обидеме да дадеме одговор токму на Самит“ изјави Кати Ицева, член на Одборот на директори на Македонија 2025.
За значењето на дигиталната трансформација на земјата и напорите на Македонија 2025 во оваа област зборуваше и Васко Кроневски, член на бордот на директори, кој напомена: „Технологијата станува стратешки ресурс за развојот и ние така мора да го гледаме. Можеме да го постигнеме посакуваниот економски раст и развој на целото општество, доколку ја употребиме технологијата и ги ставиме во функција огромниот број домашни таленти кои сега работат за потребите на други конкурентни економии и го поддржуваат нивниот развој“, истакна Кроневски.
Годинешниот Самит на Македонија 2025 е најголем досега и обединува над 700 учесници, вклучувајќи домашни и меѓународни лидери, претприемачи, креатори на политики, меѓународни експерти и претставници на академската заедница и на граѓанскиот сектор.
Првиот ден од Самитот се одвива во атмосфера на амбициозни разговори за реформи, отчетност и конкурентност – втемелени во заедничките вредности и јасната визија за економската иднина на Македонија. Самитот продолжува и утре со дискусии околу значењето на образованието за развојот на државата, за потребата од редефинирање на стратегиите за привлекување странски инвестиции, за улогата на вештачката интелигенција и нејзиното влијание врз трансформацијата на традиционалните индустрии, а ќе стане збор и за улогата на дијаспората во поттикнување на економскиот раст и развој на земјата.
Економија
Се зголемуваат цените на бензините, се намалува на дизелот

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,21 % во однос на одлуката од 05.05.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,847%, кај дизелот има намалување за 1,511%, кај екстра лесното масло исто така има намалување за 1,181% и кај мазутот намалувањето е за 2,906%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,3599%.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,592 ден/кг и сега ќе изнесува 35,450 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 13.5.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени, велат од РКЕ.
Економија
Димитриеска-Кочоска: Законски иницијативи за унапредување и зајакнување на регулаторната рамка и зголемување на довербата на граѓаните во финансискиот систем

Министерството за финансии презеде повеќе законски иницијативи за унапредување и зајакнување на регулаторната рамка со цел зголемување на довербата на граѓаните во финансискиот систем и градење силни банки, кои се силен партнер во спроведување на политиките на Владата за поддршка на домашната економија. Ова го наведува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во новото издание на Е-билтен на Македонската банкарска асоцијација, објавен во април 2025 година.
„Законот за решавање банки е најзначаен чекор во овој сегмент, со кој се создава нова регулаторна рамка која ќе овозможи навремена интервенција во кредитни институции со проблеми и предуслови за одржување на финансиската стабилност и довербата на јавноста во банкарскиот сектор, со истовремено избегнување на значително негативно влијание врз финансискиот систем преку обезбедување континуитет на клучните функции на банката. Односно, заштита на депонентите и клиентите“, пишува министерката.
Таа додава дека Законот, чија примена се очекува во последниот квартал од годината, пропишува правила, постапки и инструменти за решавање банка, овластувања на Народната банка како орган за решавање банки, како и активности по започнувањето на постапката за решавање банка и дека на овој начин ќе се обезбеди спречување на несолвентност и намалување на негативните последици врз финансискиот систем.
Според министерката со инструментите за ефективно решавање банки што ќе се воведат, ќе се гарантира избегнување на користење средства од даночните обврзници за спасување на овие институции. Тоа, наведува, значи дека употребата на државни инструменти е ограничена и ќе може да се активираат само во исклучителни околности, по исцрпување на сите други опции. Од друга страна, појаснува, со воспоставување на Фондот за решавање банки, Народната банка ќе биде надлежна за управување со постапките и средствата во случаи на финансиски проблеми.
Законот значи воспоставување пазарна дисциплина и доверба во банкарскиот сектор, како и усогласување со европските стандарди, што е значаен чекор напред во унапредување на регулаторната и супервизорската рамка во нашата земја.
Во текстот најавува дека дополнително зајакнување на финансиската стабилност и зајакнување на целокупниот финансиски систем заради зголемување на сигурноста на банкарскиот сектор се очекува и со законската инцијатива за нов закон за банките. Целта на новото законско решение е да се постигне зајакнување на капацитетот на банките за адекватно управување со ризиците поврзани со нивните активности, како и за апсорбирање на потенцијалните загуби што можат да настанат во деловното работење, чија имплементација дополнително ќе го подигне нивото на квалитетен капитал на банките и ќе ја зајакне супервизијата.
Димитриеска-Кочоска подвлекува дека во сите овие активности важна и за истакнување е улогата на Народната банка, како и зајакнувањето на нејзината независност, што се овозможува со последните измени и дополнувања на Законот за Народната банка.
Министерката во објавениот текст ја истакнува важноста на банкарскиот сектор во спроведување на економските политики на Влада, напоменувајќи ги активностите кои се одвиваат во реализација на обезбедените 250 милиони евра поволни кредити за домашните компании.