Економија
(Видео) Ги чувале лимоните за да ги продадат откако ќе скокне цената – се вршат детални проверки
Инспектори на Државнот пазарен инспекторат прават детални проверки кај неколку големи компании увозници на јужно овошје по огромниот скок на цената на лимоните. Стојко Пауновски, директор на Државниот пазарен инспекторат, објасни дека за проверките ќе им треба повеќе време оти се споредуваат увозните цени, маржите и залихите кај компаниите увозници, а истовремено се прават контроли и кај малите трговци.
Директорот Пауновски вели дека лимоните е очекувано да бидат поскапи не онолку колку што беа пред да се воведе владината мерка за ограничување на маржата.
„За лимоните откако излезе одлуката за најголема маржа за јужно овошје утврдивме дека 4-5 големи компании намерно имаат шпекулативен однос кон пазарот. Не го појавуваат овошјето со цел цената да се зголеми. Контролите кај големите трговци ќе потраат. Треба да ги видиме залихите, што набавувале по 11. 03за што бараме документи од Царината. Инспекторите одат и во книговодството на компаниите, да видат колку им била маржата од 01.01 до 11.03, од таа маржа поголема не смеат да пресметуваат на овошјето од увоз по 11.03. Има намерно прикажување на недостаток, сигурно преку инспекцискиот совет ќе известиме и за тоа. Лимоните ќе бидат поскапи, но не со овие цени со 50 посто разлика. Ако маржата пред овој датум била 20 – 25 посто ќе мора да ја вратат “, рече директорот Пауновски.
Во петокот минатата недела Владата со уредба ја замрзна цената на лимонот и другото јужно овошје. Ги задолжи компаниите за јужното овошје да пресметуваат маржа како што пресметувале во периодот од први јануари до единаесетти март годинава, кога Светската здравствена организација прогласи пандемија на коронавирусот.
„Според податоците добиени од Царинската управа на Северна Македонија за период од 11.03.2020 година до 19.03.2020 година увозната цена на портокалите се движи од 15 денари за килограм до 29,7 денари за килограм. Најизразена е маржата кај лимоните со оглед на тоа што увозната цена се движи од 32,3 денари по килограм до 45 денари по килограм. На ден 19.03.2020 година увозната цена на лимонот била 35 денари по килограм, а малопродажната цена достигна и до 180 денари по килограм“, соопшти во петокот Министерството за економија.
Директорот Пауновски апелира граѓаните да ги пријавуваат поскапените производи и покрај замрзнатите цени и објасни дека доколку кај некој трговец се повторува истата неправилност покрај предвидената казна ќе му биде одземена и стоката во корист на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците
Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,02 п.п., при што во јануари таа изнесува 2,20%, известува Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,48 п.п. и изнесува 4,73%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска
Економија
Николоски: Растот на превезена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места
Вкупното количество на превезена стока во товарниот патен превоз во четвртиот кварат од 2025 година е за 66, 7 проценти зголемен во споредба со истиот период 2024 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, информира министерот за транспорт, Александар Николоски.
Според него, големиот раст на превезнена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места.
„Државната статистика забележува и зголемување на карго превозот преку авиосообраќајот и тоа за 23, 7 проценти во четвриот квартал од 2025 година во споредба со истиот период 2024 година. Единствено се забележува намалување на железничкиот превоз за 13,4 проценти и тоа се должи на започнатите инфраструктурни проекти на железничката мрежа долж Коридор 10“, вели Николоски.
Ток, исто така, наведе дека во истиот пресметковен период во патничкиот транспорт превезени се вкупно 925 илјади патници, додека во воздухопловниот превоз регистрирани се 889 153 патници што, како што вели, покажува засилен раст како резултат на политиките за финансиска подршка што ги спроведува Министерството за транспорт за воведување на нови авиолинии.
Најмногу од патниците во делот на авиосообраќајот се превезени преку редовни авиолинии, а раст се забележува и кај чартер летовите.
Единствено намалување во четвриот квартал од 2025 година има во железнички превоз на патници и тоа според статистиката превезени се 34 илјади патници.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.

