Економија
(Видео) Заев: Економијата е стабилна и ќе расте, со ребалансот ги поддржуваме капиталните инвестиции

Ребалансот на Буџетот е во насока на поддршка на развојот и растот на економијата, со фокус на капиталните инвестиции, стимулирање на стопанството, обезбедени се плати, пензии, субвенции за земјоделството, притоа не изостанува и поддршката за ранливите категории граѓани, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција на која заедно со министерот за финансии Фатмир Бесими го презентираа ребалансот на Буџетот кој ќе биде доставен во Собранието.
Заев кажа дека станува збор за продуктивен ребаланс кој ги следи економските состојби, со запазена домаќинска грижа за јавните средства и максимална посветеност за справување со пандемијата.
„Економијата е стабилна и ќе расте. Владините проекции за раст на економијата остануваат 4,1% и со ребалансот на Буџетот. Поволното меѓународно окружување и процесот на масовна имунизација во земјата се очекува да влијаат позитивно врз очекувањата и довербата на домашните инвеститори. Во таа насока, инвестициите ќе имаат значајна улога во постепеното интензивирање на економијата. Реалниот раст на бруто-инвестициите е проектиран на 8% во 2021 година, во услови на очекуван раст и на јавните и на приватните инвестиции“, изјави премиерот.
Појасни дека потрошувачката, исто така, е предвидено да го поддржи растот на домашната побарувачка. Според Заев, приватната потрошувачка се очекува да забележи реален раст од 4%, во услови на враќање на довербата и оптимизмот со масовната вакцинација, опоравување на дознаките од странство, поддржана и од преземените фискални мерки за справување со пандемијата.
„Позитивни ефекти врз приватната потрошувачка се очекуваат и од кредитната поддршка на банките. Растот на јавната потрошувачка е проектиран на 4,3% на реална основа, којшто делумно се должи на расходите за справување со пандемијата“, изјави Заев.
Премиерот додаде дека извозот на стоки и услуги, се предвидува да забележи реален раст од 10,6%. Растот на извозната активност и на домашната побарувачка во 2021 година условуваат зголемен увоз на стоки и услуги, кој се очекува да се зголеми за 11% на реална основа.
„Креираме поволен деловен амбиент за отворање на нови работни места, поттикнати преку активните мерки и програми за вработување и поддршката за отворање нови работни места. Дополнително, растот на довербата на инвеститорите, новите инвестициски циклуси, значат раст и на побарувачката за работна сила. Очекуваме во 2021 година, бројот на вработени да се зголеми за 1%, што ќе придонесе просечната стапка на вработеност да се зголеми на 47,5%, додека стапката на невработеност да се намали на 15,8%“, рече премиерот.
Заев истакна дека со ребалансот на Буџетот се покачуваат и приходната и расходната страна на Буџетот. Приходната се покачува за 4,7%, додека расходната за 8,6%.
„Од една страна, тука е навистина добрата наплата на приходите изминатите месеци, а од друга страна тука се потребите кои треба да се обезбедат, како повеќе средства за ковид-мерките, зголемени потреби за здравство и вакцини, средства за земјоделството и поддршка на социјалните категории. Планирани се дополнителни 14,7 милијарди денари за тековни трансфери кои се однесуваат пред се на потребните средства за имплементирање на економските мерки за справување со пандемијата. Расходите за исплата на платите се проектирани на ниво од 31,6 милијарди денари во кој е вклучен ефектот од строга контрола на нови вработувања со цел оптимизација на јавната администрација и исплата на регрес на годишен одмор согласно Гранскиот колективен договор за органи на државна управа, општини, Државно правобранителство, обвинителство, фондови, агенции. Во расходите за субвенции и трансфери е планирана поддршка на земјоделскиот сектор со обезбедување на дополнителни 3 милијарди денари, како и обезбедување на средства за студентски оброк и дополнителни средства за радиодифузната дејност“, рече Заев.
Капиталните расходи или инвестиции се планирани на ниво од 30,5 милијарди денари или за 6,5 милијарди денари се повисоки во однос на планот за 2021 година, што е за 26,9% повеќе. Со овие измени и дополнувања на Буџетот за 2021 година извршено е редизајнирање на расходите со поголемо учество на капиталните расходи во вкупните расходи.
Министерот за финансии Бесими истакна дека е извршено редизајнирање на расходите со поголемо учество на капиталните расходи во вкупните расходи.
„Порастот од 26,9% на капиталните расходи е резултат на обезбедување на потребните средства за реализација на дел од мерките на Владата, а кои се однесуваат на кредити со 0% камата преку Развојната банка за најпогодените сектори од областа на туризмот, занаетчиството, угостителството, транспортот, индустријата за организација на настани, приватните здравствени установи и др, кредитна гарантна шема преку Развојната банка во периодот април-октомври 2021 година и формирање на Фонд за поддршка на истражување и развој преку Развојната банка. Кај буџетските корисници планирано е обезбедување на дополнителни средства за капитални инвестиции за реконструкција на јавните здравствени установи, во областа на детската заштита, реконструкција и опремување на старски домови и опремување на центри за лица со попреченост, во областа на патната инфраструктура, дополнителни средства за социјални станови, како и зголемен износ на средства за рурален развој“, рече Бесими.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
ЕСМ склучи договор со „Балкан јутилитис“ за набавка на гас за февруари

„ЕСМ продажба“ потпиша договор за набавка на природен гас за февруари 2023 за свои потреби, како и за потребите на други стопански субјекти во државата со фирмата „Балкан јутилитис“.
Како што информираат од ЕСМ, на јавниот повик, кој беше достапен за сите домашни и странски компании, пристигнале две понуди – фирмата „Актаел“ со понуда од 99,83 eвра/MWh, а фирмата „Балкан јутилитис“ со понуда од 98,71 евра/MWh.
„Понудените цени на гасот од страна на двете фирми ги опфаќаат сите трошоци за набавка на енергентот, како што се закуп на преносни капацитети, разни такси и маржа. Овој факт го потенцираме со цел да се избегнат евентуални шпекулации што би произлегле од цената на гасот на берзите во моментот, но во берзанската цена не се пресметани сите споменати дополнителни трошоци што произлегуваат од набавката, како што се закуп на преносни капацитети, разни такси и маржа.
Со понудувачот, кој имаше понудено пониска цена во моментот на носење на одлуката за избор, во случајот „Балкан јутилитис“, склучен е валиден деловен договор, кој ги содржи сите параметри од јавниот повик, односно количина, цена, динамика и гаранција за испорака“, соопштија од компанијата.
Со оваа набавка, како што појаснуваат, во целост ќе се задоволат потребите од природен гас за производство на топлинска енергија за топланите „Исток“, „Запад“, „Енергетика“ и „Скопје Север“, како и за други потрошувачи на природен гас во Македонија. Граѓаните да бидат сигурни и спокојни дека и во февруари ќе продолжи континуираното снабдување со топлинска енергија, додаваат од ЕСМ.
Јавен повик за набавка на природен гас за март 2023 година ќе биде спроведен во текот на февруари.
Економија
Нов салон на „Прима“ во Ѓорче Петров – нов центар за модерен и квалитетен мебел

Со новиот салон на „Прима“, населбата Ѓорче Петров станува нова дестинација за модерен и квалитетен мебел во Скопје и пошироко.
Познавајќи ја досегашната работа на „Прима“ како најголем производител на мебел на овие простори, новиот салон ќе биде место во кое се прикажуваат сите новитети во делот на нивниот оригинално дизајниран мебел, како и сите вредности кон кои се стремат во „Прима“: извонреден квалитет, модуларност, модерен дизајн, како и ред други услуги, со што се блиску до сите оние што сакаат модерен, едноставен и практичен начин на уредување на домот.
„Прима“ во своето портфолио нуди мебел за секоја просторија во домот: претсобје, дневен престој, трпезарии, кујни, детски и спални соби, како и целосна програма за спиење, со што, според зборовите на менаџерскиот тим, ја покажува својата цел да им излезе во пресрет на потребите и желбите на своите купувачи, особено на оние од помладата популација.
Дополнителна вредност на ребрендираната „Прима“ е најновата услуга што ја нуди, а тоа е дизајнирање на ентериерот, што секој заинтересиран купувач може да ја добие во најблискиот салон добивајќи решенија што одговараат на просторот и индивидуалните идеи на клиентите.
ПР
Економија
Во Швајцарија нагло забави извозот на накит, зголемен извозот на часовници

Трговскиот биланс на Швајцарија за 2022 година покажа четвртина помал суфицит од претходната година бидејќи увозот пораснал многу повеќе од извозот, покажаа денеска податоците на Федералната царинска управа.
Трговскиот суфицит од размената на Швајцарија со светот минатата година изнесувала 43,5 милијарди швајцарски франци (47,3 милијарди долари) и бил 25,6 отсто помал од 2021 година.
Извозот реално пораснал само 0,1 отсто по скокот од 9,5 отсто во 2021 година.
Номинално, извозот е зголемен 7,2 отсто, поддржан од постојано зголемување на цените, а увозот дури 16,8 отсто, покажуваат податоците на Царинската управа. Послабиот раст на извозот во 2022 година во голема мера го одразува падот на извозот на возила од 6,9 проценти. Намалени се и испораките на хемикалии и лекови, и тоа 4,4 отсто.
Растот на извозот на накит нагло забави, на 21,3 отсто, од 38 отсто во претходната година, што значително се одрази на вкупните извозни резултати во 2022 година.
Во последните три месеци од минатата година вкупниот трговски суфицит е намален 11,3 отсто во однос на претходните три месеци и се лизна на 7,1 милијарди франци. Истовремено, извозот е намален реално 1,8 отсто, а увозот 0,4 отсто.
На самиот крај на годината закрепна извозот и бележи пораст од 5,7 отсто во однос на ноември кога бележи пад од 2,7 отсто. Увозот, пак, е зголемен за првпат по три месеци и е за 0,3 отсто поголем во однос на ноември.
Извозот на часовници скокна 5,8 отсто на годишно ниво во декември и ја скрши границата од две милијарди франци, што никогаш претходно не се случило на крајот на годината, покажаа податоците од Швајцарската асоцијација за индустрија на часовници.
Во 2022 година Швајцарија извезла часовници во вредност од 24,8 милијарди франци, што е 11,4 отсто повеќе од претходната година, објави здружението.