Економија
(Видео) Заев и Анѓушев од Велес: По ратификацијата на преспанскиот договор – 4 нови инвестиции
„Со истата храброст со којашто го решивме спорот со името и ги отворивме вратите за членство на земјата во НАТО и ЕУ ќе влеземе во засилување на економијата за подобар животен стандард на нашите граѓaни“, порача премиерот Зоран Заев пред граѓаните на Велес на првата од серијалот трибини со граѓаните „Силна економија – шанса за сите“ на којашто заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев отворија дебата со велешани за економските остварувања и очекувања.
Премиерот Заев потврди дека државата е финансиски стабилна со ликвиден буџет и дека со зачленувањето на Република Македонија во НАТО и започнувањето на преговори со ЕУ се отвораат економските перспективи за развој и во тој правец премиерот ја потенцираше дека сега е време за добра организација и фокусирана работа на економијата.

„Ние веруваме дека ќе ја биде државата ако народот има повеќе пари, ако се зголемува куповната моќ на граѓаните. Првите мерки што ги донесовме беа да помогнеме да останат повеќе пари кај граѓаните или да вратиме повеќе пари кај граѓаните. Сега со отворени перспективи тоа е уште повозможно. Ќе наведам неколку примери. Ја зголемивме минималната плата на 12.000 денари. Тоа ја отвори спиралата на покачување на платите. Денеска дојдовме до просечна плата во Република Македонија која е за 1.600 денари повисока од пред година и пол. Сега просечната плата е 24.548 денари, претходно беше 22.889 денари. Дојдовме до просечна плата од 400 евра. Железни опинци ќе облечам, просечна плата од 500 евра ќе има во Република Македонија“, рече премиерот Заев.
Заев најави ново зголемување на минималната плата со кое ќе се води грижа и за трудоинтензивните дејности и потсети на укинувањето на радиодифузната такса со што им се оставија околу 15 милиони евра пари кај граѓаните.
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, истакна дека 2019 ќе биде економска година, а тоа е базирано на реален оптимизам кој се потпира на квалитетни економски проекти. Вицепремиерот дополни дека позитивните стапки за економски развој се можни, бидејќи за економски развој потребна е стабилност на државата, која со надминувањето на проблемот кој го имавме со Грција и пристапувањето кон НАТО е обезбедена, како и со мерките кои Владата ги усвои за финансиска поддршка на компаниите. По вчерашното гласање за договорот помеѓу Македонија и Грција во Грчкиот Парламент кое заврши со ратификација на договорот, четири реномирани компании потврдиле дека ќе реализираат свои инвестиции во Македонија. Вицепремиерот нагласи дека за уште подобра бизнис клима и повисок економски развој потребно е и повисоко ниво на владеење на правото, за што не треба да се чека, туку да се земат работите во сопствени раце и со голема посветеност да се завршат потребните реформи.
„За повисоки стапки на економскиот раст мора да се работи на развојот на индустријата. Владата обезбеди поддршка за македонските компании со кои се поттикнува конкурентноста на македонските компании, за технолошки развој, повисока продуктивност и со тоа повисок извоз. Во 2018 година поддржани се рекорден број, околу 250 компании, преку средства од буџетот. Во 2019 година во буџетот се обезбедени 36% повеќе средства во Програмата за економски развој. Владата со овие средства директно им помага на компаниите за набавка на нови машини и за знаења како да се употребуваат новите технологии, додека организацијата останува на менаџментот на компаниите“, подвлече Анѓушев.
Вицепремиерот рече дека Владата нема да спроведува проекти кои се насочени само кон еден град или регион, туку ќе се спроведуваат проекти кои ќе овозможат рамномерен регионален развој. Во таа насока Анѓушев потенцираше дека ќе се спроведуваат неколку многу важни проекти во Велес, со кои ќе се подобри животот и подигне животниот стандард на граѓаните.
„Преку КФВ банката обезбедени се 25 милиони евра со кои ќе се поврзат езерата Лисиче и Младост и ќе се подобрат условите за снабдување со питка вода и за вода за наводнување за Велес и околните населени места. Околу 1 милион евра, преку ИПА средствата се обезбедени за уредување на инфраструктурата на езерото Младост. Се планира санирање на мостот кај Башино село, воедно се проектира нов мост кај Речани и се планира изградба на нов пат, некој вид на обиколница за Велес, за полесен проток на возила во индустриските зони и избегнување на сообраќајниот метеж во градот“, заклучи вицепремиерот Анѓушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Фото+видео) Николоски: Со одлична динамика се гради автопатот Гостивар – Букојчани
Задоволство е да се гледа прогрес и да се гледааат добри резултати во изградбата на автопатот Гостивар – Букојчани. Имаме силна динамика, државата овозможува навремена логистика и со средства и во делот на експропријацијата и силната динамика ќе продолжи во следниот период за до крајот на 2029 година да возиме по овој автопат, изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој денеска заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, времениот вршител на работите во Амбасадата на САД, Никол Варнс, заменици министри, пратеници, градоначалници и директорот на ЈПДП Коце Трајановски извршија увид во изградбата на автопатот Гостивар-Букојчани.

„Работиме доста интензивно на оваа секција 2, односно на автопатот кој што оди од Гостивар до Букојчани, кој што од другата страна треба да се поврзе на автопатот Гостивар до Тетово, а во долната страна треба да се поврзе со автопатот кој ќе се гради од Букојчани до Кичево. Оттаму се поврзуваме на автопатот до Охрид и Струга кој веќе е во прогрес, така што ова е целиот автопат кој што оди на западното крило на Коридор 8, автопат кој што треба да го поврзе целиот овој регион, да донесе голем економски бенефит, повеќе бизнис и многу повеќе туристи” изјави вицепремиерот Николоски.



Тој истакна дека експропријацијата е завршена речиси 90 % што е за успех, а финансирањето е навремено што директно значи и навремена реализација на овој проект. Дополнително како што потенцира, градежништвото има историски раст од 21 %.
„Она што ми е драго е тоа што градежништвото расте, во третиот квартал минатата година растот беше од 21 %, што не е запаметено во независна Македонија и така ќе продолжиме во периодот што е пред нас. Обврските што ги имаше државата се веќе завршени, околу 90 % од експропријацијата е завршена, до сега исплатени се околу 470 милиони евра што за буџет како Македонија е огромна сума. Исто така целата логистика државата ја дава и останува компаниите да си ја завршат работата. Драго ми е што стоиме на мост што е 40 метри висок, ова е добро за македонските градежни компании и оние што ќе се занимаваат со градежништво во иднина, тука се вклучени Градежниот факултет, Архитектонскиот факултет и следните генерации да можат на конкретни и живи проекти да учат” истакна Николоски.


Упати благодарност до премиерот Мицкоски за подршката што ја дава за овој проект и најави силна динамика и крајот на 2029 година да биде завршен овој автопат без отстапки од рокот. Додаде дека интензивно се работи и на автопатите од Тетово до Гостивар како и автопатот од Прилеп до Битола.
Економија
Божиновска во теренска посета на „Мермерен Комбинат Прилеп“: Македонските ресурси мора да создаваат поголема додадена вредност дома
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека министерката Сања Божиновска реализирала теренска посета на рудниците и производствените капацитети на „Мермерен Комбинат АД Прилеп“.
Според соопштението на Министерството, Божиновска извршила непосреден увид во процесот на експлоатација на мермерот, условите за работа, механизацијата и технолошките процеси на комбинатот.
Раководството на компанијата ја информирало министерката за тековните инвестиции во модернизација на механизацијата, безбедноста при работа и мерките за рационално искористување на природните ресурси, со посебен акцент на одржливото користење на наоѓалиштето и заштита на животната средина.

Во соопштението се наведува дека на средбата се разговарало и за почитувањето на еколошките стандарди и обврските од концесиските договори, безбедносните услови за вработените, придонесот на компанијата кон локалната економија и можностите за зголемување на додадената вредност преку финална обработка на производите.

Божиновска истакнала дека теренските посети се клучни за реален увид во функционирањето на секторот и за креирање политики базирани на фактичка состојба.
„Природните ресурси се национален капитал и нивната експлоатација мора да значи поголема економска корист за државата и граѓаните. Наш приоритет е природните ресурси да носат долгорочна корист — преку инвестиции, нови технологии, безбедни работни услови и поголем степен на финална обработка. Рударството има силна економска улога, но неговиот развој мора да биде одговорен, транспарентен и во согласност со највисоките стандарди Нашата цел е јасна — модерно, одговорно и конкурентно рударство кое создава вредност дома, отвора работни места и обезбедува одржлив развој. Компаниите кои инвестираат во технологија, безбедност и заштита на животната средина се важен партнер во економскиот развој“, се наведува во соопштението.
Министерството додава дека посетата е дел од пошироките активности насочени кон засилено присуство на терен, подобра комуникација со индустријата и унапредување на надзорот и одржливото управување со минералните ресурси.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.

