Економија
(Видео) Маркоска: Нова линија бескаматни кредити од 10 милиони евра за поддршка на домашната економија

Пратеничката на СДСМ Даниела Маркоска на денешната прес конференција истакна дека владата продолжува со поддршка на домашната економија и преку петтиот пакет економски мерки.
„Воведуваме нова линија бескаматни кредити во износ од 615 милиони денари или 10 милиони евра, пари од Буџетот, кои ќе се пласираат преку Развојната банка. Висината на поединечните кредити ќе изнесува од 3.000 до 30.000 евра а нејзини корисници се фирми од областа на туризмот, угостителството, ивент-индустријата, приватните здравствени установи, трговци поединци и занаетчии. Оваа мерка има за цел да ја поддржи ликвидноста во стопанствотои да ја стимулира инвестициската активност на компаниите“, рече Маркоска.
Според неа, условите за оваа линија се направени на начин да ги наградуваат успешноста во работењето на фирмите, инвестициите и проширувањето на капацитетите.
Објасни дека „Ковид 4“ линијата предвидува грантови за успешност во случај доколку фирмите ги зголемат вкупните приходи во 2021 година за најмалку 10% споредено со 2020 година – тогаш ќе имаат право да побараат грант од 30% од кредитот, или во случај доколку го зголемат бројот на вработени во 2021 година за најмалку 5% – тогаш ќе можат да побараат грант од 20%.
Маркоска потсети дека доколку се исполнат и првиот и вториот услов, кредитокорисникот може да оствари право на грант од 50%.
„Вкупната сума на грантот може да изнесува од 600 евра – минимален износ, до 15.000 евра – максимален износ. Фирмите ќе можат да поднесат барање за грант-средства до банката, во моментот кога ќе отплатат 40% од кредитот“, рече Маркоска.
Таа додаде дека оваа кредитна линија е наменета за микро, мали и средни трговски друштва до 250 вработени од дејностите туризам, угостителство, ивент индустрија и транспорт, приватните здравствени установи, трговците поединци и занаетчиите, кои можат да докажат пад на приходите од најмалку 30% и имаат капитал и резерви во своите биланси не помалку од 33% од износот на бараниот кредит.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Се намалува цената на горивата

Малопродажните цени на бензините „евросупер БС-95“ и „евросупер БС-98“ се намалуваат 2,00 денара/л.
Малопродажните цени на „евродизелот (Д-Е V)“ и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се зголемува 0,065 денари/кг и сега ќе изнесува 41,411 денар/кг.
Од 7.2.2023 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
моторен бензин „евросупер БС-95“ – 82,00 (денара/литар)
моторен бензин „евросупер БС-98“ – 84,00 (денари/литар)
дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 78,50 (денари/литар)
масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 77,00 (денари/литар)
„мазут М-1 НС“ – 41,411 (денар/килограм)
Економија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита

Министерството за труд и социјална политика информира дека денеска почна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за јануари 2023 година.
Корисниците на парични права, кои поседуваат дебитна картичка, ќе може да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 6 февруари 2023 година.
Со цел да се избегне метеж пред и во банките при исплата на правата, за корисниците што не користат картички, исплатата ќе се спроведе во 2 групи во сите отворени филијали и експозитури на банките во согласност со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето, и тоа:
6.2.2023 – А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ; И, Ј, К, Л, Љ
7.2.2023 – М, Н, Њ, О; П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш
Економија
„Брако“ почна со производство на медицински паравани со нов дизајн

БРАКО почна да произведува медицински паравани со целосно нов дизајн. Параваните се изработени за потребите на партнерите на БРАКО од индустријата за медицинска опрема
„Станува збор за испорака на повеќе од 200 медицински алуминиумски паравани со нов современ дизајн. Комплетниот дизајн и развој на овие медицински паравани е направен од инженери во БРАКО. Досега параваните се произведуваа од челик, а сега за првпат БРАКО ги произведе од алуминиум. Покрај современиот дизајн, алуминиумските паравани се лесни за манипулација и попрактични за употреба. Квалитетот, брзата изработка и навремената испорака се во основата на медицинската програма, која е една од првите производствени програми во БРАКО“, посочува Сашко Димитров, одговорниот проект-менаџер на медицинската програма во БРАКО.
Медицинската палета на БРАКО се произведува согласно меѓународниот стандард ISO 9001, европските регулативи и директиви, како и во согласност со FDA регулативите во САД поврзани со медицинска опрема.
Најголемиот дел од производството во оваа програма, околу 95%, се наменети за извоз во Обединетото Кралство, Шведска, Германија, Холандија, Данска, Полска, Јапонија и САД.
Со примена на најновите практики и имплементација на современите технологии за поддршка на медицинските активности, производите на БРАКО ширум светот, придонесуваат во обезбедувањето навремена здравствена грижа за пациентите.
ПР