Економија
(Видео) Милевски: РЕК „Битола“ го води принуден управник и произведува политичка струја

„РЕК ‘Битола’ работи со минимален капацитет, со тоа се доведува снабдувањето на струја среде грејна сезона. РЕК ‘Битола’ има принуден управник, в.д. управник, тутор на генералниот директор на РЕК ‘Битола’ или што има? Ова прашање се слуша последните неколку месеци во Битола откако во РЕК ‘Битола’ производството на електрична енергија од ден на ден е сè помало и понеизвесно дали ќе работи РЕК ‘Битола’ или поради немање јаглен, ќе се исклучат сите три блока“, изјави Пеце Милевски, претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ – Битола.
Според него, човекот за кој се зборува дека е принуден управник е Љубчо Кижевски, помошник-директор за производство на АД ЕЛЕМ Скопје, кој сега е во функција на генерален директор на РЕК „Битола“.
„Кижевски често шета во РЕК ‘Битола’ со придружба на физичко обезбедување за на висок тон да сее страв меѓу вработените со закани за казнувања или бркања. Вработените се сомневаат дека тој однос е последица на неговата нестручност зашто моментниот проблем е немањето јаглен, а принудниот е електроинженер. Но, сега за битолчани остануваат неразјаснети многу прашања: зошто на генералниот директор на РЕК ‘Битола’, Златко Ќурчиевски, кој има над дваесетгодишно работно искуство во комбинатот, му е испратен принуден стручњак, кој никогаш нема работено во РЕК ‘Битола’ и е кадар на РЕК ‘Осломеј’ ,кој не работи повеќе години и секогаш работел полошо од РЕК ‘Битола’ и е пред затворање? Дали Кижевски е испратен од генералниот директор на АД ЕЛЕМ, Васко Ковачевски, да го контролира Ќурчиевски како директор на РЕК ‘Битола’, како претседател на општинската организација на СДСM во Битола? Дали со присуството на Љубчо Кижевски во РЕК ‘Битола’ се подобри состојбата за производството или резултатот од неговата работа е повторно поплавен рудник, празна депонија и минимално производство на електрична енергија?
ВМРО-ДПМНЕ – Битола како конструктивна опозиција му предлага на генералниот директор на АД ЕЛЕМ, Васко Ковачевски, поранешен пратеник на СДСM и поранешен претседател на општинската организација на СДСM во Битола, внатрепартиските борби да ги решава во рамките на партијата, а не преку работењето на АД ЕЛЕМ и РЕК ‘Битола’, каде што жртви се стабилноста на енергетскиот систем на државата, вработените и сите граѓани на Република Македонија. Ова ќе го постигне само ако си поднесе оставка на сегашната функција од причина неспособност и комплетно да си се посвети на својата политичка кариера, која изгледа дека е на залезот, а со тоа и на РЕК ‘Битола’ ќе му обезбеди барем посветла и подобра иднина“, изјави тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Алкалоид“ со 210 нови вработувања, со инвестиции во износ од над 1,5 милијарди денари и со раст на консолидираните продажби во 2020

Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-декември 2020 година, продажбите достигнуваат 9.188.259.186 денари, што е за 9% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 12.132.328.349 денари, што е за 9% повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 9%. Вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен исто така за 9%. Од вкупните консолидирани продажби, 35% се остварени на домашен пазар, додека 65% се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20%, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 10%, а на другите пазари се остварени 2% од вкупните консолидирани продажби.
Најзабележителен раст е остварен во Чешка, раст од 44%, Албанија бележи раст од 42%, Грузија раст од 31%, Унгарија раст од 29%, Ерменија раст од 20%, Бугарија раст од 18%, Романија раст од 15%, Србија раст од 14%, Словенија раст од 12%, Русија раст од 10% итн. Во 2020 година реализирани се првите продажби на сегментот Фармација во Канада во вредност од 30,4 милиони денари..
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 87%. Од нив поголем удел имаат препаратите ОТЦ со удел од 22%, антибиотиците со 16%, кардиолошките препарати со 14%, невролошките препарати заземаат 13% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 13% во вкупните консолидирани продажби, поточно хемијата учествува со 2%, козметиката со 8%, а билкарството учествува со 3%.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.959.849.982 денари, бележи зголемување од околу 10%, додека единечната нето-добивка изнесува 1.142.650.910 денари и е зголемена за 13%.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 2.077.934.491 денари и бележи раст од 12%, додека консолидираната нето-добивка во износ од 1.167.484.742 денари е зголемена за 15%.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства, во периодот јануари-декември 2020 година, изнесуваат 1.571.226.812 денари, што е за 44% повеќе во однос на истиот период од 2019 година.
Реализацијата на инвестициските активности, вредни над 12 милиони евра, наменети за проширување на производните капацитети, како и за подобрување на енергетската ефикасност и за намалување на штетните емисии во воздухот, кои започнаа во 2019 година, се одвива во согласност со планираното.
Вработени
Во периодот јануари-декември 2020 година во „Алкалоид“ се реализирани 210 нови вработувања во Р.С.Македонија. На крајот на декември 2020 година во „Алкалоид“ во земјата работат 1.832 вработени, додека во друштвата и во претставништвата во странство има вкупно 560 вработени или вкупно 2.392 вработени во групацијата.
Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2020 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата, во висина од 29.687 денари бруто, односно 26.718 денари нето.
Во декември 2020 Управниот одбор по повод новогодишните и божиќни празници, а имајќи ги предвид отежнатите услови за работење на сите вработени за време на справување со Ковид пандемијата во 2020 година и во знак на благодарност, одобри исплата на новогодишен надоместок во нето износ од 25.000 денари.
Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на „Македонска берза за хартии од вредност“ од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари-декември 2020 година се движеше од 8.354,00 денари до 13.499,00 денари или просечно 12.174,86 денари за една акција, што претставува раст од 28% во споредба со просечната цена во истиот период од 2019 година. Пазарната капитализација на компанијата на 31.12.2020 изнесуваше 18.9 милијарди денари.
Бизнис-план за 2021 година
Бизнис-планот за 2021 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, на Седницата одржана на 29.12.2020 година, предвидува инвестирање на околу 12% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 7% на консолидираните продажби во однос на 2020 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2020 година.
Бизнис-планот за 2021 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2021 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат од прикажаните во Бизнис-планот.
Очекувања за претстојниот период
Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на COVID 19. Ние во „Алкалоид“ презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото. Во втората половина од годината дојде до одредено балансирање на нивото на залихите кај нашите купувачи, како и до стабилизирање на порастот на приходи од продажби. Во претстојниот период, врвен приоритет и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност и на финансиската стабилност.
(ПР текст)
Економија
Трговската размена меѓу Македонија и Германија бележи пад од 15 отсто

Трговската размена помеѓу Германија и Северна Македонија во 2020 година бележи пад од 15% во однос на 2019 година, информираат од Делегацијата на германското стопанство.
Според нивните анализи, извозот на нашата држава кон Германија во 2019 изнесувал 3,2 милијарди евра, додека во 2020 тој изнесувал 2,8 милијарди евра, односно е намален за 13,3%.
Увозот од Германија во Северна Македонија во 2019 бил во висина од 1,3 милијарди евра, а во 2020 тој изнесувал 1 милијарди евра и бележи пад во висина од 18%, стои во информацијата.
„Работиме на нашето портфолио на услуги и сакаме како за германските инвеститори, така и за компаниите добавувачи од Северна Македонија, Албанија и Косово да бидеме One Stop Shop“, информираат од делегацијата на германското стопанство.
Економија
Одобрена финансиска поддршка од 50 милиони денари за радијата и телевизиите

Владата, во рамките на 48. седница, денеска донесе одлука за одобрување средства од буџетот во износ од 50.000.000 денари на Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги (АВМУ) како поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот.
Како што информираат од владината прес-служба, овие средства се наменети за реализација на мерката 3 од петтиот пакет економски мерки, со која ќе им се обезбедат средства за финансиска поддршка на радиодифузерите за надомест на средства платени по основ на такси, давачки и надоместоци за вршење радиодифузна дејност и кои се документирани во финансиската евиденција на АВМУ.
Притоа се задолжува Генералниот секретаријат на Владата средствата од оваа одлука да ги уплати на наменска сметка на АВМУ.
Во согласност со одлуката, овие средства Агенцијата треба да ги искористи исклучиво за намената за која се доделени, односно за надоместување на средствата што не се реализирани по основ на наплата на такси, давачки и надоместоци за вршење радиодифузна дејност и кои се документирани во нејзината финансиска евиденција.
За искористувањето на средствата, Агенцијата ќе треба да достави извештај до Владата во рок од 15 дена од завршување на активностите.
Во извештајот ќе биде потребно поединечно да се набројат секој од радиодифузерите со висина на надоместокот што го должел и е покриен со средствата од оваа одлука, како и бројот на фактурата со кој тој бил задолжен.
Агенцијата е должна да достави примерок од извештајот и до Управата за јавни приходи за потребите на системот на данокот на додадена вредност и реализација на целите на данокот на додадена вредност.
При утврдени неправилности и ненаменско користење на средствата потребно е АВМУ средствата да ги врати во буџетот.
- Книги2 месеци
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Црна хроника3 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Македонија3 месеци
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Македонија2 месеци
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот
- Регион2 месеци
(Видео) Прекината прес-конференција на градоначалникот на Бања Лука: „Луѓе ова е сериозен земјотрес“
- Регион2 месеци
(Видео) Снимен моментот на потресот во Петриња – луѓе не можат да се задржат на земјата
- Свет4 недели
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер