Економија
(Видео) Над 130 компании и повеќе од 500 домашни изведувачи опфатени со петтиот пакет мерки
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и генералниот секретар на Владата Мухамед Зеќири во име на Владата денеска ги потпишуваа договорите со 33 компании со проекти за финансиска поддршка на индустријата и операторите за организација на настани, со задолжително ангажирање домашни изведувачи за реализација на настани на теми со кои се одбележува 30 години независност на Македонија.
„ Со оваа одлука, за одобрување на средства од буџетот на државата во висина од 61 милион и 499 илјади денари, односно околу еден милион евра, наменети за реализација на проекти на 33 компании од оваа дејност, успешно заокруживме постапка со која се помогнати не само економските оператори за организација на настани туку и голем број домашните изведувачи и подизведувачи кои беа директно погодени од пандемијата во последните година и половина“, рече вицепремиерот Битиќи.
Тој додаде дека јавниот повик е мерка од петтиот сет и не е единствената поддршка која Владата ја обезбедува за индустријата за организација на настани.
„На вчерашната Владина седница усвоивме и одлука за мерка од шестиот пакет, која се однесува за директна финансиска поддршка на компаниите од индустријата, за директна финансиска помош во износ од 15.443.661 денари кои ќе бидат исплатени на трансакциските сметки на компаниите кои ги исполнија критериумите“, истакна Битиќи.
Генералниот секретар на Владата Мухамед Зеќири изрази задоволство од бројот на апликациите и од квалитетот на понудената содржина во проектите.
„ Со овој повик ќе се поддржат 33 проекти и 33 компании носители на проектите, најмалку петстотини изведувачи на јавните настани, најмалку 130 компании подизведувачи. Јас можам во оваа пригода да кажам дека одзивот не само што беше голем, туку и содржински целосно ги исполни нашите очекувања и планови“, потенцираше Зеќири.
Тој уште додаде дека несомнено дадените насоки биле инспирација за многу од компаниите што аплицираа и дека тоа е видливо од шареноликоста на понудените содржини кои на граѓаните ќе им овозможи лето за паметење со свечени настани, фестивали, концерти, проекции, изведби, работилници, изложби, претстави, конференции, сесии, спортски и друг тип настани од јавен карактер, како дел од програмата со која најдостојно ќе се одбележи големиот јубилеј – 30 години независност на Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Над 600 вработени во ЕСМ стекнаа вештини за стабилен и одржлив енергетски систем
Министерството за енергетика, рударство и минерални во соработка со АД ЕСМ и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), го одбележа завршувањето на два проекти за развој на работната сила кои ја поддржуваат праведната енергетска транзиција. Церемонијата за доделување сертификати се одржа во Битола, со присуство на надлежни претставници од институциите и меѓународните партнери.
Проектите се дел од Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција на Северна Македонија, координирана од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Целта е да се поддржат работниците и заедниците погодени од транзицијата од јаглен преку зајакнување на вештините, подобрување на вработливоста и градење отпорност во енергетскиот сектор.
Во рамки на двата проекта, повеќе од 600 вработени во ЕСМ учествуваа во структурирани програми за обука кои опфатија технички и менаџерски вештини, вклучително продуктивност, управување со енергија, лидерство, комуникација и инсталација на соларни системи. Иницијативите беа поддржани од Јапонскиот фонд за техничка соработка и Bloomberg Philanthropies, преку ЕБОР.
Поздравувајќи го завршувањето на програмата, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, изјави:
„Праведната транзиција не значи само чиста енергија. Таа значи луѓето да имаат место во иднината што ја создаваме. А промените бараат нови вештини, нови пристапи и постојано учење. Затоа вложувањето во знаење е еднакво важно како и вложувањето во нови енергетски капацитети. Модерната енергија започнува токму тука – со луѓето. А модернизацијата не се случува сама — таа се учи, се гради и се води. Над 600 вработени во АД ЕСМ стекнаа нови знаења и компетенции за да се справат со претстојните промени. Ова ја прави институцијата посилна, поотпорна и подготвена за предизвиците што следуваат, а државата добива посигурен и постабилен енергетски систем. На сите што се стекнаа со сертификаати сакам да им порачам: Ова не е само признание за завршена обука — ова е доверба дека токму вие сте носителите на промените. “
Говорејќи на настанот, раководителот на Канцеларијата на ЕБОР во Северна Македонија, Фатих Туркменоглу, ја нагласи важноста од инвестирање во луѓето како основа за успешна енергетска транзиција. Тој истакна дека региони како Битола и Осломеј со децении играат клучна улога во обезбедувањето на националната енергетска сигурност, и дека работниците и заедниците мора да бидат поддржани додека енергетскиот систем се трансформира.
ЕБОР, исто така, го најави започнувањето на платформата „Women-led Coal Transition“ во вредност од 150.000 американски долари за Северна Македонија, која особено ќе ги поддржи жените вработени во енергетскиот сектор и погодени од транзицијата.
„Како што регионите зависни од јаглен влегуваат во ново поглавје, континуираните инвестиции во вештини, иновации и локален економски развој ќе останат клучни за обезбедување просперитет на заедниците како Битола и Осломеј во услови на енергетска транзиција. Завршувањето на овие програми претставува значаен чекор во патот на Северна Македонија кон праведна транзиција, покажувајќи дека долгорочното инвестирање во луѓето е од суштинско значење за изградба на модерен, конкурентен и одржлив енергетски систем“, соопштија од Министерството.
Економија
Божиновска – Коњановски: Eнергетскиот развој на Битола важен чекор за поефикасна и одржлива општина
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на која беа разгледани можностите за продлабочување на институционалната соработка и реализација на заеднички развојни приоритети во наредниот период.
Во фокусот на разговорите беа проектите за енергетска ефикасност како клучен инструмент за намалување на трошоците на локално ниво, модернизација на јавната инфраструктура и создавање поодржлива урбана средина. Соговорниците се согласија дека општините имаат суштинска улога во енергетската транзиција, а државната поддршка мора да се претвори во конкретни и мерливи резултати за граѓаните.
Министерката Божиновска нагласи дека партнерството меѓу централната и локалната власт е предуслов за ефикасна реализација на реформите во енергетиката.
„Енергетската ефикасност е директна инвестиција во квалитетот на живот. Нашата цел е секоја општина да добие реална можност за модернизација, пониски трошоци и одржлив локален развој,“ истакна Божиновска.
На средбата беше договорено продолжување на координираните активности меѓу Министерството и Општина Битола, со имплементација на проекти што ќе донесат долгорочни придобивки за граѓаните и локалната економија.
Економија
(Видео) Тренчевска до власта: Намалете од луксузот и зголемете ја минималната плата на 600 евра
Минималната плата е еден од клучните механизми преку кои државата директно влијае врз животниот стандард на граѓаните, врз пазарот на труд и социјалната кохезија. Нејзината динамика на раст и начинот на усогласување се директно поврзани со борбата против сиромаштијата, намалувањето на нееднаквоста и обезбедувањето достоинствени услови за работа на работниците, рече потпреседателката на СДСМ, Јована Тречевска, на денешната собраниска седница на којашто на дневен ред е предлог-законот на СДСМ за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предлага минималната плата да се зголеми на 600 евра.
Таа посочи дека Владата во одредени услови мора да носи политички одлуки. Таков бил и случајот со зголемувањето на минималната плата во 2022 година, за време на владеењето на СДСМ, од 15.000 на 18.000 денари, направено во дијалог со работниците и работодавачите.
„Често слушаме дека сегашната Владата остава работодавачите и работниците сами да се договорат, но социјалниот дијалог во државата е трипартиски: во него се вклучени Владата, работниците и работодавачите. Владата не може да биде само модератор, туку е активен учесник и партнер во социјалното договарање, слушајќи ги барањата на работниците и поддржувајќи ги и работодавачите,“ посочи Тречевска.
Таа рече дека во времето кога СДСМ ја предводеле Владата платите тројно се покачиле.
„Минималната плата речиси тројно се покачи, од 8.000 на 22.500 денари, благодарение на добрите политики на СДСМ . Истовремено, како што растеше минималната плата, растеше и просечната плата, од 23.850 денари во 2024 година, скоро до 40.000 денари. Во однос на синдикалната кошничка, таа изнесува 67.382 денари во февруари 2026 година, споредено со февруари лани, што значи зголемување од скоро 1.000 денари. А во однос на 2022 година, таа е зголемена за повеќе од 30.000 денари. Овие аргументи јасно покажуваат зошто треба да се излезе во пресрет на барањата на работниците за минимална плата од 36.000 денари. Предлог-законот дава јасни насоки за финансирање на ова зголемување, преку намалување на луксузните расходи и пренасочување на средствата кон повисока минимална плата,“ рече Тречевска.

