Економија
(Видео) Николова: Нови 50 милиони евра за производство на струја, останува мерката за 80% субвенционирање на сметките за граѓаните
Пред нас е една од најтешките зими поради глобалната економска и енергетска криза. Постои недостаток од енергенси и електрична енергија и превисоки цени поради воената инвазија на Русија врз Украина. СДСМ и коалицијата, преку институциите кои ги предводат и Владата, преземаат навремени мерки за заштита на стандардот на граѓаните и обезбедување на соодветно количество енергија и храна за престојната зима, вели Даниела Николова, пратеничка на СДСМ.
Додаде дека за граѓаните да бидат заштитени да може да го издржат притисокот семејните буџети Владата односно државата обезбедува субвенционирање на 80% од цената на сметката за струја за граѓаните. Тоа е, како што дополни, сериозна мерка со што граѓаните плаќаат само околу 20% од цената.
„Во овој момент сите граѓани, но и 72.000 мали потрошувачи, а тоа се помалу приватни компании добиваат 80% субвенционирана цена на електрична енергија. Зголемено е и домашното производство на струја, се ставаат во функција сите расположливи капацитети и енергетски потенцијали, како и од нови обновливи извори на енергија. Со последната одлука, обезбедени се нови 50 милиони евра на ЕСМ, да може дополнително да го зголеми производството. Со Ребалнасот на буџетот резервиравме 76 милиони евра за нови мерки за помош“, истакна Николова.
Според неа, на сила се и мерките за заштеда на струја.
„Преку иницијативата Отворен Балкан се развива и регионалната соработка во делот на енергетиката и взаемната помош на трите држави за справување со кризата.
Тоа е одговорно и државнички во време на светска енергетска криза. Од друга страна ја гледаме опозициската ВМРО-ДПМНЕ, седат на страна, кочат, најавуваат нови блокади на Собранието, одмагаат наместо да им помогнат на граѓаните, на државата. Тоа е истиот тој Мицкоски, кој останува запаметен како најнеуспешен директор на ЕЛЕМ и советник за енергетика во владата на Груевски. Во времето на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски без енергетска криза и со многу ниски цени на светските брзи, цената на струјата беше зголемена за 100%, а се набавуваше електрична енергија по цена 3-4 пати повисока од пазарната“, потенцира пратеничката на СДСМ.
Очкува, како што рече, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се вразумат, да ги стават интересите на граѓаните на прво место и да делуваат конструктивно во време на глобална криза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

