Економија
(Видео) Славески: Буџет со погрешни проекции е нереален буџет
Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција истакна дека проекциите на Владата за буџетот за 2022 година се направени погрешно. За 2022 година министерството за финансии очекува раст на БДП од високи 4,6%, што според Славески е малку веројатно дека ќе се оствари.
„ За тековната 2021 година, која е појдовна основа за проекциите, Министерството за финансии предвидува раст од 4,1%. Но високофреквентните показатели за третиот квартал од оваа тековната година упатуваат дека растот во втората половина од 2021 година најверојатно ќе биде низок или можеби негативен. Во септември 2021 година растот на индустриското производство изнесува – 8%, додека градежништвото во јули и август забележува двоцифрен пад. Автомобилската индустрија во Република Македонија се соочува со сериозни проблеми во синџирите на снабдување. Сето ова упатува дека растот во 2021 година, најверојатно ќе биде значително понизок од предвидениот.
Во изминатите пет години од практикување на власта од страна на СДСМ и ДУИ растот на БДП никогаш не надминал 4%. Притоа, нејасно е како ќе се оствари овој раст во услови на големи проблеми во светот со синџирите на снабдување, можната енергетска криза, како и сè уште присутната здравствена криза. Инфлацијата претставува дополнителен проблем, а во проекциите на Министерството за финансии овие проблеми на волшебен начин исчезнуваат во втората половина од 2022 година“, рече Славески.
Ваквите нереални проекции, според него, придонесуваат за нереално проектирање на приходната страна на буџетот. Вели дека нереално проектираните приходи даваат искривена слика и проблеми во менаџирањето со јавните финансии.
„На расходната страна, порастот на платите е арбитрарен и се однесува само на одредени институции. Се поставува прашањето по кои критериуми министерството за финансии утврдило кои вработени и во кои институции колкав процент на зголемување на платите ќе добијат. Тоа навистина не е фер кон голем број вработени во државната управа и во јавниот сектор во целина“, смета тој.
Најави дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт, платите во овие дејности ќе растат со еднаков процент секоја година. На тој начин, како што рече, полицијата и војската нема да бидат дискриминирани како што е тој случај сега што проекциите за буџетот за 2022 година.
„Сомнително растат буџетите на институциите задолжени за јавна безбедност. Имено, буџетот на ОТА –Оперативно техничка агенција се зголемува за цели 60%, а за 20% се зголемува и буџетот на Агенцијата за разузнавање. Субвенциите за приватниот сектор се намалуваат како резултат на намалување на потребата за субвенционирање на претпријатијата погодени со мерките од кризата со Ковид-19. Но овој износ би требало да се рефлектира кај буџетскиот дефицит и истиот да се врати на предпандемиските нивоа. Капиталните расходи се планираат на неверојатни 37 милијарди денари. Но практиката од минатото покажа дека Владата предводена од СДСМ нема капацитет за реализација на капитални инвестиции“, појасни Славески.
Тој додаде дека во буџетот за следната година не се предвидени никакви средства за помош на ЕЛЕМ и МЕПСО.
„ Овие енергетски компании се во длабока криза и доколку не им се помогне, Република Македонија ќе остане без електрична енергија. Неодговорното менаџирање со секторот енергетика во изминатиот период врши и во иднина ќе врши сериозни притисоци врз државниот буџет, а сметката за последиците од ова ја плаќаат граѓаните“, обвини Славески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.

