Економија
(Видео) Филиповска-Грашкоска: Kапацитетите на сите инспекторати се подигнати на највисоко ниво, ова е заедничка битка

Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, на денешната редовна прес-конференција информираше за инспекциските надзори направени од страна на шест инспекторати во периодот од 5 до 11 октомври.
Како што објасни таа, надзорите биле во насока на почитувањето на владините уредби и протоколи за превенција од коронавирусот, но и во однос на почитување на материјалните закони.
„Би сакала да потенцирам дека капацитетите на сите инспекторати се подигнати на највисоко ниво, инспекторите на терен вршат засилени контроли, навремено и неселективно се постапува во случај доколку се забележи одредено прекршување на законите и на протоколите“, истакна таа.
Во посочениот период инспекторите од Државниот пазарен инспекторат извршиле 2.881 контрола и 290 надзори.
При тоа поднесени се 23 прекршочни пријави, 19 кривични пријави за непочитување на ковид-протоколите (свадби, дозволен број на маси, дозволено растојание) и изречени се 5 решенија за други прекршоци.
Со оглед на изминатиот „викенд без ДДВ“, претседателката ги презентираше и податоците за контролите на Државниот пазарен инспекторат, кои се однесуваат конкретно на изминатите три дена додека траеше викендот без ДДВ.
„Инспекторите од пазарниот инспекторат вршеа интензивни контроли поради викендот без ДДВ, а во насока на контрола на тоа дали цените на производите воведени во трговските книги на трговците соодветствуваат со истакнатите цени на производите, со цел да се спречат можни манипулации со цените на производите. Тука ќе споменам дека за време на викендот без ДДВ инспекторите имаат констатирано 15 прекршоци на Законите за трговија и за заштита на потрошувачите“, посочи Филиповска-Грашкоска.
Претседателката на Инспекцискиот совет нагласи и дека Државниот здравствен и санитарен инспекторат изминатата недела извршил 126 надзори по однос на здравствените протоколи и по претставки.
„Во периодот од 5 октомври заклучно со 11 октомври овој инспекторат издаде 3.929 решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на Ковид-19 и лица кои биле во контакт со заболени“, рече таа.
Државниот инспекторат за труд за седум дена спровел 409 надзори во правни субјекти на територијата на целата држава, со фокус на почитување на протоколите во насока на заштита на здравјето на вработените.
„При овие надзори, од страна на трудовите инспектори донесени се 17 решенија што се однесуваат на утврдени неправилности од областа на работните односи“, кажа Филиповска-Грашкоска.
Инспекторат за транспорт извршил 48 надзори, при што изречени се 2 кривични пријави за непочитување на здравствениот протокол за меѓународен превоз на патници на граничниот премин Деве Баир, како и 4 прекршочни пријави, 5 решенија и 9 платни налози по основ на прекршување на материјалните закони (Закон за превоз во патен сообраќај, Закон за време на мобилните работници и Законот за превоз на опасни материјали).
Во истиот период Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) има спроведено 60 надзори во аптеки по основ почитување на мерките на Владата на РСМ и издавањето на антибиотици, при што не се констатирани прекршувања на законските одредби и отстапувања од протоколите.
Агенцијата за храна и ветеринарство извршила 287 надзори во периодот од 5 до 11 октомври.
При тоа издадени биле 5 решенија, 2 платни налога и 40 едукации за неизвршени здравствени прегледи, неводење записи за хигиена, неспроведување на општи хигиенски мерки.
„Со цел поголемо почитување на здравствените протоколи и спречување на ширењето на коронавирусот, неодамна Владата ги усвои измените на Законот за заштита на население од заразни болести, кои беа на наше барање. Со овие измени сите инспекциски служби добиваат нови, поголеми овластувања за справување со прекршителите на ковид-протоколите. Досега само Државниот здравствен и санитарен инспекторат имаше овластувања да изрекува мерки, а другите инспекциски служби само поднесуваа кривични пријави за непочитување на протоколите согласно Кривичниот законик. Со новите законски измени вакво овластување за изрекување забрана за работа и прекршочен платен налог добиваат и Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт и за другите инспекторати на централно и локално ниво“, објасни Филиповска-Грашкоска и додаде дека законските измени се веќе пратени во Собрание, а штом бидат изгласани и објавени во „Службен весник“, инспекторите веднаш ќе почнат да постапуваат според новите овластувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
(Видео) Мицкоски: Нова инвестиција од 30 милиони евра и 300 нови вработувања

Gentherm со нов инвестициски циклус го потврдува она што сите го чувствуваме, дека Македонија станува сигурна дестинација за долгорочни, стратешки и технолошки напредни инвестиции, истакна
премиерот Христијан Мицкоски.
Инвестицијата согласно деловниот план на компанијата ќе изнесува повеќе од 30 милиони евра со 300 нови вработувања и станува збор за високо интегрирани системи за автомобилската индустрија – со нова технолошка опрема, автоматизирани линии и современо производство. Ова значително ќе го зголеми извозот и ова е високо технолошко производство кое докажува дека сме конкурентни и на тој пазар, најави Мицкоски.
Со тоа, како што рече, стануваме регионален хаб на Gentherm за Европа.
Ова, додаде Мицкоски не е само уште една инвестиција туку двигател на нашата економија.
„Со вакви проекти расте индустриското производство, се отвораат нови работни места, се зголемува извозот, а со тоа расте и довербата во нашата економија, расте вредноста на македонското знаење, умеење и труд. Во време кога владите трошеа енергија на корупција, на непотизам и на лажни ветувања, ние градиме реално, отвораме фабрики, носиме инвеститори, креираме иднина.
Се бориме за секој инвеститор домашен и странски. За секоја нова хала, секое ново работно место, секој денар инвестиран овде“, додаде тој.
Оцени дека економијата не се води со пароли, туку со проекти, со партнерства и со сигурни инвестиции.
„Gentherm е уште еден доказ дека доаѓа времето на Македонија“.
Економија
Стојаноски: За првпат после долго време, носиме ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи

Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната Комисија за финансирање и буџет, се обрати и истакна дека ребалансот е резултат на анализа, одговорност и јасна визија. Според него, со зголемени приходи и рационално трошење, се вложува во плати, пензии, образование, здравство, транспорт, локален развој и млади. Стојаноски додаде дека ова не е симболика, туку конкретна инвестиција во квалитетен и достоинствен живот за сите граѓани во земјава.
,,Ова е порака, порака за нова економска парадигма, порака за домаќинско водење на државните финансии, порака дека не чекаме кризите да не затекнат, туку со рационален пристап и силна политичка волја ги пренасочуваме средствата таму каде што најмногу треба кај граѓаните. Затоа што буџетот, тоа не се само бројки. Тоа е политика во својата најконкретна форма За првпат после долго време, носиме Ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи“, рече Стојаноски.
Истакна дека со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за плати 800 милиони денари, пензии 2,5 милијарди денари и капитални проекти 300 милиони денари, со што се засилува економскиот развој.
,,Оваа рамка е показател дека Буџетот не е притиснат и потрошен, туку управуван мудро и рационално. Приходите растат, трошењето е контролирано, а приоритетите се кристално јасни“, кажа Стојаноски.
Тој посочи дека ова ќе овозможи повеќе луѓе со попреченост да живеат во заедницата, а не во институции, а ќе има повеќе лични асистенти, повеќе дневни центри, повеќе услуги достапни во секоја општина. Тој напомена и дека најважно од се е тоа што значи дека младите не се заборавени, туку активно вклучени во секоја социјална политика.
Тој додаде дека овој ребаланс значи вложување во луѓето и иднината, во подобри услови за факултети, студентски домови и училишта, во достапен транспорт и здравство за сите, без разлика каде живеат, во поддршка за културата, енергетска независност и младите. Според него, ова не е трошок туку инвестиција во достоинствен живот.
Економија
Битиќи: Ребалансот e признание дека Владата ја загубила финансиската контрола, со дефицит од 4 проценти, над законскиот лимит

Овој ребаланс е индиректно признание дека Владата ја изгубила фискалната контрола и јасно огледало на продлабочената фискална неодговорност во јавните финансии. Наместо реално прилагодување и развојна ориентација, добиваме документ кој прикрива неизвршени ветувања и скицира нереална економска слика, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната седница за ребаланс.
Тој истакна дека иако дефицитот останува на 4% од БДП, тоа е над законскиот максимум од 3%, а отстапување е дозволено само во вонредни ситуации кои во нашата земја не постојат.
„Владата веќе не контролира фискална рамнотежа и го користи ребалансот како политички инструмент. Дефицитот речиси се удвои за месец и половина, од 13,4 на 27,5 милијарди денари. Таков раст не се случува во економија со здрава фискална дисциплина и е знак за неефикасно управување и неконтролирана јавна потрошувачка. Ако приходите растат по 40%, а расходите достигнаа 44%, дали оваа Влада има план? Или троши сè како да нема утре?“ – рече Битиќи.
Според него, наместо реална прераспределба, ребалансот е само козметика, розово на хартија, а црвено во реалноста. Ова не е буџет со план, туку импровизација за политички цели.
„Новото задолжување од 500 милиони евра и скриените долгови од над 700 милиони евра создаваат дополнителен фискален товар што ја загрозува економската стабилност и ќе мора да се решава во иднина.
Разочарувачки е и нискиот степен на реализација на капиталните инвестиции – само 23%, далеку од ветениот рекорден инвестициски циклус“.
Како што рече, Буџетот се користи како предизборно оружје: зголемувањето на пензиите и платите во јавниот сектор, растот на трошоците за договорни услуги и тројното зголемување на буџетските резерви укажуваат на непотизам, партиски вработувања и нетранспарентна потрошувачка.
Во услови кога јавните финансии се загрозени, ова не е одговорно управување со државните пари, туку краткорочна партиска кампања со ризик за економската иднина на граѓаните.