Економија
Вицегувернерката Нацевска: Стабилноста на денарот и мерките на Народната банка креираат простор за раст на денарското штедење

Oсновно сидро кое овозможува надминување на многуте предизвици во минатото, но и сега, е цврстата определба на Народната банка за примена на монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот, како клучен столб на стабилноста на македонската економија. За ефикасното спроведување и функционирање на монетарната политика, особено во неизвесни периоди, важен придонес имаат финансиските пазари и банките коишто ги следат сигналите на централната банка и соодветно реагираат преку своите деловни политики и активности. Ова беше истакнато од страна на вицегувернерката Емилија Нацевска во поздравното обраќање на 27то Годишно собрание на АЦИ здружение на финансиските пазари.
Енергетската криза од крајот на 2021 година и неизвесноста создадена од воениот конфликт во Украина, значително влијаеја врз увозните цени на енергенсите и кај нас, при што првиот удар врз домашната економија се одрази на домашниот девизен пазар. Во тој контекст, вицегувернерката посочи дека „брзата реакција на Народната банка преку интервенции на девизниот пазар за задоволување на потребите за девизи, поддршката од деловните банки, како и вербалните интервенции во јавноста во насока на ефикасна комуникација за стратегиската определба на Народната банка овозможи одржување на стабилноста на девизниот курс.“ Ваквиот пристап на Народната банка, и во овој турбулентен период, се потврди дека има висока ефективност во насока на брзо смирување на очекувањата на населението и елиминирање на неоснованите шпекулации околу стабилноста на девизниот курс на денарот. Дополнително, беше истакнато дека во насока на одржување на стабилноста на денарот, Народната банка направи измени и во регулативата на менувачкиот пазар, со што овозможи непречено задоволување на потребите на граѓаните за девизи и на овој сегмент на девизниот пазар.
Вицегувернерката Нацевска посочи дека Народната банка на почетокот на април 2022 година реагираше и со намалување на стапката за задолжителна резерва од денарските обврски и истовремено зголемување на стапката на задолжителна резерва на обврските во странска валута како одговор на зголемените преференции на населението за штедење во странска валута и промените кај валутната структура на депозитите во банкарскиот систем. Со оваа мерка, којашто е дел од предвидените мерки во Стратегијата за денаризација, Народната банка креира простор банките да пристапат кон промени во каматната политика, но и да понудат нови атрактивни депозитни производи коишто првенствено ќе бидат насочени кон привлекување на денарските средства на населението. Што е позначајно, оваа мерка на Народната банка не се очекува да има само еднократно, умерено прилагодување на каматните стапки на денарските депозити кај банките, туку да претставува сигнал којшто деловните банки треба да го следат на подолг рок, во насока на постигнување на стратешката определба за зголемување на денарското штедење, од којашто придобивка имаат сите економски субјекти.
Народна банка и во иднина останува активен двигател на реформските процеси за развој и унапредување на домашниот финансиски пазар, имајќи ја предвид неговата значајна улога во пренесувањето на монетарните сигнали до реалниот сектор. Народната банка учествуваше и во подготовката на Стратегијата за развој на пазарот на капитал чија цел е преку современа регулација и проактивен надзор да поддржи одржлив развој на финансискиот систем за зголемување на придонесот на забрзаниот раст на БДП. АЦИ здружението на финансиски пазари ги обединува претставниците на банкарскиот сектор коишто работат на домашните финансиски пазари и претставува платформа за развивање на добри професионални односи, зголемување на меѓусебната доверба, размена на искуства и постојана професионална едукација на вработените во банкарскиот сектор, а заради поефикасно обезбедување на финансиски услуги за граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Австриски медиуми: Енергетската криза ја зафати Австрија, општините ги исклучуваат уличните светилки

Општината Фуш, во областа Пинцгау, го укина уличното осветлување во текот на ноќта, пишува весникот „Салцбургер нахрихтен“.
Во текот на зимата, пак, најавуваат дека уличното осветлување повторно ќе се вклучи од 5:30, бидејќи тогаш е уште темно, а луѓето одат на работа, пренесува Б92.
Според градоначалникот Ханес Шертанер, секоја светилка ќе работи околу 2.000 часа помалку годишно.
Исклучувањето на уличното осветлување ќе донесе големи заштеди на општината бидејќи со повеќе од 26.000 киловат часови годишно, уличното осветлување е најголема потрошувачка после пумпите за базени, пренесува медиумот.
За да заштеди уште повеќе енергија, општината одлучила да премине „Лед“ улично осветлување.
А Виена веќе донесе одлука за зима, па оваа година нема да има божиќно осветлување на централната улица Виена Ринг, пишува медиумот.
Божиќните светилки остануваат на Ратхаусплац, но ќе се вклучуваат само откако ќе се стемни, а не во самрак како порано.
Економија
Машиновозачите во Велика Британија штрајкуваат, бараат зголемување на платите, патниците во неволја

Патниците низ Велика Британија се предупредени дека денеска повторно ќе се соочат со проблеми со користење на железницата, поради нов штрајк на машиновозачите.
Од Здружението на железничарите „АСЛЕФ“, кое вклучува девет оператори, ги напуштиле своите работни места бидејќи бараат повисоки плати, пишува „Ивнинг стандард“.
Поради штрајкот најголемиот дел од британските железници се во застој, а се очекува прекинот да продолжи во текот на утрешниот ден. Машиновозачите веќе штрајкуваа во јуни и јули, а нивните нови акции се очекуваат на 18, 19 и 20 август.
Градскиот транспорт во Лондон објавил дека железничките услуги нема да бидат во функција во текот на денот и ноќта, но тоа не важи за метро станиците. Утре не се очекува нормализирање на сообраќајот, пренесуваат медиумите.
Економија
(Видео) Ковачевски: е.GO е инвестиција од 130 милиони евра и 890 нови добро платени работни места

Македонската Влада застапувана и претставувана од Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони и „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“, денеска во ТИРЗ Тетово потпишаа договор за државна помош за нова инвестиција, која предвидува целосно производство на електрични автомобили e.GO.
Премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќањето рече дека „денес ќе се постават темелите на инвестицијата која само во првата фаза тежи 130 милиони евра и ќе отвори најмалку 890 нови добро платени работни места“.
„Оваа инвестиција е од огромно значење за државната, но и за локалната економија и развојот на човечкиот потенцијал во Тетово и во државата. Со оваа значајна инвестиција, Северна Македонија уште еднаш потврдува дека е држава која нуди одлични услови за инвеститорите, со стабилна економска и политичка клима во која меѓународните компании како „НЕКСТЕ.Е.ГО“ имаат партнер од доверба. Она што особено ме радува е дека за прв пат, кај нас ќе биде произведен целосен автомобил. Во Северна Македонија и досега се произведуваа делови за автомобили од светските брендови, но сега имаме целосно производство на финален производ токму кај нас. И ова е навистина голема работа. Оваа инвестиција ми е лично посебно драга. Не само затоа што ќе го промени на подобро животот на семејствата чии членови ќе работат тука, туку затоа што ќе го промени начинот на кој размислуваме за возилата. Затоа што ова е иднината, и на индустријата и на заштитата на животната средина. Меѓутоа ова е иднината и на образованието. Вакви инвестиции, вакви фабрики, ќе го сменат образованието во државата, бидејќи ќе направат нови потреби коишто ќе бидат неопходни“ рече меѓудругото премиерот Ковачевски.
Тој напомена дека „електричниот автомобил „е-Go“ кој ќе се произведува овде во ТИРЗ во Тетово е корисен за урбани средини, истовремено одржлив, иновативен, економичен и без штетни емисии на гасови. Ова меѓу другото е нашиот влог за идните генерации. Фабриката која ќе се гради овде во ТИРЗ зоната во Тетово, е составен дел од глобалниот производствен капацитет на „е-Go“, наменет да го снабдува и националниот и меѓународниот извозен пазар“.
„Во технолошко индустриските развојни зони, во првите шест месеци се постигнати договори за инвестиции во висина од 240 милиони евра, а потенцијално до крајот на годината се очекува затворање на уште два договори во висина од 160 милиони евра. Јас никогаш не сум најавувал инвестиции, и оваа е инвестиција за која беше извесно дека ќе се случи. Оставивме прво да се договорат сите детали и потоа на изненадување на целата јавност, бидејќи ги гледам написите во медиумите, дознавме дека во Република Северна Македонија ќе има инвестиција којашто ќе биде од 130 милиони евра, и ќе биде на почеток со околу 900 вработени. И уште има такви инвестиции, од други инвеститори, а ние ќе оставиме тоа инвеститорите заедно со институциите да го најават, и ќе се случи многу брзо“ порача Ковачевски.