Економија
Влада: Светска банка нотира дека владините мерки ги ублажија негативните ефекти од кризата

Владините мерки за поддршка на реалниот сектор, како и заложбите за помош на најранливите категории во услови на здравствено-економска криза со фокус на идните заложби за стимулирање на националната економија на долг рок, беа тема на онлајн состанокот на премиерот Зоран Заев, министрите за финансии Фатмир Бесими и за економија Крешник Бектеши со Масимилијано Паолучи, директор на Светска банка за Северна Македонија и Косово, и Кун Давидсe, извршен директор во Одборот на директори на Групацијата Светска банка во Вашингтон.
На состанокот во фокус беше дискусијата за важноста на анализата заснована врз реални истражувања за информирање на одлуките за политиките кон кои треба да се насочат владините активности со крајна цел продолжување и одржување на правичен и одржлив раст.
„На состанокот од страна на Светска банка беше нотирано дека владините мерки ги ублажија негативните ефекти од кризата и беше нагласено дека заедничката соработка во однос на предлог-мерките согласно светските искуства и преземената акција, особено во делот на субвенционирање на платите, резултираа со зачувување на работните места во микро, малите и средните претпријатија. Дополнително, мерките донесени од Владата го олеснија влијанието врз сиромашните, што беше и потврдено со пониски стапки на раст на сиромаштијата од очекуваните“, соопштија од Владата.
На состанокот се истакнала важноста домашните компании да ја подобрат конкурентноста и продуктивноста за постигнување посилен економски раст во иднина.
„Во таа насока, поддршката за компаниите треба да биде насочена кон дигитализацијата, технолошки развој, подобрување на капацитетите за управување, поддршка на диверзификација на извозот, како и спроведувањето на европскиот зелен договор. Дополнително, регионалниот развој е од голема важност за економски напредок, како и зајакнување на женското претприемништво“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
СДСМ: Целосен дебакл со откупот на пиперката, ВМРО-ДПМНЕ ги остави земјоделците на цедило

„Со ВМРО-ДПМНЕ и Трипуновски земјоделството повторно е на колена. Откупот на индустриската пиперка-ајварка е целосно застанат, земјоделците се оставени на цедило, со реколта што скапува на нивите. Владата на ВМРО-ДПМНЕ ветуваше договорена цена од 45 денари за килограм, а денес откупната цена изнесува понижувачки 20 денари“, соопшти СДСМ.
„Половина од годинешната реколта стои на нивите без откуп. Производителите се очајни, не знаат што да прават со родот кој со месеци го произведуваа со трошоци и труд, а државата не презема мерки да им помогне.
Дополнителен удар за земјоделците е фактот што субвенциите за пиперката од минатата година сè уште не се исплатени. Ова е јасен доказ за целосниот хаос и неспособност во земјоделската политика на Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ предупредува дека ова е една од најтешките години за земјоделството, а владата нема ниту план, ниту организација, ниту волја да им помогне на земјоделците. Ако продолжи оваа незаинтересираност, наредната година Македонија ќе се соочи со рекордно ниско производство и со сериозни економски последици.
Лошата организација на откупот и изостанокот на финансиска поддршка кон стратешки извозно ориентираните култури, како што се пиперката, доматот, праската и јаболкото, веќе создаваат големи загуби.
СДСМ бара Владата веднаш да преземе мерки, да воспостави јасна динамика на откуп, да обезбеди дополнителна финансиска поддршка за предадената пиперка и итно да ги исплати заостанатите субвенции“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Економија
Николоски: За автопатот Кичево-Букојчани ќе избереме изведувач овој месец, изградбата започнува веднаш согласно временските услови

Овој месец, почетокот на следниот месец ќе биде избран Изведувач за изградба на автопатот Кичево -Букојчани и доколку дозволат временските услови веднаш ќе се започне со изградба, најави денеска од Кичево, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
„До среда е рок за достава на понуди на автопатот Кичево Букојчани. Тој го работиме заедно со ЕБОР. Вредноста е проценета на околу 123 милиони евра, истите ги имаме обезбедено во соработка со ЕБОР а 20 % се грант средства. Очекувам до крај на овој месец, почетокот на следниот месец да имаме избрано Изведувач и доколку не послужат временските услови, а доколку не, со почетокот на следна градежна сезона во март да почнеме со изградба и на овој автопат кој што очекувам во период од 3 години да се заврши. Дополнително на тоа е најголемиот инженерски потфат, а тоа е изградбата на автопатот од Букојчани до Гостивар или популарната Стража. Од 33 км колку се проектирани, 17км се пробиени. Од март ќе се пробиваат и другите километри и првпат ќе видиме автопат да се гради од двете страни и очекувам до 2028 година и тој автопат да биде завршен што значи дека до крај на 2028 година Кичево ќе биде средиште на автопатското поврзување на Коридор 8, што значи дека по автопатско решение ќе се патува и кон соседна Србија, соседна Албанија и Грција” – истакна Николоски.
Тој најави дека до пролет и тунелите на автопатот Кичево-Охрид ќе бидат пуштени за сообраќај.
„Таму имаме 16 проблематични косини, на две од нив се работи од страната на Кичево, а за останатите проектирањето завршува на 1 ноември. До пролет очекувам и тунелите да бидат пуштени во употреба, а останите делови на автопатот да се пуштаат сукцесивно” – изјави вицепремиерот Нколоски.
Економија
Славески: Народната банка е пример за креирање политики засновани на квалитетни податоци и истражувања

„Несомнено, квалитетните и навремени податоци и анализи се клучни во носењето на кредибилни политики со кои се одржува макроекономската стабилност. Затоа, Народната банка своите одлуки секогаш ги темели на робусни докази засновани на детални емпириски истражувања, статистички анализи и квалитетни податоци, коишто го одржуваат и јакнат нејзиниот кредибилитет. А во време на глобални неизвесности и повеќе последователни кризи, токму силниот кредибилитет претставува најмоќната алатка за успешно остварување на целите на монетарната политика“. Ова го порача гувернерот Трајко Славески во своето воведно излагање на годишната конференција „Применети економски истражувања: патот кон оптимални национални стратегии и политики во турбулентни времиња“ организирана од страна на Балканската асоцијација на економисти во применета економија, во соработка со и поддржана од Економскиот факултет – Скопјe при УКИМ и Сојузот на економисти на Македонија.
Славески се осврна на анкетното истражување на Global central banking околу главните приоритети на централните банки, оперативните поставености и, следствено нивните истражувачки активности во следниот период.
„На прво место е финансиската стабилност, при што над 45% од централните банки даваат приоритет на финансиската стабилност и отпорноста, во контекст на тековните глобални предизвици. На второ место е справувањето со инфлацијата, при што мерките што ги преземаат централните банки се во насока таа да се сведе на историските нивоа од околу 2%. Третата област е кибер-безбедноста и вештачката интелигенција, коишто се новите предизвици пред кои што се исправени централните банки“, истакна гувернерот Славески.
Во фокусот на истражувањата се и дигиталната трансформација, вклучително и воведувањето на дигиталните валути коишто сѐ помасовно стануваат дел од стратегиите на централните банки.
Славески посочи дека носењето на одлуки базирани на докази е неопходно за централните банки успешно да ја извршуваат својата функција во комплексноста на денешните економии, особено во услови на епизоди на висока инфлација, брзи технолошки трансформации, огромна неизвесност и гео-економска дезинтеграција.
Во своето обраќање тој порача дека Народната банка посветено и во континуитет работи на подготовка на напредни и сеопфатни истражувања и анализи, коишто претставуваат еден од главните чинители при носењето на одлуките со кои се одржува севкупната макроекономска и финансиска стабилност на земјата.