Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски и СДСМ предизвикаа стагфлација, цените растат, економијата тоне, а платите губат вредност

„Ковачевски и СДСМ предизвикаа стагфлација, цените растат, економијата тоне, а платите губат вредност.
Во Македонија поради неспособноста на СДСМ имаме реална стагфлација, инфлацијата е на енормни 6.7%, додека производството опаѓа, економијата тоне.
Само во првите 48 дена владата направи буџетски дефицит од 164 милиони евра, што е 30% од предвидениот дефицит за цела година. Ова ќе иницира ребаланс и ново задолжување, кое ќе треба да го враќаат и уште неродените деца.
И додека економијата тоне, цените вртоглаво растат, за година и половина цените на горивата скокнаа за над 60%, зејтинот за 40%, брашното за 38%, млекото за над 20%. Буквално нема производ чија цена не е драстично зголемена.
Цените растат, трошоците за животот исто така, а власта одбива покачување на платите, дури и минималната плата, која имаше зголемување, е еден вид израмнување, затоа што инфлацијата веќе одамна ја има изедено минималната плата.
Денес во Македонија имаме сиромаштија. 500.000 луѓе живеат со по 150 денари на ден.
Со Ковачевски и СДСМ дното само ќе се продлабочува. Затоа се потребни предвремени парламентарни избори час поскоро“.
Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Бензините поскапуваат за половина денар, цената на дизелот останува иста

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,58 отсто во однос на одлуката од 11.08.2022 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 2,140%, кај дизелот зголемување во просек за 2,090%, кај екстра лесното масло зголемување во просек за 2,044% и кај мазутот зголемување во просек за околу 1,868.
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95, се зголемува за 0,50 ден/лит,
Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се зголемуваат за 1,00 ден/лит,
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува.
Од 16.8.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 88,50 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 91,00 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 90,00 (денари/литар)
– Масло за горење – екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 86,50 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 52,814 (денари/килограм)
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,418 %.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 16.8.2022 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
Бесими: Борбата против сивата економија е дел од реформата во јавните финансии

Борбата против сивата економија е дел од реформата во јавните финансии. Со системските измени ќе се преземат низа мерки за формализирање на неформалниот сектор, пишува во својата најнова колумна министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Акцискиот план за сузбивање на сивата економија ги опфаќа двете страни на неформалниот сектор – понудата и побарувачката. Стимулации, превентивни мерки за премин кон формални производи и услуги, унапредување на ефикасноста на инспекциите и надзорот се механизмите за борбата со неформалната економија.
„Кога велам зголемување на даночната основа, тоа подразбира и воведување во неа субјекти од неформалниот дел. Активностите предвидени со Акцискиот план на Министерството за финансии се базираат на поддршка и стимулација на формализацијата на неформалните активности преку зголемување на погодностите од влегување во формалната економија. Особен акцент е ставен и на унапредување на ефикасноста на инспекциите и надзорот за да се обезбеди поголема рамноправност на сите учесници на пазарот. Мерките се однесуваат и на модернизација на процесите, како е-трговијата, која зема сè поголем замав и креира нелојална конкуренција меѓу малите и средни претпријатија, како главен двигател на економскиот развој. Приоритети се: унапредувањето на процесот на мерење, следење и детектирање на сивата економија, стимулативни активности за формализација на сивата економија, јакнење на свеста за сивата економија и јакнење на даночниот морал, зајакнување на инспекциските служби, унапредување на законската регулатива, како и спроведување мерки во делот на Царинската управа каде ќе бидат опфатени и производите од е-трговијата“, посочува министерот за финансии.
Бесими, исто така, пишува дека иницијативи кои се очекува да имаат значаен придонес во сузбивањето на сивата економија е намалувањето на готовинското плаќање преку новите реформи во платниот систем и платежните услуги со либерализација на платниот промет и воведување финтек решенија покрај банкарскиот сектор од почетокот на 2023 година. Тука е воведувањето на системот на е-фактури и е-фискализација од страна на УЈП, како и системот на одбележување и следење track and trace за акцизните добра (особено тутунот и алкохолните пијалаци) од страна на Царинската управа, како и другите процеси на дигитализација во овие две институции.
„Доколку сакаме да имаме држава со подобра инфраструктура, квалитетно образование, подобра здравствена и социјална заштита, сите заедно мора да се потрудиме и дадеме свој придонес. Преминот од неформален во формален сектор ќе придонесе за воспоставување на предвидливо и стабилно деловно окружување, рамноправни услови за работа и здрава конкуренција. Исто така, ќе овозможи создавање услови за рамноправен натпревар меѓу бизнисите, зајакнување на даночниот морал, како и зголемување на бруто-домашниот производ“, истакнува Бесими.
Економија
Народната банка го објави Поимникот на термини од областа на банкарското и централнобанкарското работење

Во рамки на активностите за финансиска едукација, Народната банка изработи Поимник на термини од областа на банкарското и централнобанкарското работење.
Со Поимникот е објаснето значењето на околу стотина стручни термини, на едноставен јазик, разбирлив за широката јавност. Поимникот, е достапен на следнава врска: https://www.nbrm.mk/poimnik.nspx
Финансиската едукација е една од стратегиските цели на Народната банка. Населението коешто има познавања од областа на финансиите ги знае предностите од користењето различни финансиски услуги и е посвесно за ризиците. Овој вид едукација, во крајна линија, обезбедува поголема вклученост на населението во финансиските текови и олеснет пристап до финансии. Токму затоа, се преземаат низа активности за подобрување на финансиската писменост. На иницијатива на Народната банка, заедно со другите финансиски регулатори, минатата година беше изработена и првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија. Народната банка презема повеќе тековни активности, како организација на предавања, анкети, изработка на едукативни материјали, со цел организирано и системско подобрување во овој сегмент.