Економија
ВМРО-ДПМНЕ: „Мерките“ на Влада ќе затворат речиси 15.000 микро и мали претпријатија

Владата на Зоран Заев задоцни со мерките за помош на бизнис-секторот и компаниите. Освен што мерките на Владата не беа навремени, тие се неправилно распределени по сектори и се нетранспарентни, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
„Во својот извештај ‘Транспаренси интернешнл’ укажа дека владата нема механизми за заштита од крадење на парите кои стигнуваат од ММФ за справување со корона-кризата. За немањето слух на Владата на Заев реагираше и невладиниот сектор, кој бараше поголема транспарентност за ефектот на владините мерки.
Вредноста на бескаматните кредити од Ковид 1 линијата беше 5,7 милиони евра. Вредноста на Ковид 2 линијата беше 8 милиони евра. Заедно 13,7 милиони евра за вкупно 1.300 домашни компании, во најголем дел микро претпријатија. Вкупно само 13,7 милиони евра. Дали е ова доволно за власта, дали се спасија многу фирми?
Согласно податоци од извештајот за финансиска стабилност од Народната банка, бројот на микро претпријатија на крајот од 2019 година изнесува 34.402, а бројот на мали претпријатија изнесува 18.582. Вкупно, 52.984 микро и мали компании. Од нив, според Анкетното истражување на претпријатијата од страна на македонските организации на работодавачи, 27% пријавиле дека кризата со Ковид-19 сериозно влијае врз нивното работење и пријавиле целосно затворање на фирмите. Значи, околу 14.304 микро и мали претпријатија кажале дека ќе затворат. И сега, Владата на СДСМ се фали дека спасила 1.300 фирми, што е само 9% од оние кои рекле дека ќе затворат. За кои успешни политики говори СДСМ?! Што со останатите 91 процент?
Како за споредба, во времето на ВМРО-ДПМНЕ беа обезбедени вкупно 350 милини евра кредити од Европската инвестициска банка за кредитирање на микро, малите и средни претпријатија, во услови на намалено кредитирање од домашните банки прво поради глобалната финансиска криза, а потоа и кризата во евро зоната. Кредитите беа дистрибуирани преку банките, со субвенционирана камата од државата. Овие кредити спасија илјадници фирми и беа главниот тек на кредитирање и поддршка на фирмите! Во услови на длабока криза, како што е оваа, кога некои фирми уште не можат да работат и се затворени, владата на СДСМ обезбеди само 13,7 милиони евра бескаматни кредити. Воедно, од претходно одобрени средства од ЕИБ од 2018 година, кои стоеја на располагање дури во август и септември по 6/7 месеци ги повлече остатокот од 50 милиони евра кредити со ниска камата на располагање на фирмите преку банките!
Мерките на СДСМ се ненавремени и недоволни во првиот квартал од годината, кога немаше ковид-криза, буџетскиот дефицит беше 120 милиони евра! За што и каде отидоа парите?!
Зоран Заев и неговата Влада ја задолжија државата за нови милијарда евра за само три месеци, период во кој 40.000 луѓе без работа, а економијата отиде во минус 12,7%.
Зоран Заев и Владата на СДСМ во ек на криза ја поскапија струјата за 7,4 проценти. Тоа само покажува дека криминалот и корупцијата на мафијата на власта ги јадат економијата и стандардот.
Затоа изборот е или мафијата на Заев или Македонија. Народот ќе ја одбере Македонија“, порачаа од опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Објавен јавен повик за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство

Денеска е објавен Јавниот повик 08/2025 за доставување на барање за исплата на средства од Програмата за финансиска поддршка на рурален развој за 2025 година.
Поддршката е наменета за надомест на трошоци за одржување на висински пасишта и ливади и поддршка на традиционално сточарство, со цел зачувување на руралните подрачја и промовирање на одржливо земјоделство.
Право на поддршка имаат земјоделски стопанства регистрирани согласно Законот за земјоделство и рурален развој во Единствениот регистар на земјоделски стопанства при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Висина на поддршката:
• 100% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина еднаква или повисока од 700 метри;
• 60% од исплатената просечна нето-плата во период од 1 јануари 2024 година до 31 декември 2024 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасишта и ливади, односно регистрирани одгледувалишта кои се наоѓаат во населени места со надморска висина пониска од 700 метри.
Услови за доделување:
• 1 вработено лице на 150 овци;
• 1 вработено лице на 100 кози;
• 1 вработено лице на 50 говеда, но не повеќе од 620.000 денари по вработено лице.
Задржување на истиот број вработени најмалку една година по исплатата.
Барањата со потребната документација потребно е да се поднесат најдоцна до 30.07.2025 година.
Економија
Божиновска: Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот

Македонија влегува во клучна фаза на трансформација на енергетскиот систем, земјата не само што вложува во стабилноста и модернизацијата на сопствената мрежа, туку стана активен играч во регионалното поврзување и енергетската интеграција, изјави министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Според неа, со новите интерконектори, стратешките трансформаторски станици и инвестициите во паметна енергетска инфраструктура, државата го поставува курсот кон енергетска независност и улога на регионален енергетски коридор.
Божиновска најави дека во следните денови официјално започнува изградбата на гасниот интерконектор со Грција.
„Интерконекторот е долг 68 километри, ќе пренесува не само природен гас, туку и водород, остварена e заштеда од 12 милиони евра и ќе биде изграден од македонска компанија – директна корист за домашната економија“, рече таа.
Во меѓувреме, додаде Божиновска, Македонија и Србија направија значаен исчекор кон ново енергетско поврзување – минатата недела се потпиша Меморандум за соработка меѓу НОМАГАС и Србијагас за изградба на интерконектор меѓу Клечовце и Врање, со вкупна должина од 70 километри, од кои 23 километри ќе бидат на македонска територија. Во рамки на проектот ќе се изградат и мерни станици од двете страни на границата. Студиите за изводливост и за влијание врз животната средина се веќе во тек, со поддршка од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
„Преку овие две стратешки поврзувања, Македонија се позиционира како нова транзитна точка за природен гас на релација Југ – Север, односно од ТАП гасоводот и ЛНГ терминалот во Александруполис кон Србија и Средна Европа, со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно. Ова е директна поддршка на енергетската диверзификација на целиот регион, со зголемена употреба на гас од различни извори“, рече таа.
Изградбата на 400/110 kV врската Охрид – Елбасан, пак, ќе го заокружи електроенергетското поврзување на Македонија со сите соседни држави – стратегиски проект за цел регион.
„Ова е новата сила на македонската енергетика. Со регионалните интерконектори, Македонија веќе не е само краен потрошувач – станува активен учесник во преносот и стабилноста на енергетиката во Југоисточна Европа. Ова е патот кон сигурна енергија, економска отпорност и стратешка позиција на енергетската карта на Балканот. Македонија ја гради новата енергетска мапа на Балканот.“, вели министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Економија
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе учествува на 4. меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севилја

Министерката за финансии Гордана Димитриеска- Кочоска заедно со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска ќе престојува во работна посета на Кралството Шпанија.
Министерката Димитриеска-Кочоска ќе се обрати на Тркалезна маса „Leveraging private business and finance“ во рамки на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот (FfD4), којашто под покровителство на Организацијата на Обединетите нации ќе се одржи во Севиља.
На Конференцијата, на којашто е најавено учество на педесетина шефови на држави и влади, министри, претставници на меѓународните организации, на бизнис заедниците и граѓанското општество, треба да биде усвоен „Договорот од Севиља“.
Целта на лидерскиот собир е изнаоѓање на решенија за справувањето со финансиските предизвици во исполнувањето на Целите за одржливиот развој и Агендата 2030, реформирање на меѓународната финансиска архитектура и поттикнување на инвестиции од страна на приватниот сектор.
Во рамки на посетата, предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да одржи билатерална средба со премиерот на Шпанија, Педро Санчез, а на средбата ќе присуствува и министерката Димитриеска -Кочоска.