Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Откако цените отидоа до плафон, Бектеши носи мерки

Откако цените отидоа до плафон, Бектеши носи мерки, а решението е само владата да ги намали даноците и акцизите, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Крешник Бектеши денес се фали со замрзнување на маржата на производите за исхрана, а не кажува дека со тоа ќе затвори голем број пекари, малопродажни објекти и ќе влијае лошо на целата економија. Власта не се откажува од акцизата за да има повеќе да краде. Наместо замрзнување на цените, потребно е намалување на даноците и акцизата за горивата. Само со 50% намалување на акцизата на горивата и ДДВ од 18 на 5% цените на горивата ќе бидат за 25 денари пониски, а со тоа ќе заштедат граѓаните, производството ќе биде поевтино, транспортот исто така“, оценуваат од опозициската партија.
Импликациите врз буџетот, како што додаваат, ќе бидат околу 50 милиони евра помалку за една година, и тоа во прв план, но импликациите врз економијата ќе бидат неколкукратно поголеми, бидејќи и самото производство ќе биде поконкурентно, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Од друга страна со 0% ДДВ за продуктите за исхрана и други продукти кои се важни во криза ќе се спаси стандардот на граѓаните и ќе се спречи бран на сиромаштија. Власта не размислува за народот и економијата, туку многу кусогледо гледа само за себе. Тоа гледање само од аспект на полнење на буџетот ќе ја чини државата и народот премногу. Затоа премногу е од оваа власт, протест за промени на 18 јуни во 20 часот пред влада“, се потенцира во нивното соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Бектеши: Сите трговци во туристичките места може да работат во недела и за празници

Собранието денеска ги усвои измените и дополнувањата на Законот за трговија со кој се овозможува работа во недела и државни празници на сите трговци на мало и на големо во туристичките места, утврдени со Законот за туристичка дејност, објави на Фејсбук министерот за економија Крешник Бектеши.
Според министерот, со измените и дополнувањата на Законот за трговија се очекува дополнително да се поттикне економската активност во земјата, посебно во туристичките места.
„Имајќи ги во предвид податоците кои што ги имаме од Државниот завод за статистика за раст на бројот на туристи од почетокот на годината, а и очекувањата согласно веќе направени резервации за странски туристи кои што оваа туристичка сезона ќе ја посетат Северна Македонија, посебно Охрид и Струга, согласно законските измени очекуваме зголемување на туристичката активност во целата земја. Измените на Законот за трговија се донесени со заеднички дијалог во инклузивен процес со сите засегнати страни, посебно во туристичкиот сектор. Работниците во трговските објекти кои ќе работат во недела и празници ќе добијат дневница поголема за 100 проценти, објави министерот.
Согласно најновите измени на Законот за трговија им се дава можност на продавниците, киосците и штандовите во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност, да работат во ден недела и на празници.
Воедно, и на слободните царински продавници лоцирани на меѓународните аеродроми после царинските контролни точки и на цветните пазари, им се дава можност да работат во ден недела и на празници
Овие законски измени стапуваат на сила веднаш откако ќе бидат објавени во Службен весник.
Економија
Бислимоски: Колку ќе биде просечното зголемување на цената на електричната енергија ќе објавиме в среда

„Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) в среда да одржи подготвителна и главна седница, на која ќе бидат соопштени цените на блок-тарифите, изјави денеска претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.
„Во текот на оваа недела, најверојатно, в среда, РКЕ ќе одржи подготвителна и главна седница, на која ќе ги соопшти цените на блоковите и ниските тарифи, а до тогаш ќе ги оставиме познатите експерти во државата да лицитираат со цените“, рече тој на подготвителната седница за реформата на тарифниот систем за електрична енергија (блок-тарифи), што се одржа на ФЕИТ.
Бислимоски рече „колку ќе биде просечно зголемување на цената, сето тоа ќе го објавиме в среда. Апсолутно, тоа што е во четвртиот блок е само за четвритот блок, за другите блокови ќе се води сметка да може потрошувачите да си ги платат своите сметки за електрична енегрија доколку имаат своја нормална и разумна потрошувачка на електрична енергија“.
Изјави дека заклучно со јуни, иако биле планирани 0 денари за набавка на струја од увоз, „ЕВН хоум“, поради, како што вели, некоректен однос на одредени индустриски потрошувачки и општини, направи непланирана набавка од 33 милиони евра.
„Дополнително, имаме ситуација – уредбата за кризна состојба се укина и исто така универзалниот снабдувач ќе има обврска да ја откупува електричната енергија и од повластените производители, тоа е некаде околу 10 милиона евра, и цената на ЕСМ е нешто повисока, од 41 евро на 48 евра за мегават-час, но притоа треба да се знае дека и ЕСМ ќе обезбеди загуби на електричната енергија во дистрибутивната мрежа од 143 евра за мегават-час, така што ЕСМ сериозно влијае на намалувањето на ризиците врз цената“, истакна Бислимоски на прес-конференцијата.
Економија
Намалување на цената на горивата

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,82 % во однос на одлуката од 23.6.2022 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек кај бензините за 0,945 %, кај дизелот за 1,174 %, кај екстра-лесното масло зголемување од 0,425 % и кај мазутот има намалување од 1,806 %.
Малопродажните цени на бензинот „евросупер БС-95“ и на „евродизелот“ (Д-Е V) се намалуваат 1,00 денар/л, малопродажната цена на бензинот „евросупер БС-98“ се намалува 0,50 денари/л.
Малопродажната цена на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува 0,986 денари/кг и ќе изнесува 53,305 денари/кг.
Од 28.6.2022 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– моторен бензин „евросупер БС-95“ – 109,00 (денари/литар);
– моторен бензин „евросупер БС-98“ – 111,50 (денари/литар);
– дизел-гориво „евродизел БС (Д-Е V)“ – 109,00 (денари/литар);
– масло за горење eкстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 107,00 (денари/литар);
– мазут М-1 НС – 53,305 (денари/килограм).