Економија
Во првите 6 месеци во ТИРЗ, 105 милиони евра нови странски инвестиции

Од почетокот на годинава во ТИРЗ се склучени договори со вкупен обем на инвестиции од 105 милиони евра, а во првите шест месеци е остварена највисока економска активност во зоните, покажува анализата за полугодишното работење на Дирекцијата која ја презентираше директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.
„Во текот на вчерашниот ден во процедура на формално одобрување влегоа два нови договори, за компанијата ‘Дура’, која ја проширува инвестицијата во трета фаза, и ‘Витек’, која инвестира во втора фаза. Вкупниот обем на овие две инвестиции е 40 милиони евра така што заклучно со нив во првите шест месеци имаме склучени договори во вкупен износ 105 милиони евра. Уште позначајно е тоа што само овие компании во наредниот период треба да донесат 1850 нови работни места, над 2 милијарди приходи, а во државата меѓу другото да уплатат над 70 милиони евра за придонеси и данок на добивка. Исто така во моментов преговараме со 30 компании за вкупен обем на инвестиции над 400 милиони евра. Сето ова се конкретни резултати на новиот концепт на работење и мерки на ТИРЗ и Владата за поттикнување на инвестиции“, рече Деспотовски. Со ваквиот тренд тој очекува 1 милијарда странски инвестиции и отворање на дополнителни 14.000 работни места за 3 години.
Во зоните е регистрирано и рекордно полугодие во работењето во изминатите дваесет години и во однос на извозот и на увозот. Така вкупниот обем на извозот во првите шест месеци достигна 1 милијарда и 539 милиони евра, што е за 68% раст во однос на 2020 година, 12,5% во однос на 2019, односно 33% во однос на истиот период во 2018 година. Рекордна економска активност има и кај увозот во зоните. Вкупното ниво на увоз исто така достигна 1 милијарда 535 милиони евра, што споредено со истиот период во 2020 година е за 90% повеќе, додека во однос на 2019 има раст од 18,5% и 55,6% раст во однос на 2018.
„Овие бројки покажуваат дека економијата во ТИРЗ е на добар пат и повеќе не зборуваме за опоравување туку за реален раст. Ќе настојуваме со конкретни мерки овие бројки да ги поттикнеме уште повеќе“, рече Деспотовски.
Регистрирано е и значително покачување во однос на просечниот бројот на вработени, односно речиси 50% зголемување во последните 5 години. Во моментов во зоните има вкупно 14230 вработени.
Деспотовски посочи дека новиот концепт на работење со кој веќе е воведен едношалтерски систем со кој се пружа целосна поддршка на инвеститорите на едно место, од планирање на инвестиција до поддршка во работење, кој се фокусира на поквалитетни инвестиции кои носат високо платени работни места и повеќе пари во буџетот и кој нуди индивидуализирана поддршка на инвеститори на база на 10-годишна проекција на обрт, приходи и вработувања и плати веќе дава конкретни резултати.
Тој најави дека во следниот период ќе се реализираат повеќе иницијативи, меѓу кои воведување програми за домашни компании, заедно со ИФЦ наменети за технолошко унапредување и можност за вмрежување на домашните компании во синџирот на набавки, потоа програма за поттикнување раст на продуктивност, наменета за развој на вештини и поттикнување на продуктивноста на работниците и компаниите, воведување нови услуги за поддршка на инвеститорите, меѓу кои и брз пристап до услуги од други јавни институции, како и нова кампања за презентација на инвестициски можности во странство со цел поттикнување на инвестиции со фокус кон сите индустрии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Франција го казни „Шеин“ со 40 милиони евра за лажни попусти

Франција го казни кинескиот онлајн-продавач на облека „Шеин“ со 40 милиони евра за заведување на клиентите со тврдења за попусти.
Од 1 октомври 2022 година до 31 август DGCCRF анализира наводно намалени цени за илјадници производи на француската веб-страница на „Шеин“.
Истрагата откри дека некои цени на платформата биле зголемени непосредно пред попустите или не ги вклучувале претходните попусти, објави регулаторот. Цените на повеќе од половина од анализираните производи, 57 проценти, воопшто не биле намалени, откри DGCCRF, а речиси една петтина од попустите биле помали од рекламираните.
Во 11 проценти од случаите цената била уште повисока, објави DGCCRF. „Шеин“ исто така не успеа да достави докази на својата веб-страница за да ги поткрепи своите тврдења за еколошки свесно работење, како што е намалувањето на емисиите на стакленички гасови за 25 проценти.
(Фото: ЕПА)
Економија
(Видео) Николовски: Власта удри по земјоделците, крати 478 милиони денари во ребалансот

Власта предлага антинароден и расипнички ребаланс на буџетот, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците. Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз, обвини пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој додаде дека во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака, власта им го завртува грбот. Наместо поддршка, рече Николовски, добиваат игнорирање.
„Спротивно на оваа антинародна политика, СДСМ останува цврсто на страната на земјоделците. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство“, рече тој.
Николовски додаде дека СДСМ предлага враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024; интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед; поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне и итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.
Николовски кажа дека СДСМ и во време на ковид пандемија и војна во Украина не кратела од земјоделците туку напротив, интервенирала со дополнителни субвенции, закони и програми.
„Апелираме до Владата: наместо да уриваат што е создадено, продолжете ги добрите практики кои функционираа. Не ги оставате земјоделците сами, не им кратете од она што им припаѓа! Земјоделството не смее да биде жртва на вашата расипничка политика“, рече Николовски.
Економија
Конституенцата на ММФ и СБ: Народната банка e столб на макроекономската и на финансиската стабилност

Гувернерот Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводеа делегацијата на годишниот состанок на Конституенцата на Меѓународиот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ), на која ѝ припаѓа нашата земја, а којшто годинава се одржува во Луксембург.
Дел од делегацијата е и вицегувернерката Ана Митреска. На билатералните средби коишто ги остварија беше потврдена улогата на Народната банка како столб на макроекономската и финансиската стабилност во земјава.
За време на средбите со високите претставници од ММФ и Светската банка − Јерун Клик, Марникс ван Рај, Марк Хортон и Јуџин Ругенаат − се водеа плодни дискусии за сегашните предизвици на централните банки.
Во рамките на дијалогот беше истакната важноста на координацијата меѓу централните банки и меѓународните финансиски институции за унапредување на финансиската вклученост, дигитализацијата на финансискиот систем и унапредувањето на регулативните рамки. Се разговараше и за начините на кои Народната банка ја поддржува макроекономската стабилност преку ефикасно управување со монетарната политика и силна регулаторна улога.
Овие средби ја потврдија довербата во капацитетот и посветеноста на Народната банка како стабилен и кредибилен партнер, што придонесува кон создавање отпорна и успешна економија, со подобри услови за граѓаните и за стопанските субјекти.
Народната банка и во иднина ќе биде посветена на својата мисија за обезбедување сигурност и стабилност на финансискиот систем, како основа за одржлив економски развој и напредок на земјава.