Економија
Во Скопје се одржа промоција на новите СУВ-модели на „Опел“

На свечена промоција во „Сити хол“ во Скопје беа претставени новите СУВ-одели на „Опел“: Crossland X, Mokka X и Grandland X.
Модерните кросовери беа претставени од автомобилските новинари: Крумислав Барзов, Владимир Ристовиќ, Агрон Сулејман, Блашко Велјановски, Горан Антевски и Љупчо Михајловски, заедно со Драган Ненадовиќ, директорот на „Опел“ за Србија, Црна Гора, Македонија, Албанија и за Бугарија.
Директорот Драган Ненадовиќ изрази големо задоволство поради премиерната промоција на СУВ-моделите во Македонија, како и поради интересот што го предизвикал настанот.
„Многу се гордеам што ‘Опел’ сега може да понуди дури три возила од СУВ-сегментот. Mokka X е одличен наследник на веќе прославената Mokka, а Crossland X и Grandland X се прв заеднички модел развиен во рамките на новата групација ПСА. Со овие модели првпат влегуваме сериозно во најбрзорастечкиот сегмент во светот, сегментот на СУВ-возила. Очекуваме дека набргу ќе станат наши нови најдобро продавани возила и дека ќе го обезбедат заслуженото место на ‘Опел’ кај љубителите на СУВ-возила и ќе ја заокружат нашата атрактивна понуда. Се радувам дека по саемот во Белград, новите модели премиерно ги претставуваме и во Скопје“, изјави Ненадовиќ.
Во Германија во првите два месеца од годинава, според статистиката на КБА, федералниот сообраќаен орган, овие три возила го зазеле првото место во сегментот СУВ/кросовер-возила.
Crossland X е разбирлив, остар, свеж и неверојатно практичен. Првиот играч во СУВ-селекцијата им одговара на сите што се сестрани и подготвени за предизвици. Совршен пандан на урбан начин на живеење благодарение на рафинираниот СУВ-дизајн и компактните димензии: софистициран и динамичен, новиот Crossland X се издвојува со практичноста и спортската елеганција. Опцијата за покрив во две бои, голем багажник, како и доволно внатрешен простор, се главните атрибути на Crossland X-моделот. Идеален е за кратки шопинг-патувања, но и за заминување на подалечни дестинации. Само една година од отворањето на книгата за нарачки веќе стана бестселер – 100.000 купувачи во Европа го одбраа Opel Crossland X.
Mokka X се одликува со атрактивен дизајн и погон на сите 4 тркала. Вториот член на СУВ-екипата е вистински успех за „Опел“, со повеќе од 750.000 продадени возила. Возачите на Mokka X уживаат во главната предност која се рефлектира во повисоките седишта,давајќи акцент на подобрената видливост. Овој компактен авантурист привлече внимание со спортскиот дизајн, а покрај тоа, и двапати е добитник на наградата „Автомобил на годината со погон на сите 4 тркала“. Самоуверените мускулести линии го привлекуваат вниманието, а повисоката поставеност од земјата и големите тркала од лесна легура се доказ дека станува збор за вистински теренец.
Opel Grandland X ги претставува сите карактеристики што ги поседува еден СУВ-автомобил. Големата пространост и разновидност, комбинирана со стилско-динамичен ентериер, го прават Grandland X премиум-возило со врвни квалитети. Овој несекојдневен СУВ го привлекува вниманието со своите остри линии, мускулестата силуета и спортскиот изглед. Многуте иновативни технологии го прават возењето полесно, попрактично и побезбедно од кога било досега. Сите овие особини го прикажуваат Grandland X вистински предизвикувач во својата класа.
На крајот од вечерта директорот Ненадовиќ го извлече и среќниот добитник на наградната игра кој освои викенд за двајца во „Аурора ресорт & спа“ во Берово, на кој ќе отпатува со Grandland X и ќе се увери во сите негови погодности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Стојаноски: За првпат после долго време, носиме ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи

Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната Комисија за финансирање и буџет, се обрати и истакна дека ребалансот е резултат на анализа, одговорност и јасна визија. Според него, со зголемени приходи и рационално трошење, се вложува во плати, пензии, образование, здравство, транспорт, локален развој и млади. Стојаноски додаде дека ова не е симболика, туку конкретна инвестиција во квалитетен и достоинствен живот за сите граѓани во земјава.
,,Ова е порака, порака за нова економска парадигма, порака за домаќинско водење на државните финансии, порака дека не чекаме кризите да не затекнат, туку со рационален пристап и силна политичка волја ги пренасочуваме средствата таму каде што најмногу треба кај граѓаните. Затоа што буџетот, тоа не се само бројки. Тоа е политика во својата најконкретна форма За првпат после долго време, носиме Ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи“, рече Стојаноски.
Истакна дека со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за плати 800 милиони денари, пензии 2,5 милијарди денари и капитални проекти 300 милиони денари, со што се засилува економскиот развој.
,,Оваа рамка е показател дека Буџетот не е притиснат и потрошен, туку управуван мудро и рационално. Приходите растат, трошењето е контролирано, а приоритетите се кристално јасни“, кажа Стојаноски.
Тој посочи дека ова ќе овозможи повеќе луѓе со попреченост да живеат во заедницата, а не во институции, а ќе има повеќе лични асистенти, повеќе дневни центри, повеќе услуги достапни во секоја општина. Тој напомена и дека најважно од се е тоа што значи дека младите не се заборавени, туку активно вклучени во секоја социјална политика.
Тој додаде дека овој ребаланс значи вложување во луѓето и иднината, во подобри услови за факултети, студентски домови и училишта, во достапен транспорт и здравство за сите, без разлика каде живеат, во поддршка за културата, енергетска независност и младите. Според него, ова не е трошок туку инвестиција во достоинствен живот.
Економија
Битиќи: Ребалансот e признание дека Владата ја загубила финансиската контрола, со дефицит од 4 проценти, над законскиот лимит

Овој ребаланс е индиректно признание дека Владата ја изгубила фискалната контрола и јасно огледало на продлабочената фискална неодговорност во јавните финансии. Наместо реално прилагодување и развојна ориентација, добиваме документ кој прикрива неизвршени ветувања и скицира нереална економска слика, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната седница за ребаланс.
Тој истакна дека иако дефицитот останува на 4% од БДП, тоа е над законскиот максимум од 3%, а отстапување е дозволено само во вонредни ситуации кои во нашата земја не постојат.
„Владата веќе не контролира фискална рамнотежа и го користи ребалансот како политички инструмент. Дефицитот речиси се удвои за месец и половина, од 13,4 на 27,5 милијарди денари. Таков раст не се случува во економија со здрава фискална дисциплина и е знак за неефикасно управување и неконтролирана јавна потрошувачка. Ако приходите растат по 40%, а расходите достигнаа 44%, дали оваа Влада има план? Или троши сè како да нема утре?“ – рече Битиќи.
Според него, наместо реална прераспределба, ребалансот е само козметика, розово на хартија, а црвено во реалноста. Ова не е буџет со план, туку импровизација за политички цели.
„Новото задолжување од 500 милиони евра и скриените долгови од над 700 милиони евра создаваат дополнителен фискален товар што ја загрозува економската стабилност и ќе мора да се решава во иднина.
Разочарувачки е и нискиот степен на реализација на капиталните инвестиции – само 23%, далеку од ветениот рекорден инвестициски циклус“.
Како што рече, Буџетот се користи како предизборно оружје: зголемувањето на пензиите и платите во јавниот сектор, растот на трошоците за договорни услуги и тројното зголемување на буџетските резерви укажуваат на непотизам, партиски вработувања и нетранспарентна потрошувачка.
Во услови кога јавните финансии се загрозени, ова не е одговорно управување со државните пари, туку краткорочна партиска кампања со ризик за економската иднина на граѓаните.
Економија
Божиновска-Триподи: Македонија е стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти со јасна регулаторна рамка

Во рамки на Бизнис форумот „Италија – Северна Македонија“, кој денес се одржа во Скопје, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари билатерална средба со Марија Триподи, заменичка министерка за надворешни работи и меѓународна соработка на Република Италија.
На средбата беше изразено заедничко задоволство од сè поинтензивната економска и политичка соработка меѓу двете земји, особено во доменот на енергетиката, каде што постои значаен интерес од италијански компании за инвестирање во зелени и одржливи технологии.
Министерката Божиновска ја информираше соговорничката за тековните проекти што ги спроведува Министерството, како и за новите можности за странски инвестиции во обновливи извори на енергија, енергетска инфраструктура и складирање на енергија. Таа истакна дека Северна Македонија станува стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти, со јасна регулаторна рамка и амбициозни цели во енергетската транзиција.
Од страна на г-ѓа Триподи беше изразена поддршка за енергетските реформи што ги спроведува земјата и интерес за продлабочување на билатералната соработка преку конкретни проекти и партнерства, како на институционално, така и на деловно ниво.
Двете соговорнички се согласија дека енергетиката претставува стратешко поле за понатамошно поврзување на Северна Македонија и Италија, со можност за заеднички проекти во контекст на регионалната поврзаност, транзицијата кон чисти извори и развој на модерна енергетска мрежа.