Економија
Генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, панелист на првата годишна конференција на „Блумберг адрија“

„Алкалоид“ е компанија која функционира глобално, но базата е во Македонија. Иако прогнозите на светско ниво се песимистички, со стабилност дома, ако сите дадеме свој мал придонес за раст на националната економија, амбициозните проекции би биле реални. Ни недостига и поголема меѓусебна доверба за како нација да растеме заедно“.
Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, зеде учество на Првата годишна конференција „Back to business – Економски потенцијал и развојни можности за Македонија“, во организација на мултиплатформската мрежа за деловни вести во Југоисточна Европа, „Блумберг Адрија“.
Во рамките на панелот „Македонскиот реален сектор: Бизнис-модел воден од новите технологии“, посветен на прашањата за водење бизнис во турбулентно време, за потребните промени во стопанството и за неопходноста од следење на светските трендови и технолошки иновации, Мукаетов истакна дека компаниите мора да бидат во тек со најновите случувања од областа на новите технологии.
„Веќе 25 години живееме во ерата на 4-тата индустриска револуција, чиј производ, меѓу другото, е и вештачката интелигенција. На повидок е 5-тата индустриска револуција, која ги спојува виртуелниот и реалниот свет во едно. Сè поочигледно е дека дигиталната писменост претставува неопходност. ’Алкалоид’ континуирано инвестира во модерна и технолошки напредна опрема, софтвери и кадар. Во моментов сме во процес на имплементација на 4 нови софтвери, a oчекуваните придобивки од нив вклучуваат: oптимизација на процесите, намалување на трошоците, брзина при донесувањето одлуки, поголема ефикасност, придонес во заштитата на животната околина и зголемена продуктивност“, истакна Мукаетов.
На прашањето околу влијанието на глобалните геополитички случувања врз работењето, како и нивниот импакт врз движењата на цените на суровините и репроматеријалите во следниот период, Мукаетов даде објаснување низ реалниот пример на „Алкалоид“: „Високата инфлација се одрази врз работењето на сите компании. Се соочивме со неколкукратен раст на цените на некои од клучните суровини и материјали, што наметна дополнителни непредвидени трошоци. Периодов имавме ненајавено, двојно зголемување на цената на една од клучните супстанци во лекот ’Кафетин’, која е достапна само во Азија. Во моментов има дефицит на кофеин, витамин Б и Д, кои имаат допирни точки со кондиторската индустрија, а со побарувачката енормно пораснаа и нивните цени.
Глобалните воени конфликти, пак, како оној во Суецкиот Канал, го попречија движењето на суровините, што предизвика застој во циклусите на испорака и зголемена ставка на транспорт на суровините. Од друга страна, пак, фармацевтските производи припаѓаат на строго ценовно регулирана категорија производи, па повеќето од цените се замрзнати, односно не се дозволуваат корекции од државните авторитети надлежни за нив.
Говорници на првата панел-дискусија посветена на искуствата од функционирањето на бизнисот во глобално турбулентни времиња беа и: Генералниот директор на „Пивара Скопје“, Душан Митрев; Главниот извршен директор на „А1“, Методија Мирчев, и Генералната директорка на „Макстил“, Марија Дуковска-Павловска. Настанот посветен на економските развојни можности во земјава го отворија Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и Директорката за содржина на „Блумберг Адрија“, Јелисавета Лазаревиќ.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
„Соработка за економски напредок“: средба меѓу гувернерот на Народната банка и претседателот на Стопанската комора

Во духот на заедничката определба за поттикнување на економскиот развој и за зајакнување на институционалната соработка, во Народната банка денес се одржа средба меѓу гувернерот Трајко Славески и претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.
На средбата беше нагласена важноста на постојаниот дијалог помеѓу носителите на економската политика и бизнис-заедницата, особено во контекст на актуелните светски и регионални економски предизвици. Претседателот Азески истакна дека Комората е подготвена за понатамошна активна соработка со Народната банка, изразувајќи поддршка за професионалноста и кредибилитетот што гувернерот Славески ги носи на оваа позиција, известува Народната банка.
Во разговорот беа отворени теми поврзани со монетарната политика, финансиската стабилност, пристапот до финансии за стопанството, како и улогата на Народната банка во создавањето поволно деловно опкружување. Двете страни се согласија дека со заемна отвореност и координација може да се придонесе за поефикасно исполнување на стратегиските економски цели на земјата.
Гувернерот Славески ја истакна заложбата на Народната банка за транспарентност, предвидливост и поддршка на стабилноста, како предуслов за одржлив раст. Тој упати благодарност за поддршката и изрази задоволство од иницијативите на Комората за продлабочување на комуникацијата со институциите од финансискиот сектор.
Средбата заврши во конструктивен дух, со договор за засилување на соработката преку редовни консултации и размена на анализи и мислења од заеднички интерес, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Се зголемува цената на дизелот

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,93 % во однос на одлуката од 2.06.2025 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,833%, кај дизелот за 3,057%, кај екстра лесното масло за 3,388% и кај мазутот зголемувањето е за 3,088%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,5243%.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,624 ден/кг и сега ќе изнесува 38,486 ден/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 10.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
Економија
Објавени повици за самовработување, за млади до 29 години грант до 10.000 евра, а за невработени над 29 години грант до 7.000 евра

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со директорот на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, Селајдин Белули, денеска официјално го објавија отворањето на јавниот повик за Мерка 1.1 и Мерката 1.2 во рамки на Оперативниот план за вработување за 2025 година, кои имаат за цел поддршка на самовработувањето на невработените граѓани регистрирани во Агенцијата за вработување.
Мерката 1.1 е наменета за лица над 29 години и обезбедува финансиска поддршка од 430.500 денари односно 7.000 евра за основање на нов бизнис, а Мерката 1.2 се однесува за млади до 29 години, кои имаат можност да добијат поддршка до 615.000 денари или 10.000 евра за основање сопствен бизнис.
Двете мерки, исто така, вклучуваат обука за претприемништво, подготовка на бизнис план и менторство за 6-месечен период за целните групи, вклучувајќи ги и лицата со попреченост, припадниците на ромската заедница и жените од руралните средини.
„Овие мерки не се само финансиска помош, туку се директна инвестиција во потенцијалот на граѓаните и во развојот на локалната економија“, истакна министерот Дурмиши на прес-конференцијата.