Економија
ГСОЛ: „Фени“ повторно станува клучен двигател на економијата, извештаите за транспарентноста на стечајот се злонамерни
Новото раководство на кавадаречкиот металуршки гигант смета дека извештаите во медиумите во врска со транспарентноста на стечајниот процес може да се објаснат само како злонамерни во однос на „Фени индустри“ и неговата иднина. „ГСОЛ“ и неговата македонска подружница „Еуроикел“, кои сега стопанисуваат со фабриката, велат дека ги преземаат сите неопходни активности за да го изразат своето искрено изненадување и бараат целосна правна заштита.
Од фабриката велат дека „Фени“ бележи втор последователен успешен месец на производство проследено со извоз на фероникел и засилено продолжува напред по рестартирањето на фабриката. „Еуроникел“, велат од фабриката, ја спроведува тековната соработка со „Фени“ и ги финансира платите и сите други месечни производствени активности на фабриката, што доведува до враќање на производот на ФЕНИ на меѓународните пазари на метали. Директорите Герасим Кујунџиев и Андреас Цагарис го предводат тимот на „Еуроникел“ во Македонија.
„Преку договорот со глобално позициониран учесник во индустријата, ‘Фени индустри’ одново ја гради својата позиција како клучен двигател на македонската економија, значително придонесувајќи за нејзиниот раст и развој. Спасувањето на ‘Фени’ по неколкумесечното лошо раководење и нестабилност веќе резултира со поттикнување на локалната економија. Постојните вработени се задржани на нивните работни места и секојдневно се создаваат нови работни места, директно и индиректно”, рече Герасим Кујунџиев, директор на „Еуроникел“ ДООЕЛ Скопје.
Во текот на последните месеци, ГСОЛ и „Еуроникел“ ги откупиле и продолжуваат да ги откупуваат побарувања на стотици доверители на „Фени“, со што се обезбедуваат средствата што им се неопходни на стотици добавувачи на ФЕНИ, вклучувајќи ги и исплатите на долгови кон вработените и транспортерите, направени од страна на претходните сопственици. ГСОЛ и „Еуроникел“ сега се најголеми кредитори на компанијата, како и единствен инвеститор во секојдневните активности и во понатамошното работење на комбинатот.
„’Еуроникел’ ја има целосната поддршка на матичната компанија ГСОЛ и е посветена на заживување на ‘Фени“ и инвестирање во идниот раст. Имаме финансиски и технички ресурси за да дадеме резултати кои долгорочно ќе бидат од корист за македонската индустрија”, изјави Маркос Камис, директор на „ГСОЛ“.
„ГСОЛ“ е матична компанија на „Еуроникел“, која, пак, е глобално признаена инвестициска компанија со производни капацитети и експертиза во секторот на фероникелот. Групацијата веќе вработува над 1500 луѓе во своите капацитети за рударски и металуршки дејности на глобално ниво со експерти од ГСОЛ кои редовно се вклучени во тимот на „Еуроникел“ за поддршка на активностите на „Фени“ во Македонија.
„ГСОЛ“ е основана во 2009 година и својата најголема инвестиција во доменот на природните ресурси ја прави со купувањето на фабриката „Фалкондо“ во 2015 година, капацитет за производство на фероникел во Доминиканската Република од швајцарската рударска компанија „Гленкор“.
„’ГСОЛ’ постигна извонреден пресврт во оваа фабрика, особено бидејќи како ‘Фени’ и Фалкондо е исто така индустриски заштитен знак на Доминиканската Република. Сметаме дека неодамнешните извештаи во медиумите во врска со транспарентноста на стечајниот процес може да се објаснат само како злонамерни во однос на ‘Фени индустри’ и неговата иднина“, објаснуваат од фабриката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Отворени се 22 нови рути кои ја поврзуваат Македонија со цела Европа, објави Николоски
Вицепремиерот Николоски на својот фејсбук профил објави мапа со воспоставени 22 нови авио дестинации кон Европа од двата домашни аеродроми.
Продолжуваме со повеќе активности за зајакнување на авиосообраќајот, напиша Николоски.
„Силно се развива авиосообраќајот во Македонија.
Отворени се 22 нови рути кои ја поврзуваат Македонија со цела Европа.
Аеродромите во државата со се поголем број на патници стануваат лидери во регионот.
Продолжуваме во период кој следи со уште повеќе активности со цел зајакнување на авиосообраќајот” напиша Николоски.
Економија
Спасовски: Со минимална плата од 600 евра ја штитиме егзистенцијата на граѓаните, прифатете го Законот
„Со континуираниот раст на минималната плата, државата го штити и вреднува трудот на работниците. Предлог-законот за минимална плата, во износ од 36.960 денари, претставува продолжение на континуираниот раст на минималната плата, што започна системски во 2017 година и кој во изминатите години значително го подобри животниот стандард на работниците со најниски примања“, рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната комисиска расправа .
Тој посочи дека, и покрај законскиот механизам за усогласување на минималната плата со растот на просечната плата и трошоците за живот, реалноста покажува дека динамиката на поскапувањето ја надминува динамиката на законското усогласување.
„Најзасегнати од ова се граѓаните кај кои минималната плата е единствен извор на приход. Со овој закон предлагаме утврдената минимална плата од 36.960 денари со цел да се зачува реалниот животен стандард и да се обезбеди достоинствен надомест за трудот на сите работници“, додаде Спасовски.
Тој посчи дека дека средствата за спроведување на законот, предвидени во износ од 7,5 милијарди денари, ќе се обезбедат преку пренамена во рамките на постојниот буџет, без зголемување на дефицитот и без ново задолжување.
„Станува збор за одговорна и внимателно планирана пренамена која обезбедува високи примања на работниците, а при тоа ја зачувува и финансиската стабилност на државата. Минималната плата е показател на тоа колку едно општество го вреднува трудот на работниците. Таа е прашање на социјална правда, економска стабилност и човечко достоинство. Ако трошоците за живот растат, платите мора да го следат тој раст“, рече Спасовски.
Тој повика на единство во носењето на законот: Барам од сите колеги, без разлика на политичката припадност, да застанеме заедно во носењето на ова законско решение. Со тоа испраќаме порака дека го слушаме гласот на работниците и синдикатите и дека обезбедуваме егзистенција за граѓаните.
Економија
(Видео) Битиќи: Минималната плата од 600 евра не е привилегија, туку право на работниците
Зголемувањето на минималната плата на 600 евра не е никаков каприц, туку барање за социјална нормалност, а без оваа законска интервенција, оваа нормалност може да биде само политичка привилегија. Кога велиме 600 евра минимална плата, ние не велиме државата да продолжи да биде пасивен набљудувач и работите во економијата да се движат по инерција. Бараме платата да се зголеми, а Владата да си ја преземе одговорноста, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната комисиска расправа во Собранието за предлог-законот за зголемување на минималната плата.
Битиќи остро ја критикуваше Владата за продлабочувањето на сиромаштијата, слабата контрола врз цените и отсуството на вистински социјален дијалог околу минималната плата од 600 евра. Тој предупреди дека растот на трошоците директно ја нагризува куповната моќ на граѓаните.
„Оваа динамика ни кажува едноставно дека куповната моќ се јаде одвнатре, односно постои изразена тенденција сиромаштијата системски да е толерирана. Во овие услови, Владата нема право да зборува за одржливост кога се отвора темата за плати, а да молчи за сопствените институционални потфрлања што директно ја гушат економијата“, појасни Битиќи.
Тој посочи дека наместо да преземе одговорност, Владата го префрла товарот врз работниците и синдикатите.
„Се соочуваме со последователно множество на институционални слабости што го креваат стопанството на колена, а потоа Владата им држи лекција на работниците и фирмите да се договорат, праќајќи порака дека од нејзината страна нема простор за достоинствени плати.“, рече пратеникот на СДСМ.
Во однос на социјалниот дијалог, Битиќи беше дециден:
„Трошоците на живот растат, синдикатите бараат решение, а одговорот што го добиваат е одложување, игнорирање и политичка острина кон барањата на работниците. Во таква клима, социјалниот дијалог не се одржува, туку се задушува. 600 евра минимална плата е линија под која државата не смее да се повлече. Цените и трошоците веќе покажаа дека сегашните политики на Владата произведуваат работничка сиромаштија. Да не го оставаме работникот сам да се бори со инфлацијата и слабата контрола на државата. Достоинството не се одложува, туку мора да се гарантира.“, заклучи Фатмир Битиќи.

