Економија
Дали ќе се зголеми минималната плата зависи од вонредни ревизии кои сите јавни институции треба да ги завршат за еден месец
На барањето на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) Владата во првите сто дена да ги прими на разговор и да ја зголеми минималната плата на 450 евра, министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочоска одговори со барање за дополнителни анализи. Токму поради ова барање на синдикатите вели дека ги задолжила сите јавни институции да направат вонредни ревизии од ќе зависи што ќе се прави со минималната плата.
„Затоа побараме функционална анализа во делот на јавната администрација. Ги задолживме институциите секој да достави функционална анализа, прво да видиме што се случува таму, паралелно со тоа ќе се види што ќе се прави со минималната плата. Требаше да има корекција на платата на администрацијата и таа е предвидена во буџетот. Знаете дека законски имаат право на корекција и таа корекција во законот вели ако е над 3 % инфлацијата разликата меѓу она што било реална инфлација и тие над три проценти им се додава, чинам беше некаде 0,7 % зголемување на платите согласно законот за јавниот сектор“, рече министерката Димитриевска-Кочоска денес, образложувајќи го ребалансот на буџетот.
Со заклучок на Влада, сите јавни институции се задолжени да преземат итни активности во рамки на своите институции, единки и корисници во насока на спроведување на вонредни ревизии за утврдување на наменското трошење на финансиските средства на Буџетот,ж и најдоцна во рок од 30 дена до Владата да достават повратна информација. Освен тоа јавните институции се задолжени при склучување на колективните договори да ги имаат предвид одобрените буџетски средства и да не преземаат обврски за кои немаат обезбедено средства во буџетот за тековната година и утврдените максимални износи на расходи на среден рок.
За разлика од министерката за финансии која ќе чека анализи за да разговара за зголемување на минималната плата, министерот за економија, Бесар Дурмиши, пред две недели рече дека за барањето на синдикалците минималната плата да биде 450 евра ќе се разговара на првата седница на економско-социјалниот совет, но не кажа за кога е планирана.
Синдикалците на првомајскиот протест годинава побараа минимална плата од 450 евра и враќање на трошоците за храна и превоз во првите сто дена на новата влада или протести.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Ангеловска-Бежоска во колумна за „Топ 100 извозници“: Извозот на услуги станува сѐ позначаен двигател на економскиот раст
Со трговска отвореност од над 150% од БДП и извоз на стоки и услуги од над 70% од БДП, нашата економија е пример за мала и отворена економија успешно интегрирана во глобалните трговски текови. Притоа, извозот на услуги станува сѐ позначаен двигател на економскиот раст и поддршка на платнобилансната позиција на економијата со позитивно влијание врз девизните резерви. „Во периодот по 2020 година се забележува раст на извозот на услужниот сектор, особено во делот на компјутерските и деловните услуги. Во делот на ИТ-услугите е забележано удвојување на учеството во БДП во однос на извозот во 2019 година, додека во делот на деловните услуги е забележан пораст од 50%“, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во авторскиот текст објавен во петтата годишна едиција „Топ 100 извозници 2024“ на специјализираниот портал Извоз.мк.
Во колумната гувернерката истакнува и дека според индексот за подготвеност за вештачката интелигенција на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), нашата земја е на 77 место од вкупно 174 земји, што укажува на простор за унапредување на нивото на дигиталната зрелост на земјата за вештачката интелигенција, од аспект на соодветноста на човечките ресурси, дигиталната инфраструктура и регулативата во оваа област.
„Еден показател каде што нашата држава е релативно добро рангирана во споредба со земјите од регионот, па и со дел од земјите на ЕУ, е процентот на компании коишто користат вештачка технологија и аналитика на големи бази на податоци (близу 13% од компаниите користат големи бази на податоци (англ. big data), а речиси 10% вештачка интелигенција). Ова укажува на потенцијал за искористување на оваа компаративна предност и задржување на добрите извозни остварувања на услужниот сектор и во иднина“, вели гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката во текстот укажува и на можните ризици, како дополнителен предизвик за идните остварувања на македонскиот извозен сектор, како геофрагментацијата, влошените очекувања за германската економијата, како наш најважен трговски партнер, како и климатските промени. Гувернерката нагласува дека периодот којшто ни претстои изобилува со предизвици, и за носителите на економските политики, и за економските субјекти, но и можности доколку компаниите успеат брзо и успешно да се приспособат на динамичните промени.
„Јасна е потребата за јакнење на продуктивноста, којашто значително заостанува зад поразвиените економии (за илустрација, продуктивноста на домашната економија е околу 50% во однос на просечната продуктивност на земјите од ЕУ), за подобрување на конкурентниот профил, следење на технолошкиот напредок и за нови инвестиции“, нагласува Ангеловска-Бежоска.
Авторскиот текст на гувернерката е достапен на следнава врска.
Економија
БРАКО на АНАНАС: медицинскиот мебел на БРАКО отсега и со онлајн продажба на Ананас
Дел од програмата на медицински мебел на БРАКО отсега ќе може да се купи на сајтот за онлајн тргување Ананас. На сајтот се изложени производи кои се од домашно македонско производство и кои досега беа достапни за купување директно oд капацитетите во фабриката во Велес.
На овој начин, со партнерството со популарниот сајт за онлајн продажба Ананас, се излегува во пресрет на приватни лица и помали правни субјекти од областа на здравството и козметологијата да можат набават опрема за лично користење и за обавување на својата дејност, на начин кој е во тек со светските трендови на купување.
На сајтот се достапни кревет за медицински преглед, столчиња за медицински преглед, медицински паравани, рефлектори, сталаци, отомани за физиотерапија и масажа, сервисни колички и други производи.
Палетата на БРАКО која ќе биде достапна на Ананас во иднина ќе се проширува и ќе биде од корист особено за постари лица и лица кои се соочуваат со одредени физички здравствени попречености и на кои им се потребни помагала за олеснување на секојдневното функционирање, дома и надвор од домот.
Сите големи нарачки на медицински мебел и натаму се возможни во директен контакт со производителот БРАКО.
(ПР)
Економија
Македонските вина се продаваат во 40 држави во светот, Владата најавува зголемено производство и извоз
Македонија денес се претставува на „Винскa визија на Отворен Балкан“ во Белград.
Оваа година 80 винарски визби се претставуваат на овој саем од кои што 68 се мали семејни винарии и 12 винарски визби кои што се дел од здружението „Wines of Macedonia“, а за првпат имаме и изложувачи на квалитетна македонска традиционална храна.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, рече дека ова е одлична можност македонските квалитетни вина да бидат промовирани на саемот.
Тој посочи дека е зголемена продажбата на македонското вино надвор од границите на државата.
„Република Македонија е на 22 место во светот по производство на вино, а се наоѓа на 29-то место по извоз на вино во светот“, заклучи министерот.
Трипуновски додаде дека Владата има за цел да се зголеми производството на вино во државата со што ќе се зголеми и извозот на истото во светот. Девизен прилив од извоз на вино за 2023-та година изнесуваше над 57 милиони евра.
„Нашите вина се продаваат во преку 40 држави во светот. А, најголем дел се пласира овде во регионот, односно на Балканот“, истакна тој.
„Како Влада продолжуваме посветено да работиме во делот на секторот винарство бидејќи е втора најзначајна гранка во Република Македонија по извоз и девизен прилив“, нагласи министерот Трипуновски.