Економија
Дваесет години од воведувањето на еврото

На денешен ден пред 20 години е воведено еврото како заедничка валута на 12 земји од ЕУ, а денеска го користат повеќе од 340 милиони луѓе во 19 земји.
Еврото беше воведено како книжна валута три години порано, на 1 јануари 1999 година, а на 1 јануари 2002 година во 12 земји на ЕУ националните валути беа заменети со еврото, што беше најголемата замена на валута во историјата.
„ Еврото стана столб на стабилноста и еднаквоста ширум светот, благодарение на вас, стотици милиони Европејци кои веруваа во него, му дадоа сила, доверба и го користеа секој ден“, изјави во видео порака по повод 20-годишнината од воведувањето на еврото, директорката на Европската централна банка, Кристин Лагард.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, рече дека еврото е конкретен симбол на европскиот успех, како една сигурна, динамична и солидна валута.
„ Поминаа 20 години откако европските граѓани можат да го носат еврото во своите џебови, кое не само што е една од најмоќните валути во светот, туку, пред сè, е симбол на европското единство“, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен по повод годишнината.
Eврото првпат беше воведено во 12 земји – Австрија, Белгија, Финска, Грција, Ирска, Италија, Луксембург, Германија, Холандија, Португалија и Шпанија, а денес еврозоната ја сочинуваат 19 земји-членки на ЕУ. Прво им се приклучи Словенија, па Кипар, Малта, Словачка, Естонија, Летонија и на крај Литванија, а следната година истото треба да го направи и Хрватска.
Бугарија најави дека сака да се приклучи една година по Хрватска, на 1 јануари 2024 година и Романија најави дека ќе почне да се подготвува за воведување на еврото, додека Чешка, Полска и Унгарија се двоумат. Во Шведска, на референдум во 2003 година, граѓаните одбија да се приклучат на еврозоната.
Денес, еврозоната има повеќе од 340 милиони жители и е втора по големина економска област во светот, со 15 отсто од светскиот БДП.
Еврото е втора најбезбедна валута по доларот. Сега претставува 20 отсто од светските девизни резерви наспроти 60 отсто за доларот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.