Економија
Двајца кавадарчани добија грантови од 20.000 евра за семејни винарници

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, денеска, во Кавадарци, врачи две од вкупно 27 одобрени апликации за Тиквешкиот Регион за инвестиции во агросекторот преку „Мерката 113 – поддршка за поттикнување на земјоделското производство“.
Апликантите што денеска ги добија договорите имаат одобрено неповратен грант до 20 илјади евра за набавка на опрема за семејни винарници.
„Имено, со овие средства апликантите ќе набават пневматски преси, иноксни садови, мелачки за грозје, разладни уреди, пумпи и опрема за полнење шишиња. Модернизирањето на производството на овие млади луѓе е најголем доказ дека нашите мерки даваат резултат, а граѓаните ја препознаваат шансата шот им ја дава Владата за поддршка на младинското претприемаштво. Петре и Блаже преку своите семејни винарници ќе овозможат домашното производство на грозје да се преработи во нивни сопствени капацитети и да се произведе сопствено вино како нов бренд во широката македонска винска понуда“, истакна Бачовски.
Бачовски додаде дека преку мерките што се реализираат преку Агецијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој се создаваат нови работни места, нови брендови, кои позитивно ќе се одразат на домашната еконимија. Со „Мерката 113 – поддршка за поттикнување на земјоделското производство“ се опфатени 265 апликанти на возраст до 40 години за кои се одвоени 3,1 милиони евра за инвестиции во преработка и маркетинг на земјоделски производи.
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој продолжува со засилена имплементација на мерки и програми за доделување финансиска помош како главен двигател на развојот и модернизацијата на агросекторот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Уште два работни дена да поднесете и да платите ДДВ за овој даночен период

Управата за јавни приходи ги повикува сите даночни обврзници да ги достават потребните документи до своите сметководители заради навремено поднесување и плаќање на обврските по основ на данокот на додадена вредност (ДДВ) за даночниот период 1 до 31 август.
Крајниот рок за поднесување и плаќање на ДДВ-04 пријавите е 25 септември 2025 година (четврток).
„Бидете одговорни даночни обврзници. Исполнете ги обврските навреме и одржувајте солидна даночна историја, на тој начин избегнувате дополнителни трошоци, камати и санкции“, велат од УЈП.
Досега, од очекуваните 7.748 ДДВ-04 пријави, поднесени се вкупно 2.057, што е близу 27% од вкупниот број на даночни обврзници кои треба да поднесат ДДВ – 04 пријава. Управата за јавни приходи апелира до сите даночни обврзници да ги исполнат своите законски обврски навремено, за да избегнат стрес и дополнителни финансиски трошоци.
Навременото поднесување и плаќање на ДДВ-04 пријавата е од исклучителна важност за правилното усогласување со даночните прописи, одржување на финансиската стабилност на бизнисите и за развојот на економијата.
Даночните обврзници кои имаат потреба од дополнителни информации или поддршка можат да се обратат на: е-Пошта: [email protected] Телефонски броеви: Од фиксна линија: 0800 33 000 Од мобилен телефон: 02 3253 200
Економија
Во Кавадарци за мерката за самовработување пристигнати 132 апликации

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески оствари работна средба со градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев и претставници на бизнис-секторот во Кавадарци.
Ристески пред присутните ги презентираше главните мерки на министерството за економија и труд за поддршка на стопанството и претпријатијата, како и мерките од Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2025 година.
„Навистина сум задоволен од големиот интерес кои граѓаните и компаниите од Кавадарци го покажаа за мерките од Оперативниот план, каде само за мерката за Поддршка за самовработување (претприемништво) се пристигнати 132 апликации. Голем интерес покажаа и компаниите за поволностите кои се нудат во мерките од оперативниот план, каде за мерката „Вработување и раст на правни субјекти“ аплицирале 67 компании за поддршка за отворање на 72 нови работни места, додека за мерката „Поддршка за креирање на нови работни места преку зелени инвестиции“ аплицирале 10 компании за 15 нови работни места. Големиот интерес е доказ дека во Кавадарци и Тиквешкиот регион има голем потенцијал за економски раст и развој и ние и понатаму ќе ги поддржуваме компаниите во овој процес“, кажа заменик-министерот Ристески.
На средбата присуствуваа и Даниела Димовска, в.д. директор на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво (ИНОВА) и Весна Пешова, заменик-директор на Агенцијата за вработување, кои на присутните им ги презентираа програмите за работа на нивните институции и мерките кои им стојат на располагање на граѓаните, занаетчиите и компаниите.
Градоначалникот Јанчев на средбата потенцираше дека како општина секогаш даваат поддршка на сите позитивни мерки кои придонесуваат за развој на домашната економија и го развиваат претприемачкиот дух кај младите лица.
Економија
Цената на златото достигна рекордно високо ниво

Цената на златото се зголеми за 0,22 проценти утрово достигнувајќи рекордно високо ниво од 3.184 евра (3.755 долари) за унца во 9.30 часот наутро по средноевропско време.
Цената на златото се движеше помеѓу 2.150 евра (2.536,91 долари) и 3.184 евра (3.755 долари) за унца во текот на изминатите 12 месеци, што е зголемување од 42,8 процента. Пазарните очекувања за понатамошно намалување на каматните стапки од страна на Федералните резерви на САД (ФЕД) силно влијаеја врз цените на стоките, особено на златото.
По инсистирањето на американскиот претседател Доналд Трамп, ФЕД ги намали каматните стапки за 0,25-процентни поени минатата недела. Пазарите очекуваат уште едно намалување на стапките на следните состаноци на ФЕД во октомври и во декември.
Претседателот на Федералните резерви, Џером Пауел, на прес-конференцијата објасни дека каматните стапки се намалени поради слабоста на пазарот на трудот, но исто така предупреди дека инфлацијата е сè уште висока и дека се очекува дополнително да се зголеми поради воведувањето царини.