Економија
Деспотовски: Компаниите во индустриските зони се носители на извозот
Економските движења во индустриските зони и покрај кризата се со позитивни економски индикатори во однос на државно ниво, а вложените средства се враќаат, покажува првичната анализа која ја претстави директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.
„Воведуваме нови механизми за отвореност и нови практики во функционирањето на ТИРЗ како најзначајна јавна институција за создавање ефикасна бизнис-клима во земјава. Ќе креираме политики врз база на бројки, а не бројки согласно политики. Целта ни е да видиме што добива државата за секое вложено евро и како да ја зголемиме додадената вредност на инвестициите, но и за луѓето кои работат таму“, изјави Деспотовски.
Бројките покажуваат дека компаниите кои работат во ТИР зоните се носители на извозот во земјава. Само во изминатите 10 месеци оствариле вкупен извоз од 2,1 милијарди евра и сочинуваат 45% од вкупниот извоз на државата. Вкупниот извоз во државата, како последица на кризата е опаднат за 13%, но во индустриските зони е значително помал и изнесува 9%.
Зголемено е и учеството во вкупниот увоз на компаниите од зоните кое годинава е речиси 28%, и покрај севкупниот пад на увозот.
Особено голема разлика има во однос на нето-извозот – индустриските зони имаат позитива од 21%, додека вкупниот нето-извоз во државава е во пад од над 23%. Над 70% од компаниите се профитабилни со со пораст на приходите од 8,3%, а расте и нивната уплата во државниот буџет.
„Оваа своевидна економија во економија мора да ја мобилизираме да генерира уште поголема додадена вредност. Веќе имаме речиси 49% годишен пораст на позитивната разлика од она што тие го враќаат во буџетот и исплатената државна помош само од ТИРЗ, без Агенцијата за странски инвестиции и царинските ослободувања“, рече Деспотовски.
Во моментов во компаниите во зоните работат над 14.000 лица, но анализата покажува дека иако изминатата година има пораст од 5,9% на бруто платите, сепак компаниите во зоните исплаќаат 5,5% пониска бруто-плата во однос на просечната плата во земјава.
„Зголемување на платите на работниците ангажирани во индустриските зони за 30% до 50% до 2024 година ни е еден од приоритетите кои си ги поставивме во програмата за работа на ТИРЗ. Ќе креираме посебни државни програми и мерки со кои ќе ги поттикнеме компаните да исплаќаат повисоки плати и да привлечеме инвестиции со повисока додадена вредност кои ќе донесат и подобро платени работни места“, најави Деспотовски.
Странските инвестиции остануваат во фокусот, но целта е да се привлечат и македонсите компании за да се вклучат во глобалните вредносни синџири. ТИРЗ ќе работи и на развој на нови иницијативи во делот на привлекување приватен капитал во развојот на инфраструктурата и инвестициите.
Деспотовски најави и рационализација на државни институции во делот на привлекување странски инвестиции и нивно спојување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Зголемување од 15 проценти на откупот и продажбата на земјоделски производи во последното тримесечје, споредбено со лани
„Минатата година, следејќи ги сите тримесечја во споредба со 2024 година, и последниот извештај потврди позитивни трендови во земјоделството. Според официјалните податоци, откупот и продажбата на земјоделските производи во последното тримесечје изнесуваат 12,5 милијарди денари, што претставува раст од 15% во однос на истиот период од 2024 година“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Струмица.
Тој додаде дека растот не се однесува само на откупните и продажните цени, туку и на зголемениот квантитет на земјоделски производи.
„Според табелите објавени од Државниот завод за статистика, речиси кај сите земјоделски производи се бележи зголемување на количините. Особено се издвојуваат грозјето, пченицата и јаболката, како и производството во сточарството, особено во свињарството, овчарството и производството на говедско месо“, појасни Трипуновски.
Тој додаде дека зголемувањето на количините е забележано и кај останатите земјоделски култури, што претставува значаен показател дека 2025 година може да се оцени како успешна, со зголемен интензитет и на откупот и на извозот на земјоделски производи.
Економија
Мицкоски: Очекувам инфлацијата да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека Државниот завод за статистика излезе со извештај за инфлацијата и какви се очекувањата за оваа година, изјави:
„Во делот на храната, минатата година имаше „божиќна кошничка“, „јануарска кошничка“ и така ќе биде и во април. Инаку ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3% на ниво на годишна инфлација оваа година. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионов. Освен во соседна Србија каде што е 2,2 – 2,3 поради тоа што они имаат мерка, онаа мерка со ограничување на цените на производите. Првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира и наеднаш ќе имаат пик, бидејќи ние тоа го видовме една година пред они тоа да го имплементираат и затоа одлучивме преку други механизми да се бориме против инфлацијата.
Инаку што се однесува до другите месеци, јас очекувам да бидат под 3%. Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас. Јас очекувам кај нас инфлацијата оваа година на годишно ниво да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме.“
Економија
Дурмиши: Со системски мерки и партнерство ја намалуваме неформалната економија и го јакнеме формалниот сектор
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, посветена на системските мерки и заедничките политики за намалување на сивата економија и јакнење на формалниот сектор.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека неформалната економија е сложен и долгорочен предизвик кој ја нарушува конкуренцијата, ги оштетува работниците и го намалува фискалниот капацитет на државата.
Тој нагласи дека за дел од граѓаните непријавената работа не е избор, туку нужност, што бара одговор преку креирање пристојни и стабилни работни места.
„Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Затоа ни се потребни системски, конзистентни и одржливи решенија“, потенцираше министерот.

