Економија
Димитар Георгиевски : “Business Elite 30 under 30“ награда за успешен бизнис изграден врз основ на квалитетен и оригинален производ

„Со гордост можам да кажам дека ‘Доминос пица’ е успешна приказна. Успеавме да постигнеме и да поставиме високи стандарди за квалитетна храна, преку испорачување пица чијшто квалитет не осцилира низ годините и секогаш е испорачана на највисоко ниво. Покрај стандардизираниот квалитет на храната, ние понудивме и услуга која секогаш е брза и навремена, без притоа да го доведеме во прашање квалитетот на пицата, а и на останатите понудени продукти. Успеавме да отвориме четири локали/ресторани, да вработиме повеќе од 70 лица и сме една од ретките франшизи за ресторани за брза храна во Македонија.“
Пополека изминува 10-та година откако во Скопје почна да работи првиот локал со франшиза на американскиот бренд „Доминос пица“ (Domino’s Pizza).
Во моментов во главниот град има четири ресторани на Доминос, а директорот на компанијата што ја донесе франшизата, Димитар Георгиевски, вели дека во земјава има уште простор за експанзија, особено во туристичките места.
Но, во меѓувреме, Георгиевски има амбиција да освојува доста поголем пазар од македонскиот, оној на соседна Србија, каде што е планирана изградба на првиот објект во 2023 година.
Со него разговаравме околу тоа што значи да се застапува и менаџира франшиза на толку голем меѓународен бренд, кои се најголемите предизвици и какви се плановите за понатамошен раст и развој на бизнисот.
Г. Георгиевски, после деценија работа на „Доминос пица“ во Македонија, што може да кажете како еден сублимат на сè што сте поминале до сега? Кои беа најголемите предизвици сиве овие 10 години?
„Доминос пица“ е еден од најпрепознатливите светски брендови за пица и светски лидер во достава на пици. Се работи за американски синџир на ресторани основан уште во 1960 година, а во моментов брои повеќе од 17.000 ресторани и е распространет низ повеќе од 90 земји во светот.
Во изминативе 10 години во Македонија имавме и успешни и помалку успешни години на работење, предизвици имаше многу, а би ги издвоил целосната затвореност и изолираност поради коронавирусот со сите пропратни проблеми во бизнис-работењето, како и ценовните шокови и поскапувања, особено последниве години. Сепак, и покрај сè, со нашата целосна посветеност кон работата, вложениот труд, иновативноста во преземените чекори за надминување на предизвиците, како и истрајноста низ сите овие години, успеавме да ги надминеме и да имаме стабилен и профитабилен бизнис особено во изминативе три години.
Денес со гордост можам да кажам дека „Доминос пица“ е успешна приказна. Успеавме да постигнеме и да поставиме високи стандарди за квалитетна храна, преку испорачување пица чијшто квалитет не осцилира низ годините и секогаш е испорачана на највисоко ниво. Покрај стандардизираниот квалитет на храната, ние понудивме и услуга која секогаш е брза и навремена, без притоа да го доведеме во прашање квалитетот на пицата, а и на останатите понудени продукти. Успеавме да отвориме четири локали/ресторани, да вработиме повеќе од 70 лица и сме една од ретките франшизи за ресторани за брза храна во Македонија.
Дополнително, ние сме лесно препознатлив и посакуван бренд кога ќе се спомене пица во нашата земја, а благодарение на нашиот тим „Доминос пица“ – Македонија во 2018 година успева да го освои второто место за квалитет на производ за регионот Европа, Среден Исток и Африка од страна на Доминос групацијата.
Покрај пицата којашто е заштитен знак за „Доминос пица“, ние успеавме да понудиме и мени со широка лепеза на одлични и вкусни продукти како печени пилешки нагети, пилешки крилца, топли сендвичи, салати и голем избор на уникатни десерти.
Годинава ја освоивте наградата Business Elite 30 under 30, што значи оваа награда за вас лично, но и за компанијата што ја водите?
На мое големо изненадување, а воедно и на мое големо задоволство, оваа година ја добив престижната награда „Business Elite 30 under 30“ од меѓународната агенција Bussines Elite Awards. Навистина ми е драго што препознале во мене еден успешен млад претприемач и ми оддале признание при навистина голема конкуренција на млади претприемачи и директори во Југоисточна Европа.
За мене ова претставува големо признание, пред сè за трудот кој го вложив изминативе години, за мојата целосна посветеност на „Доминос пица“ како бизнис-модел, а воедно и признание за постигнатите резултати во сегментот на рестораните за брза храна. Оваа награда претставува и признание дека сум успеал да изградам тим, кој несомнено е еднакво заслужен за постигнатите резултати на „Доминос пица“. Успехот не се постигнува самостојно, успехот може да се постигне само со помош и поддршка од тимот. Затоа би сакал да им се заблагодарам и да им оддадам почит на сите оние кои ми помогнаа да стигнам таму каде што сум денес.
Како млад претприемач пред кој иднината во бизнис-светот претстои, целото ова признание за мене претставува и обврска да продолжам да работам со целосна посветеност како и до сега, а воедно ќе биде и силен мотив за постигнување на уште поголеми успеси.
Оваа награда за мене е само еден почеток на уште многу цели што ги имам поставено.
Ние како држава нудиме навистина квалитетна традиционална домашна храна и пијалаци, како „Доминос пица“ како странски бренд, успева да се носи со конкуренцијата на македонскиот пазар која нуди квалитетна храна по конкурентни цени?
Целосно се согласувам и несомнено е дека Македонија има исклучителна традиција за вкусна и квалитетна домашна храна, како и за одлични пијалаци особено во сегментот на вината.
Но, тука би додал и дека нашиот народ е одличен познавач на тоа што е квалитетна храна и пијалак, без разлика од каде таа потекнува.
Е токму тука, според мене лежи тајната на долгорочниот успех. Да му понудите на нашиот народ квалитетна храна долгорочно и конзистентно во тоа што го нудите како финален продукт. Видете, во овој бизнис сум повеќе од 10 години и можам да забележам дека постојано се појавуваат нови објекти за храна кои во првата година од своето постоење обично нудат исклучително добра храна, но, за жал, тој квалитет се губи со текот на времето низ годините, а со тоа и сопствениците ги губат своите муштерии.
За разлика од таквиот начин на работење „Доминос пица“ години наназад работи по стандардите кои ги наложува поседувањето на нивната франшизата, а тоа пак е гаранција дека нашите клиенти ќе добијат финален продукт секогаш со ист квалитет.
Како е да се работи со меѓународна франшиза, всушност? Што бара брендот од вас конкретно, колку се строги пропозициите, како ја прави контролата на квалитетот?
Франшизата наложува високи стандарди во работењето, тргнувајќи од локациите коишто треба да бидат во согласност со стандардите, нивно уредување, основните средства за работа т.е. машините и опремата коишто треба да ги обезбедите, начинот на изработка на самата пица, креирање и прилагодување на рецептурата, набавката на квалитетни суровини, како и обука на вработените според стандардите на франшизата на „Доминос пица“. Но сето ова, можам да кажам дека ви гарантира исклучителен квалитет на финално понудената храна, а тоа можат да го потврдат и нашите потрошувачи.
Воедно, би сакал да истакнам дека работењето со меѓународна франшиза обезбедува високо ниво на заштита на здравјето на потрошувачите во однос на храната, т.е. франшизата гарантира безбедна храна.
Да поседувате франшиза од „Доминос пица“ во Македонија е навистина голем предизвик, од причина што навистина е тешко кај нас да обезбедите, на пример, висококвалитетни суровини во согласност со стандардите на франшизата, воедно тој квалитет да е континуиран, а и да обезбедите поголема количина, со цел да не се наруши продажбата на пица од друга страна.
Контролата на квалитетот на нашите продукти се врши интерно од страна на стручни лица, дополнително имаме и редовна надворешна контрола од страна на Domino’s Pizza international која прави проверка на квалитетот еднаш квартално. Имаме и ненајавени контроли, со што сметам дека со сето претходно наведено го доведуваме стандардот за квалитетна пица на највисоко ниво.
Во колкава мера договорот за франшиза ви дозволува да соработувате со локални снабдувачи? Што набавувате во моментов од Македонија, а што мора ексклузивно да купувате од странство?
Договорот за франшиза не ве ограничува со кого ќе соработувате, односно од кого ќе ги набавувате суровините за изработка на пицата, но она што е најважно при соработката со снабдувачите е да ги исполнуваат критериумите кои ги наложува поседувањето на оваа франшиза.
За жал, во Македонија е многу тешко да најдете производител/снабдувач кој ќе успее да ги исполни критериумите кои ги налага франшизата, па поради тоа сме принудени да вршиме набавки од странство.
Поточно, повеќе од 90% од суровините за изработка на пицата во „Доминос пица“ ги увезуваме. На мое големо жалење, колку и да имам желба да ги вклучам домашните производители на моцарела, доматен сос, сувомесни продукти и останати суровини потребни за реализација на мојот бизнис-модел, не би можел да го направам истото од причина што не ги исполнуваат стандардите за квалитет согласно франшизата.
Сепак, тука би ги истакнал производителите на зеленчук кои досега навистина одговараат на нашите потреби придржувајќи се до стандардите и „Доминос пица“ до сега остварува одлична соработка со нив.
Со оглед дека пандемијата го засили онлајн купувањето, дали останаа навиките на потрошувачите и ден денес? Чувствувате ли поголем притисок врз службите за испорака, како се справувате со тие предизвици?
Несомнено е дека пандемијата со корона вирусот го промени светот на многу полиња, особено во начинот на кој живееме, како и во нашите секојдневни навики. Во таа насока е и онлајн купувањето, навиките се останати и ден денес, а ние како бизнис-филозофија целосно бевме подготвени за ваков тип на работа уште пред самата пандемија.
Самиот начин на работење на „Доминос пица“ ја гарантира својата брза подготовка и достава на пици за помалку од 30 минути. Уште пред корона пандемијата, ние работевме со прилично голем обем на онлајн нарачки, речиси секогаш динамично и со притисоци во однос на роковите за достава и сметам дека секогаш бевме на висина на задачата, со самото тоа ние веќе бевме спремни и да се соочиме со ситуации кои ги наложи оваа пандемија. Воедно, тука би сакал да додадам дека бевме први во Македонија кои воведовме бесконтактна достава на нашите продукти, со што покажавме иновативност и подготвеност да одговориме на новонастанатите предизвици.
Какви се плановите за понатамошно ширење на мрежата во земјава, дали можеби разгледувате опција за Доминос во Охрид, Битола и сл.?
Во Скопје веќе имаме четири ресторани на „Доминос пица“, а секако во план ни е и проширување. Ги разгледуваме сите локации каде сметаме дека има потенцијал и се атрактивни за отворање на ресторани од овој тип, а тоа не ги исклучува и гореспоменатите Охрид и Битола. Тоа се наши одлични туристички дестинации, каде покрај нашите сограѓани има и голем број на странци во текот на годината, па ресторан од овој тип би бил добредојден.
Ни откривте и дека во процес сте на ширење на брендот во Србија… Каде ќе биде првиот ресторан, како течат подготовките? Интересно е што досега вообичаено светските брендови во Македонија знаеле да доаѓаат преку Србија, Бугарија и сл., а сега имаме обратен правец. На што се должи ова, како успеавте во тој бизнис-план?
Кога имате успешен бизнис-модел во Македонија, воедно имате јасна визија, сакате да направите нешто поголемо, кога имате направено добро истражување на пазарот и cost-benefit анализа, размислувате и за експанзија на вашиот бизнис надвор од границите на државата. Во мојот случај, барем јас така размислував и ете се случи да почнам процес на проширување на брендот „Доминос пица“ и во Србија.
Подготовките течат со забрзано темпо, изминативе две години практично сум повеќе во Србија, отколку во Македонија, целосно ангажиран во реализација на овој план. Целосно ни се завршени истражувањето на пазарот и cost-benefit анализата, имаме одобрено сертифицирани добавувачи во согласност со стандардите на франшизата, а во последна фаза сме и со интеграција на софтверот и фискализацијата.
Србија е далеку поголем пазар од Македонија, но исто така мора да се има на ум дека и конкуренцијата е далеку поостра, па ќе биде потребно посебен пристап со цел освојување на тој пазар. Во таа насока, веќе имаме интензивна соработка со консултанти за маркетинг во насока на креирање на маркетинг стратегијата, како и со експерти за човечки ресурси со цел екипирање на тимот. Во 2023 година планираме да започнеме и со изградба на првиот објект „Доминос пица“ кој ќе биде лоциран во главниот град Белград, а во план на целиот проект е отворање на повеќе од 20 локали ширум Србија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Се отвора новиот фармацевтски производствен блок во „Реплек“

Премиерот, Христијан Мицкоски, најави дека се отвора новиот фармацевтски производствен блок во „Реплек“.
„Денес, заедно сведочиме на уште една позитивна приказна за македонската економија. „Реплек“, еден од симболите на континуитет, квалитет и професионализам, во годината кога слави 80 години постоење, прави нов, визионерски чекор напред. Со новиот фармацевтски производствен блок, „Реплек“ не само што го модернизира и автоматизира својот производствен процес, туку го зголемува капацитетот за примарно и секундарно пакување на цврсти фармацевтски форми за значајни 25 проценти. Тоа значи нова технологија, поголема ефикасност, повисоки стандарди, но и нова потврда дека нашата земја има потенцијал и капацитет за индустриски раст“, рече премиерот.
Според него, оваа инвестиција има особена тежина, затоа што е домашна. Мицкоски кажа дека станува збор за македонски капитал, за македонска компанија, за вложување во иднината на македонската индустрија.
„Ние веруваме дека силна економија се гради не само со странски капитал, туку и со грижа за својот – за секој што решил да остане, да вложи, да создаде тука, во Македонија. „Реплек“ е пример за тоа, пример што инспирира и мотивира“, рече Мицкоски.
Економија
Божиновска: Зелената транзиција веќе почна и Македонија води

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на Бизнис форумот „Италија – Северна Македонија“, кој е насочен кон продлабочување на економската соработка помеѓу двете земји, со фокус на инвестиции во инфраструктурата и енергетиката.
Во рамки на пленарната сесија и панелот посветен на енергетската транзиција и циркуларната економија, Божиновска ги презентираше плановите и резултатите на Македонија во доменот на обновливите извори на енергија, укажувајќи дека земјата веќе е препознаена како лидер во регионот со над 1000 MW инсталирани капацитети.
„ Тоа не е случајност – туку резултат на сериозни реформи и инвестиции во државни капацитети и во партнерство со приватниот сектор.“, истакна министерката.
Заклучно со 2024 година, во земјата функционираат вкупно 1.494 електроцентрали на обновливи извори со комбинирана инсталирана моќност од 1.663 MW, што претставува 56% од вкупната инсталирана електроенергетска моќност во државата.
Особено е забележителен порастот на фотонапонските централи, чиј удел во производството постојано расте.
Меѓу клучните државни проекти што ги најави Божиновска се изградбата на сончева електрана од 200 MW, нов ветерен парк во Миравци од 100 MW, како и проширување на ветерниот парк „Богданци“. Таа го најави и почетокот на нови приватни инвестиции, меѓу кои ветерниот парк на „Алцазар Енерџи“ со капацитет од 400 MW и соларниот парк „Стипион“ на „Акуо Енерџи“ од Франција со планирани 360–400 MW.
Министерката подвлече дека mинистерството воведува ново стратешко планирање преку новиот Закон за енергетика, кој предвидува годишни и долгорочни планови за развој на нови капацитети, со цел да се обезбеди предвидливост и стабилност и за државата и за инвеститорите.
„Без силна и модерна енергетска мрежа, капацитетите од обновливи извори нема да можат да се интегрираат. Затоа инвестициите во преносната и дистрибутивната мрежа се наш апсолутен приоритет“, рече Божиновска, најавувајќи нов 10-годишен план за развој на мрежата и воведување на батериски системи за складирање на енергија како задолжителен дел за сите нови капацитети.
На форумот се дискутираше и за нови можности за италијанските компании во областа на енергетиката и инфраструктурата, а беа отворени теми за регионално поврзување,
заеднички проекти и засилување на јавните и приватните партнерства во духот на зелената транзиција.
Економија
Димитриеска-Кочоска во работна посета на Луксембург на состанокот на Конституенцата на ММФ и Светска банка

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, од денеска до 4 јули 2025 година ќе престојува во работна посета на Луксембург, каде ќе учествува на редовниот состанок на Конституенцата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка.
РС Македонија, е дел од Холандската конституенца, а министерката за финансии ја претставува земјава во Одборот на гувернери на Светската банка.
На маргините на состанокот, министерката ќе оствари билатерални средби со високи претставници на меѓународните финансиски институции и со министри за финансии од земјите членки на Конституенцата.
Средбите ќе бидат посветени на актуелните глобални економски предизвици, на политиките за одржување на макроекономската стабилност и забрзување на економскиот раст, како и на поддршката за реформските процеси во РС Македонија.
Учеството на вакви состаноци претставува значајна можност за унапредување на соработката со ММФ, Светска банка и другите членки на Конституенцата, како и за презентирање на макроекономските политики и реформската агенда на Владата, соопшти Министерството за финансии.