Економија
Европа живее на кредит, економската криза во Италија ја тресе цела ЕУ
Јавниот долг на Германија надмина две милијарди евра, но експертите од земјите во еврозоната се најмногу загрижени за Италија. Намерата на Европската Унија е да се извлече од кризата со задолжување. Тоа веројатно ќе продолжи и следната година.
Германскиот Бундестаг во четвртокот гласаше за ребаланс на буџетот за оваа година, со што се овозможи рекордно задолжување од 240 милијарди евра. Ова ќе го зголеми јавниот долг на Германија на 2,2 трилиони евра и тоа е рекорд. Германскиот долг денес изнесува 80 проценти од БДП, оценуваат германските медиуми.
Другите членки на ЕУ исто така беа принудени да живеат на кредит поради кризата. Долговите се натрупуваат од Финска до Грција. Евростат објави дека вкупната задолженост во државните буџети на еврозоната ќе изнесува скоро сто проценти од БПД.
Кој ќе плати за цехот на крај?
„Стапката на економски раст е секогаш одлучувачка за високите долгови. Доколку се постигне голем раст, тогаш проблемот со задолженоста ќе се реши само по себе. Политиката на државни заштеди за големи долгови помага само во мала мера “, објаснуваат експертите.
Ваквото мислење го споделува и Маркус Фербер, германскиот европратеник, експерт за финансии на демохристијаните.
„Во моментов, ние не сме загрижени за стабилноста на еврото“, рече тој за ДВ. Сепак, смета дека границата за задолжување во еврозоната треба да се врати следната година. Во спротивно, смета тој, постои опасност некои членови да продолжат да ги решаваат проблемите со нови долгови наместо реформи.
Фербер нагласува дека заедничкото задолжување на ЕУ во износ од 750 милијарди евра за ублажување на последиците од кризата мора да остане осамен преседан. „Оние што мислат дека ги рехабилитираат националните буџети со пренесување долгови кон Европа, нема да успеат. Бидејќи тие долгови мора да ги отплатат и земјите членки. А тоа значи следните генерации“, изјави европратеникот.
Грција веќе се приближува до јавен долг од 200 проценти. Сепак, аналитичарите не сметаат дека ова е голем проблем затоа што Грција се рехабилитираше во претходните години.
„Грција ме загрижува помалку од некои други земји. Мојата најголема грижа е Италија “, вели европскиот парламентарец Фербер. Тој предупредува дека со зголемувањето на каматните стапки италијанската држава и банките може да наидат на сериозни тешкотии. Јавниот долг на Италија во моментов изнесува 180 проценти од БДП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

