Економија
Економските мерки на Владата поттикнаа раст на индустриското производство за 6,3% во февруари

Зголеменото индустриско производство за 6,3% во февруари годинава, споредено со истиот месец лани е доказ за добро концептираните економски мерки на Владата на Република Северна Македонија кои даваат видливи резултати.
Податоците за растот на индустриското производство кои денеска ги објави Државниот завод за статистика покажуваат дека индустријата закрепнува и го забрзува растот.
Во јануари 2022 година беше забележан раст од 0,7% во однос на јануари 2021 година, додека овој месец порастот изнесува 6,3% во однос на истиот месец лани.
Според податоците од Државниот завод за статистика, највисок раст гледано по сектори бележат рударство и вадење камен 25,2%, снабдување со електрична енергија, пареа и климатизација 9,6% и преработувачката индустрија 4%.
Во главните индустриски групи, производството во февруари 2022 година, во однос на февруари 2021 година, бележи пораст кај трајни производи за широка потрошувачка за 61,5%, енергија за 14,6%, интермедијарни производи, освен енергија 14,6% и капитални производи за 3,2%.
Владата продолжува да ја следи економската состојба во државата и да интервенира на соодветен начин преку разни мерки и механизми кои ќе го поттикнат економскиот раст и развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Следната недела разговор меѓу Вучиќ и Путин, ќе се договара цената на гасот

Претседателите на Русија и Србија, Владимир Путин и Александар Вучиќ следната недела ќе имаат телефонски разговор, кој ќе биде клучен кога станува збор за гасниот аранжман меѓу двете земји, дознава „Новости“.
Според изворите на весникот, од исходот од овој разговор ќе зависи цената на гасот која ќе плаќа Србија во иднина и колку ќе трае таквиот договор.
Сегашниот десетгодишен аранжман истекува на 31 мај и почнаа разговорите на ниво на компании меѓу двете страни, но се очекува двајцата државници да ги одбележат и прецизираат условите под кои Србија ќе добива гас пред една од најнеизвесните зими во последните неколку децении.
Ова му дава дополнителна тежина на овој разговор, пишува „Новости“, бидејќи од една страна Белград е притиснат од отворените барања на европските земји и САД да се приклучи кон санкциите против Русија, а од друга страна Србија е земја 100 отсто зависна од рускиот гас.
Затоа разговорот на првиот човек на Србија е исклучително важен и може да има политички и економски последици, пишува „Новости“.
Економија
Владата го утврди ребалансот на буџетот: „Кратење на непродуктивните трошоци за заштита на стандардот на граѓаните“

Владата на денешната 47. седница го усвои предлогот за изменување и дополнување на буџетот за 2022 година.
„Предлогот за ребаланс на буџетот за 2022 година е насочен кон повеќе цели, како што се ревидирање на иницијалните фискални проекции во согласност со променетиот макроекономски контекст во првата половина на 2022 година, инкорпорирање на фискалниот одговор на кризата, реструктурирање на буџетските расходи, зачувување на фискалната одржливост и оптимизирање на изворите на финансирање на буџетскиот дефицит“, се наведува во владиното соопштение.
Во него се додава дека со предложените измени и дополнувања, со кратења на непродуктивните трошоци во име на солидаризирање со последиците од актуелната криза, ќе се овозможи поголема заштита на животниот стандард на граѓаните, особено ранливите категории, финансиска поддршка на ликвидноста на компаниите и оптимизирање на трошоците на позајмување, поддршка на монетарната политика и создавање поповолни услови за остварување на проектираните стапки на економски раст на краток и среден рок.
„Предлогот за ребалансот е донесен и врз основа на позитивните ефекти од антикризните мерки за справување со енергетската и ценовната криза, кои создаваат основа за забрзување на економскиот раст во наредниот период при очекувано постепено стабилизирање на глобалните синџири на снабдување и поповолен амбиент за инвестирање“, стои во соопштението.
За деталите од предложениот ребаланс, Министерството за финансии ќе извести на прес-конференција, која е предвидено да се одржи во текот на утрешниот ден.
Економија
ЕУ воведува контрола врз резервите жито, земјите ќе мора да испраќаат месечни извештаи

Европската комисија ќе ги следи резервите жито, маслодајни семиња и ориз во Европската Унија како дел од новиот систем за известување.
Земјите членки на ЕУ ќе мора да поднесуваат месечни извештаи до извршната власт на ЕУ за нивото на резервите што ги чуваат производителите и трговците на големо во услови на високи притисоци од цената на суровините на светските пазари.
Според предлозите на Комисијата, земјоделците од ЕУ што се борат со повисоки трошоци за ѓубрива, добиточна храна и гориво поради војната во Украина би можеле да добијат и директна поддршка од земјите членки.
Земјоделците би можеле да добијат до 15.000 евра, а поврзаните мали бизниси би можеле да добијат и до 100.000 евра директно од фондовите на ЕУ за рурален развој.