Економија
ЕК: Банкарската регулатива и супервизијата што ја спроведува Народната банка е во согласност со највисоките европски стандарди

Европската комисија донесе одлука со која оцени дека банкарската регулатива и супервизијата којашто ја спроведува Народната банка е во согласност со високите стандарди на Европската Унија. Со Одлуката се потврдува дека банкарската регулатива кај нас, како и начинот на вршење на супервизија на банките е еквивалента на онаа којашто се спроведува во ЕУ. Со ова нашата земја се вклучува на листата од само 26 земји во светот, меѓу кои САД, Канада, Јапонија и Нов Зеланд, коишто ги исполнуваат овие високи стандарди.
За значењето на оваа одлука за Народната банка, како регулатор на банкарскиот сектор, но и во економијата во целина, беше разговарано на работната средба одржана помеѓу гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир.
Оценувањето беше спроведено од страна на Европскиот банкарски орган, при што во период од повеќе од една година беа проучувани домашната банкарска регулатива и супервизија од страна на европските експерти. Со оцената се утврдува дека домашната регулатива и супервизија овозможува одржување на стабилноста и интегритетот на финансискиот систем, ефикасна и соодветна заштитата на корисниците на финансиски услуги, соработка помеѓу различните учесници на финансискиот пазар, независност и ефикасност на супервизијата и ефикасно спроведување на меѓународните стандарди. Потоа, оцената на Европскиот банкарски орган беше усвоена од страна на Европската комисија.
Добивањето позитивната оцена за усогласеноста на банкарската регулатива и супервизија со таа во ЕУ е потврда на постојаните активности на Народната банка за усогласување со европските стандарди.
Добивањето еквивалентен третман е значајно од аспект на перцепциите на потенцијалните инвеститори и полесно и поефикасно поврзување на домашниот банкарски систем со меѓународните финансиски пазари. Позитивната оцена го олеснува пристапот на домашните институции до меѓународниот финансиски пазар, носи предности во водењето на монетарната политика на Народната банка и ја олеснува соработката со супервизорските органи во ЕУ, информираат од НБРМ.
Додаваат дека Народната банка и во иднина ќе работи на унапредување на регулативата во однос на банкарскиот систем и преку тоа, на одржување стабилен, конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем, којшто функционира во најдобар интерес на потрошувачите и целокупната економија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.