Економија
ЕСМ со реакција: Зголемена е цената на природниот гас, СДСМ непринципиелно бара да не почитуваме закони
Опозицијата неосновано ги коментира барањата за корекција на максимален приход и цена на друштвата за производство и дистрибуција на топлина, формирани од АД ЕСМ, кои вршат енергетска дејност поврзана со пазарот на топлинска енергија, велат од ЕСМ.
„Потенцираме дека компаниите треба да се придржуваат кон одлуките и актите донесени од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги. Имено, согласно подзаконскиот акт кој го регулира максималниот приход и цена, вршителите на дејност имаат обврска да достават Барања до Регулаторната комисија за енергетика доколку настанат значителни промени на околностите и елементите што постоеле во времето на одобрување на регулираниот максимален приход и цената на топлинската енергија. Во тек на тековната грејна сезона зголемена е цената на природниот гас, енергент што претставува основно погонско гориво за производство на топлинска енергија, поради што се доставени барањата до РКЕ“, посочуваат од ЕСМ и додаваат:
„Независно дали Регулаторната комисија за енергетика ќе донесе одлука за корекција на регулираниот максимален приход и цената, сакаме да потенцираме дека топлинската енергија останува најеколошки и најекономичен начин на загревање споредено со другите начини на греење. Кога веќе ги спомнува друштвата за топлинска енергија, да потсетиме дека СДСМ во соработка со нивните поранешни коалициони партнери, трите друштва за производство, дистрибуција и снабдување со топлина ги оставија со милионски долгови по разни основи“.
СДСМ бара ЕСМ да го повлече барањето и власта да се откаже од намерата за поскапување на парното. Поскапување на парното би било уште еден удар врз стандардот на граѓаните, вели Богданка Кузеска портпаролка на СДСМ.
„Од друга страна е лошо и во однос на загадувањето на воздухот. Власта треба да ја намали цената на парното за да ги стимулира граѓаните да се вратат и повеќе да се приклучат на парно“, истакна Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народна банка: Макроекономските движења се во рамките на проекциите
Советот на Народната банка, на редовната седница одржана во февруари, ги разгледа најновите макроекономски показатели и Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви во четвртиот квартал на 2025 година.
Според Информацијата за најновите макроекономски показатели, и натаму преовладуваат оцените за стабилен светски економски раст за периодот 2025 – 2027 година, но ризиците се надолни и главно произлегуваат од трговските и од геополитичките тензии.
„Во домашната економија, најновите показатели главно се во согласност со проекциите. Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП изнесува 3,8% и е малку над очекувањата, а расположливите високофреквентни податоци упатуваат на раст и во текот на четвртиот квартал. Просечната стапка на инфлација, во 2025 година, изнесува 4,1% и е близу до проекциите. Во јануари 2026 година, девизните резерви забележаа раст и се на ниво коешто, согласно прифатените меѓународни стандарди, е соодветно за одржување на стабилноста на девизниот курс. Податоците од монетарниот сектор покажуваат годишен раст на депозитите од 10% и на кредитите од 13%, во декември 2025 година, што е умерено над проекциите за крајот на годината“, соопшти НБРМ.
Според Извештајот за управувањето и инвестирањето на девизните резерви, во четвртиот квартал од 2025 година, девизните резерви се зголемиле и на крајот на декември достигнале 4.925 милиони евра. Во согласност со инвестициската поставеност, околу 74,2% од девизните резерви се вложени во должнички хартии од вредност, главно во државни обврзници издадени од земји членки на еврозоната, по што следуваат монетарното злато (16,5%) и депозитите и паричните средства (9,3%).
„Сигурноста и ликвидноста во управувањето со девизните резерви се обезбедуваа преку пласмани во финансиски инструменти со висок кредитен рејтинг коишто овозможуваат брза достапност до ликвидни средства, а условите на меѓународните финансиски пазари и внимателниот и врамнотежен пристап кон инвестирањето придонесоа за поволни финансиски остварувања во 2025 година“, се наведува во соопштението од Народната банка.
Економија
Дизелот поскапува
Од ноќеска на полноќ, цените на дизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство ќе се зголемат за два денари, додека цените на бензините остануваат исти, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 28.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Економија
АЛКАЛОИД АД Скопје ќе исплати за 14,3 % поголема дивиденда во однос на минатата година
АЛКАЛОИД АД Скопје објави дека седницата на годишното Собрание на акционери на Друштвото ќе се одржи на ден 30.03.2026 година со почеток во 08:00 часот во деловните простории на Друштвото, Бул. Александар Македонски бр. 12, Скопје, Република Северна Македонија.
Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на ден 26.02.2026 година донесе Предлог-Одлука со која му предлага на Собранието на акционери исплата на дивиденда за 2025 година во износ од 720,00 денари бруто односно 648,00 денари нето по акција, што во однос на исплатената дивиденда по акција за претходната година од 630,00 денари бруто односно 567,00 денари нето е поголема за 14,3%.
За исплатата на дивиденда и персонален данок на личен доход компанијата ќе издвои над 1 милијарда денари. Во согласност со предлог одлуката, исплатата на дивидендата ќе започне од 13.05.2026 година.
(ПР)

