Економија
„Еуромакс Ресоурцес“: Лажни вести и говор на омраза не е граѓански активизам

„Еуромакс Ресоурцес“, концесионерот на проектот рудник за бакар „Иловица-Штука“, вели дека вклученоста, навременото и точно информирање на сите засегнати страни за сите карактеристики и придобивки од идниот рудник се принципите според кои работат тие.
„Ја поддржуваме секоја активност за заштита на животната средина која е поткрепена со точни информации, но лажните вести и говорот на омраза воопшто не е граѓански активизам. Имаме редовна комуникација со неколку локални здруженија а во повеќе наврати се обидовме да воспоставме и комуникација со малата група, која без чувство за одговорност, шири паушални изјави и неточни податоци на штета на компанијата и пошироката јавност“, велат од „Еуромакс Ресоурцес“.
Додаваат дека откако се појавила оваа група, стручните лица и реномирани професори за теми поврзани со заштитата на животната средина и здравјето на луѓето, постојано одговараат на сите потенцирани прашања и дилеми поврзани со проектот, но за жал и покрај сите одговорени прашања, се повторуваат неоснованите напади од оваа група.
„Досега слушнавме бројни обвинувања од областа на животната средина, геохемијата, сеизмичката активност во регионот, но ниту еднаш зад овие обвинувања немаше доказ од нивен експерт или познавач на таа област. ‘Eуромакс’ ја почитува важноста на земјоделството во струмичкиот регион и слушнавме обвинувања дека рудникот ќе биде штетен за земјоделството, но ниту еден земјоделец не го кажал тоа досега.
Ниту едно од нивните тврдења за загадување не е поддржано од нашите сеопфатни извештаи и студии направени од независни македонски и меѓународни експерти во таа област или од други студии што сме ги презентирале. Овие постапки наведуваат на тоа дека таа група не бара одговори на прашањата, туку едноставно со навреди и лаги се обидува да привлече публицитет за да се промовира себеси и своите интереси“, вели концесионерот.
„На протестите редовно ги гледаме истите неколку лица кои немаат стручно познавање за рударството или за заштитата на животната средина, ниту за заштитата на човековото здравје или за земјоделството. И веројатно, водени од интереси кои само ним им се познати, постојано ги повторуваат истите работи за кои повеќепати се одговорени од кредибилни извори. Понатаму, на неколку состаноци кои ги организиравме со цел да се информира јавноста или да се добие слика за јавното мислење, овие неколку лица доминираа со свирежи за да не се слушне гласот на локалното население. Ова не претставува слобода на говор, туку ограничување на слободата на изразување.
Еуромакс Ресоурцес посвети многу ресурси и време за да се обезбеди заштита на животната средина и на здравјето на луѓето, согласно највисоките европски стандарди. Станува збор за економска инвестиција која ќе донесе добробит за целата држава а особено за сите жители на општините Босилово и Ново село. Ќе вработиме 500 лица и ќе ангажираме 2.700 други жители преку компаниите со кои ќе соработуваме. Ќе обезбедиме прилив во буџетите на двете општини и во државниот буџет и на тој начин, ќе заживее локална економија и ќе се поддржи развојот на струмичкиот регион.
Неопходно е да се истакне и дека жители од општините Босилово и Ново Село, во повеќе наврати и јавно покажаа поддршка за проектот. Одзивот меѓу жителите за јавните презентации и средби, како и неформални дружења кои ги организиравме минатата година и годинава, е исклучително висок, што покажува дека локалното население верува во проектот.
Во оваа насока, Еуромакс Ресоурцес повторно замолува и апелира до сите поединци, здруженија и политички партии, да се воздржат од лиферување лажни вести, клевети и говор на омраза и од непотребни вознемирувања на засегнатите страни. Ние продолжуваме со редовните активности за вклучување и информирање на заедницата, граѓанските здруженија и пошироката јавност“, велат од „Еуромакс Ресоурцес“ преку соопштение до јавноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Стојаноски: За првпат после долго време, носиме ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи

Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната Комисија за финансирање и буџет, се обрати и истакна дека ребалансот е резултат на анализа, одговорност и јасна визија. Според него, со зголемени приходи и рационално трошење, се вложува во плати, пензии, образование, здравство, транспорт, локален развој и млади. Стојаноски додаде дека ова не е симболика, туку конкретна инвестиција во квалитетен и достоинствен живот за сите граѓани во земјава.
,,Ова е порака, порака за нова економска парадигма, порака за домаќинско водење на државните финансии, порака дека не чекаме кризите да не затекнат, туку со рационален пристап и силна политичка волја ги пренасочуваме средствата таму каде што најмногу треба кај граѓаните. Затоа што буџетот, тоа не се само бројки. Тоа е политика во својата најконкретна форма За првпат после долго време, носиме Ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи“, рече Стојаноски.
Истакна дека со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за плати 800 милиони денари, пензии 2,5 милијарди денари и капитални проекти 300 милиони денари, со што се засилува економскиот развој.
,,Оваа рамка е показател дека Буџетот не е притиснат и потрошен, туку управуван мудро и рационално. Приходите растат, трошењето е контролирано, а приоритетите се кристално јасни“, кажа Стојаноски.
Тој посочи дека ова ќе овозможи повеќе луѓе со попреченост да живеат во заедницата, а не во институции, а ќе има повеќе лични асистенти, повеќе дневни центри, повеќе услуги достапни во секоја општина. Тој напомена и дека најважно од се е тоа што значи дека младите не се заборавени, туку активно вклучени во секоја социјална политика.
Тој додаде дека овој ребаланс значи вложување во луѓето и иднината, во подобри услови за факултети, студентски домови и училишта, во достапен транспорт и здравство за сите, без разлика каде живеат, во поддршка за културата, енергетска независност и младите. Според него, ова не е трошок туку инвестиција во достоинствен живот.
Економија
Битиќи: Ребалансот e признание дека Владата ја загубила финансиската контрола, со дефицит од 4 проценти, над законскиот лимит

Овој ребаланс е индиректно признание дека Владата ја изгубила фискалната контрола и јасно огледало на продлабочената фискална неодговорност во јавните финансии. Наместо реално прилагодување и развојна ориентација, добиваме документ кој прикрива неизвршени ветувања и скицира нереална економска слика, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната седница за ребаланс.
Тој истакна дека иако дефицитот останува на 4% од БДП, тоа е над законскиот максимум од 3%, а отстапување е дозволено само во вонредни ситуации кои во нашата земја не постојат.
„Владата веќе не контролира фискална рамнотежа и го користи ребалансот како политички инструмент. Дефицитот речиси се удвои за месец и половина, од 13,4 на 27,5 милијарди денари. Таков раст не се случува во економија со здрава фискална дисциплина и е знак за неефикасно управување и неконтролирана јавна потрошувачка. Ако приходите растат по 40%, а расходите достигнаа 44%, дали оваа Влада има план? Или троши сè како да нема утре?“ – рече Битиќи.
Според него, наместо реална прераспределба, ребалансот е само козметика, розово на хартија, а црвено во реалноста. Ова не е буџет со план, туку импровизација за политички цели.
„Новото задолжување од 500 милиони евра и скриените долгови од над 700 милиони евра создаваат дополнителен фискален товар што ја загрозува економската стабилност и ќе мора да се решава во иднина.
Разочарувачки е и нискиот степен на реализација на капиталните инвестиции – само 23%, далеку од ветениот рекорден инвестициски циклус“.
Како што рече, Буџетот се користи како предизборно оружје: зголемувањето на пензиите и платите во јавниот сектор, растот на трошоците за договорни услуги и тројното зголемување на буџетските резерви укажуваат на непотизам, партиски вработувања и нетранспарентна потрошувачка.
Во услови кога јавните финансии се загрозени, ова не е одговорно управување со државните пари, туку краткорочна партиска кампања со ризик за економската иднина на граѓаните.
Економија
Божиновска-Триподи: Македонија е стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти со јасна регулаторна рамка

Во рамки на Бизнис форумот „Италија – Северна Македонија“, кој денес се одржа во Скопје, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари билатерална средба со Марија Триподи, заменичка министерка за надворешни работи и меѓународна соработка на Република Италија.
На средбата беше изразено заедничко задоволство од сè поинтензивната економска и политичка соработка меѓу двете земји, особено во доменот на енергетиката, каде што постои значаен интерес од италијански компании за инвестирање во зелени и одржливи технологии.
Министерката Божиновска ја информираше соговорничката за тековните проекти што ги спроведува Министерството, како и за новите можности за странски инвестиции во обновливи извори на енергија, енергетска инфраструктура и складирање на енергија. Таа истакна дека Северна Македонија станува стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти, со јасна регулаторна рамка и амбициозни цели во енергетската транзиција.
Од страна на г-ѓа Триподи беше изразена поддршка за енергетските реформи што ги спроведува земјата и интерес за продлабочување на билатералната соработка преку конкретни проекти и партнерства, како на институционално, така и на деловно ниво.
Двете соговорнички се согласија дека енергетиката претставува стратешко поле за понатамошно поврзување на Северна Македонија и Италија, со можност за заеднички проекти во контекст на регионалната поврзаност, транзицијата кон чисти извори и развој на модерна енергетска мрежа.