Економија
ЕУ со позитивни оцени за придонесот на Народната банка во намалувањето на инфлацијата и задржаната стабилност на банкарскиот сектор
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/05/Емилија-Нацевска-дијалог-со-ЕУ.jpg)
Инфлацијата се намали од 19,8% на 4%, како резулат на монетарното затегнување и нормализацијата на цените на храната и енергијата, се наведува во заклучоците од овогодишниот економски и финансиски дијалог на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, Турција, Грузија, Молдавија и Украина. Европската комисија ги нотира мерките кои Народната банка ги превзема во изминатиот период, со цел да ја стабилизира инфлацијата, инфлациските очекувања и да ја поттикне денаризацијата. Во заклучоците се наведува дека банкарскиот сектор остана стабилен, со поволни показатели за адекватноста на капиталот и ликвидноста, како и ниски нивоа на нефункционални кредити. Европската комисија препорачува монетарната политика да остане затегната, онолку колку што е потребно, за да се закотват инфлациските очекувања на ниво кое ќе осигура стабилност на цените и на девизниот курс. Се наведува и дека е неопходно да се заштити независноста на централната банка во извршувањето на нејзините клучни законски задачи.
Во рамките на економскиот и финансискиот дијалог на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, Турција, Грузија, Молдавија и Украина, којшто се води врз основа на поднесената Програма за економски реформи 2024 ‒ 2026 година од страна на земјите кандидатки, институциите на ЕУ даваат осврт и оцена на политиките и реформите во различни сфери на економијата и финансискиот систем, додека носителите на политиките даваат свој осврт и очекувања за идниот период.
Вицегувернерката Емилија Нацевска ја претставуваше Народната банка на дијалогот со ЕУ. Во своето излагање, таа истакна дека Народната банка ќе продолжи да води претпазлива монетарна политика, се додека со сигурност може да се каже дека процесот на дезинфлацијата е одржлив и дека на среден рок ќе се осигура ценовната стабилност. Таа посочи и дека Народната банка ќе продолжи преку мерки и регулаторни барања да ја зајакнува отпорноста на банкарскиот систем и да ги унапредува сопствените институционални капацитети за подобро справување со светските трендови и предизвици.
Вицегувернерката Нацевска ја истакна и заложбата на Народната банка во изминатиот период за спроведување на реформскиот процес за зајакнување на регулаторната рамка и приближување до стандардите на ЕУ. Таа посочи дека Планот за раст за Западен Балкан, дава можност за побрза интеграција на регионот во Единствената платежна област во евра (СЕПА). Народната банка веќе поднесе пред-апликација за влез во СЕПА и е подготвена да работи на затворање на евентуалните регулаторни јазови како предуслов за влез во СЕПА, што би донело повеќекратни предности за потрошувачите, компаниите и финансиските институции. Во своето излагање вицегувернерката се осврна и на придонесот на Народната банка кон зелената транзиција и подготвките на банкарскиот систем за овој процес. Народната банка го усвои првиот Среднорочен план во областа на управувањето со климатските промени за периодот 2023 ‒ 2025 година, кој предвидува активности за регулирање и надзор на климатските ризици, вклучително и стрес-тестирања на банките поврзани со климатски промени, а беа усвоени и Насоки за управување со климатските ризици за банките. Во согласност со светските трендови, Народната банка веќе ги направи и првите чекори за „зазеленување“ на своето инвестициско портфолио во рамки на управувањето со девизните резерви.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Економија
(Видео) Бочварски: ДПМНЕ ветуваше намалување на буџетскиот дефицит под 3, сега го зголемуваат на 4.9 проценти
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-26-185301-1.jpg)
ВМРО-ДПМНЕ во својата програма велеше дека јавниот долг од крајот на 2023 година достигнал 62,1% од БДП, и дека ќе преземе мерки за фискална консолидација, земјата да има умерено ниво на задолженост. Со новиот ребаланс на буџетот, наместо намалување на јавниот долг, тој ќе биде зголемен на 4.9% уште во првата година од мандатот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, рече пратеникот Благој Бочварски, денес на Комисијата за финансирање и буџет.
-Потоа, велеа дека инфлацијата ќе ја намалат на 2%, а денес слушаме дека таа е 3.5%. Јасно е дека ќе се кратат сретсва од веќе предвидени проекти.
Пиар програмата на власта е едно, а реалноста е друго, рече Бочварски.
Тој потенцираше дека СДСМ ако не ги зголемеше платите и пензиите на граѓаните во време на кризи и инфлација, тешко дека ќе преживеаа граѓаните, особено со минималната плата од 9 илјади денари, каква што беше во времето на ДПМНЕ, а од каде нивните стручњаци велеа дека не е добро да се покачуваат платите.
-Колку за споредба, во 2017 минималната плата беше 9 илјади денари, а денес таа е 22.500. Просечната во 2017 беше 22.500, а денес е 41.100. Пензиите се зголемија за 6.500, а сега имаме бомбастични најави за зголемување од 5 илјади денари, за кое ни останува да видиме дали ќе се случи“, рече Бочварски.
Економија
Трипуновски: Постигнат е договор за откупната цена на црвената пиперка
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Трипуновски-26.07.2024-3.jpg)
Министерот Цветан Трипуновски после состанокот со откупувачите и преработувачите на црвена пиперка соопшти дека е постигнат договор за откупните цени.
„Денеска во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство остварив заедничка средба со преработувачите и откупувачите на црвена пиперка. Постигнавме договор за откупни цени на црвената пиперка и тие истите според класи ќе бидат: прва класа – 40 денари за килограм, прва/втора класа – 30 денари за килограм, втора класа – 20 денари за килограм, трета класа – 12 денари за килограм“, соопшти Трипуновски.
Тој во неколку наврати одржа состаноци со земјоделците, преработувачите и откупувачите каде што главна тема беше откупната цена и текот на откупот на црвената пиперка.
Откупувачите и преработувачите се согласија дека ќе се придржуваат до договорените цени во текот на целиот откуп, но во согласност на побарувачката истите имаат тенденција да се зголемуваат за што Државниот инспекторат за земјоделство ќе биде постојано на терен и ќе се грижи за да се запази динамиката и откупните цени на црвената пиперка. Вистински се грижиме за македонските земјоделци, тие конечно имаат партнер во Министерството, рече Трипуновски.
Економија
Нови цени на горивата од полноќ
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/01/benzin-gorivo-960x639.jpg)
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,48 % во однос на одлуката од 22.7.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 1,072 %, кај дизелот 1,940 %, кај екстра лесното масло 2,096 % и кај мазутот намалувањето е 3,565 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 0,2688 %.
Од 27.7.2024 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 81,50 (денар/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС 98 83,50 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 74,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) 72,50 (денара/литар)
Мазут М-1 НС 44,656 (денари/килограм)
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува 1,101 денар/кг и сега ќе изнесува 44,656 денари/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менуваат.