Економија
Заев: Европската инвестициска банка ќе инвестира за заздравување на македонската економија

Европската инвестициска банка (ЕИБ) ќе продолжи да инвестира во општествениот и економски развој на Република Северна Македонија со поддршка на проектите за побрзо закрепнување на економијата од последиците од пандемијата со Ковид-19 со посебен фокус на малите и средни претпријатија, како и за проекти од Зелената агенда за инвестиции во обновлива енергија, енергетска ефикасност и дигитализацијата како дел од програмата што произлегува од Економскиот инвестициски план за Западен Балкан.
Ова е заедничкиот заклучок од средбата на претседателот на Владата, Зоран Заев, и министерот за финансии, Фатмир Бесими, со претседателот на ЕИБ Вернер Хојер и со потпретседателката на банката Лилјана Павлова.
Од Владата информираат дека ЕИБ е подготвена да ја прошири својата успешна соработка со Владата на Северна Македонија и понатаму да придонесе кон остварување на европските стандарди за конкурентност на македонската економија, да поддржи големи инфраструктурни проекти и транзиција кон позелен и поодржлив економски модел. До денеска, ЕИБ инвестираше близу 970 милиони евра во 29 проекти во земјава, поддржувајќи клучни сектори на економијата – инфраструктурата, енергијата, транспортот и малите и средните претпријатија.
„Владата на Северна Македонија неодамна го одобри Зеленото сценарио за структурен развој на секторите за транспорт, енергија, животна средина и климатски промени. Имаме амбициозна агенда која ќе биде поддржана со значителни инвестиции, како придонес за иднината не само на Северна Македонија, туку и на Европа како целина. Ние веруваме дека Европската инвестициска банка може да биде наш клучен партнер во овој потфат и очекувам блиска и успешна соработка во следните години“, истакна премиерот Заев на средбата со првите луѓе на ЕИБ.
На работниот состанок на владината делегација со ЕИБ беше нагласено дека традиционалното партнерство во претстојниот период со поддршка за спроведување на двата клучни проекти во моментов во Северна Македонија за кои земјата аплицираше на последниот повик за инвестициски грантови во рамките на Инвестициската рамка за Западен Балкан – Пречистителната станица во Скопје и третата фаза од железничкото поврзување по Коридорот 8, источното крило кон Бугарија.
„На претседателот Хојер му ја пренесов нашата заинтересираност за подобра соработка во спроведување на нашата инвестициска агенда презентирана преку Единствената листа на проекти, за што го поканивме ЕИБ да отвори свое претставништво во Северна Македонија. Сè на сè, одличен почеток на работната посета на Луксембург, со охрабрувањето што го добивме од врвот на банката за сите наши планови во постковид периодот и за нашиот план за рестарт на економијата и за враќање на развојните трендови кои Европската инвестициска банка ги препозна и ќе ги поддржи и во иднина“, изјави премиерот Заев.
Претседателот на ЕИБ, Вернер Хојер, од своја страна рече дека приоритет на банката е да ја поддржи Северна Македонија што побрзо да закрепне од пандемијата Ковид-19 и да напредува на својот пат за пристапување во ЕУ.
„Подготвени сме да ја поддржиме транзицијата на земјата кон позелена, поинклузивна и поодржлива економија со финансирање и технички совети. Премиерот Заев и јас споделуваме европска визија и посветеност кон економски силен регион на Северна Македонија и Западен Балкан и сакаме да видиме поголеми придобивки за Северна Македонија од Економскиот инвестициски план на Европската комисија. Како климатска банка на ЕУ, ЕИБ ја поздравува силната посветеност на премиерот Заев за поддршка на распространувањето на Зелената агенда и јас сум задоволен што гледам напредување на зелените инвестиции за Северна Македонија“, потенцираше претседателот на ЕИБ Хојер.
Потпретседателката на ЕИБ, одговорна за Северна Македонија, Лилјана Павлова, додаде дека фокусот на Европската инвестициска банка во наредниот период е насочен кон можностите утврдени во Економскиот и инвестициски план како кон брзото закрепнување на Ковид-19, создавање на посилен регионален пазар и подобра клима за инвестиции.
Амбасадорот Дејвид Гир, кој како шеф на Делегацијата на ЕУ по повод одржувањето на состанокот, изјави дека Европската Унија и Владата на Северна Македонија градат партнерство кое се стреми кон повеќе и дека заеднички ги развиваат најдобрите решенија за промовирање на Зелената агенда, промовирање на поврзаност и зајакнување на трговијата во рамките на Заедничкиот регионален пазар при што Економскиот инвестициски план во овој контекст има клучна улога за нивна реализација.
Како дел од целокупните напори на ЕУ во рамките на Тим Европа за ублажување на економскиот пад од пандемијата Ковид-19, ЕИБ инвестираше 20 милиони евра за поддршка на македонските мали и средни претпријатија во 2020 година со што им овозможи на локалните компании пристап до нови извори на финансирање за надминување на ограничувањата на ликвидноста и за зачувување на работните места за време на пандемијата.
На средбата во Луксембург на владината делегација со ЕИБ најавени се нови значителни финансиски средства за македонските мали и средни претпријатија во 2021 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Славески: Народната банка е пример за креирање политики засновани на квалитетни податоци и истражувања

„Несомнено, квалитетните и навремени податоци и анализи се клучни во носењето на кредибилни политики со кои се одржува макроекономската стабилност. Затоа, Народната банка своите одлуки секогаш ги темели на робусни докази засновани на детални емпириски истражувања, статистички анализи и квалитетни податоци, коишто го одржуваат и јакнат нејзиниот кредибилитет. А во време на глобални неизвесности и повеќе последователни кризи, токму силниот кредибилитет претставува најмоќната алатка за успешно остварување на целите на монетарната политика“. Ова го порача гувернерот Трајко Славески во своето воведно излагање на годишната конференција „Применети економски истражувања: патот кон оптимални национални стратегии и политики во турбулентни времиња“ организирана од страна на Балканската асоцијација на економисти во применета економија, во соработка со и поддржана од Економскиот факултет – Скопјe при УКИМ и Сојузот на економисти на Македонија.
Славески се осврна на анкетното истражување на Global central banking околу главните приоритети на централните банки, оперативните поставености и, следствено нивните истражувачки активности во следниот период.
„На прво место е финансиската стабилност, при што над 45% од централните банки даваат приоритет на финансиската стабилност и отпорноста, во контекст на тековните глобални предизвици. На второ место е справувањето со инфлацијата, при што мерките што ги преземаат централните банки се во насока таа да се сведе на историските нивоа од околу 2%. Третата област е кибер-безбедноста и вештачката интелигенција, коишто се новите предизвици пред кои што се исправени централните банки“, истакна гувернерот Славески.
Во фокусот на истражувањата се и дигиталната трансформација, вклучително и воведувањето на дигиталните валути коишто сѐ помасовно стануваат дел од стратегиите на централните банки.
Славески посочи дека носењето на одлуки базирани на докази е неопходно за централните банки успешно да ја извршуваат својата функција во комплексноста на денешните економии, особено во услови на епизоди на висока инфлација, брзи технолошки трансформации, огромна неизвесност и гео-економска дезинтеграција.
Во своето обраќање тој порача дека Народната банка посветено и во континуитет работи на подготовка на напредни и сеопфатни истражувања и анализи, коишто претставуваат еден од главните чинители при носењето на одлуките со кои се одржува севкупната макроекономска и финансиска стабилност на земјата.
Економија
МФ: Исплатени 19,4 милиони евра нова транша за поддршка на домашните компании

Над 1 милијарда денари нова транша е исплатена од кон Развојната банка за подршка на домашните компании, средства кои Владата ги обезбеди по поволни услови од унгарскиот заем, извести МФ.
Од централниот Буџет кон Развојната банка се исплатени 1,2 милијарди денари, односно 19,4 милиони евра, средства со кои ќе се реазираат инвестициски проекти од страна на домашните компании, кои претходно се одобрени од страна на деловните банки.
Со оваа транша вкупната поддршка што од централниот Буџет е трансфериран кон домашната економија преку оваа владина мерка изнесува 190,5 милиони евра.
Во Буџетот за 2025 година проектирани се вкупно 250 милиони евра кои се наменети за поддршка на инвестициски проекти на домашните компании, а кои треба да покренат инвестициски циклус во приватниот сектор од околу 300 милиони евра. Средствата за оваа намена ги обезбеди Владата по поволни услови преку унгарската Експорт-импорт банка, соопшти Министерството за финансии.
Економија
Халкбанк со нова кредитна линија од 12 милиони евра за одржливо земјоделство

Халкбанк АД Скопје, како една од водечките банки во земјата која постојано се насочува кон поддршка на реалната економија, започнува со реализација на нова кредитна линија наменета за развој на одржливо земјоделство.
Средствата во износ од 12 милиони евра се обезбедени преку Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) и ќе бидат ставени на располагање на земјоделците и земјоделските бизниси во наредните пет години.
Целта на оваа кредитна линија е да им овозможи на микро (вклучувајќи трговци поединци и индивидуални земјоделци), мали и средни претпријатија пристап до поволни извори на финансирање кои ќе им помогнат да ги реализираат своите планови за работен капитал, како и за инвестиции во опрема, модернизација и развој на одржливи агро-практики.
Кредитите ќе бидат одобрени под атрактивни услови, со варијабилна каматна стапка која започнува од 5,5% и со можност за флексибилна отплата преку месечни, квартални или полугодишни ануитети. Освен финансиската поддршка, програмата предвидува и дополнителни бенефити за земјоделците: организирани работилници и тренинзи преку кои ќе можат да стекнат нови знаења за современи и одржливи земјоделски практики, како и грант компонента до 1.000 евра по корисник, достапна до исцрпување на предвидениот буџет. На тој начин, кредитната линија не е само финансиски инструмент, туку и практичен поттик за модернизација и зголемување на конкурентноста на домашното земјоделство.
Халкбанк и ЕФСЕ соработуваат долги години, а ова партнерство овозможи континуирано насочување на финансиски средства кон микро, мали и средни претпријатија, со што се поддржа растот на многу бизниси и се даде значаен придонес во економскиот развој на државата. Новата кредитна линија претставува уште еден чекор во таа насока, ставајќи акцент на земјоделството како стратешка гранка со голем потенцијал за одржлив развој.
„Поддршката на земјоделството е од суштинско значење за иднината на економијата и благосостојбата на граѓаните. Со оваа нова кредитна линија, обезбедуваме не само поволни финансиски средства, туку и знаење и грантови кои ќе им помогнат на земјоделците да преминат кон одржливи практики и да ја зголемат својата продуктивност. Веруваме дека вложувањето во земјоделството значи вложување во долгорочна стабилност, храна со повисок квалитет и развој на руралните средини,“ велат од Халкбанк.
Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ) е формиран од страна на Банката за развој KfW, со финансиска поддршка од германското Федерално Министерство за економска
соработка и развој (BMZ) и Европската комисија. Фондот има за цел да го поттикне економскиот развој и благосостојбата во земјите од Југоисточна Европа преку овозможување пристап до финансирање за микро и мали претпријатија и за домаќинства со пониски приходи, со фокус на одржливост и позитивно влијание врз заедниците.
Со оваа програма, Халкбанк ја продолжува својата долгорочна стратегија за поддршка на одржливите иницијативи во економијата, инвестирајќи во иднината на земјоделството и обезбедувајќи подобри услови за оние кои ја движат оваа важна гранка.
ПР