Економија
Заев на средба со стопанските комори: Уште од првиот ден покажуваме дека економијата ни е приоритет
Премиерот Зоран Заев заедно со министрите задолжени за економските ресори денеска, на првиот ден од својот мандат, имаа средба со претставниците на стопанските комори во земјава.
Веднаш после средбата, премиерот Заев истакна дека пред деловните луѓе испратиле порака за предвидливост во периодот што претстои.
„Најавуваме стабилен период без предвремени парламентарни избори, четиригодишен период кој е многу значаен за домашната економија, која ќе може да планира динамичен раст и развој, идни инвестициони и нови економски активности на бизнис секторот“, рече Заев.
Порача и дека даноците ќе останат стабилни, но додаде дека и во случај на намалување на даноците, секогаш ќе има период на дискусија, дебата и разговори односно период за подготовка на македонската економија.
Заев најави и следни пакети на мерки за коронакризата во текот на есенскиот и зимскиот период, кои, како што рече, ќе бидат димензионирани заеднички со коморите за да се максимизираат сите ефекти.
„Значајно ми е да потврдам, дека јас лично како претседател на Владата, економист кој доаѓа од деловниот сектор во минатите две и пол години колку што имав чест да ја водам македонската Влада, научив многу од соработката со коморите, која е на заедничка полза на бизнис секторот, на работниците, извозот, бруто домашниот производ на државата, а секако и политички и за Владата. Тоа искуство ќе го користиме и во периодот што следи за да можеме уште попосветено да работиме, да соработуваме и да учиме од самите проблематики со кои се соочуваат коморите, со цел брзо решавање, надминување и мултиплицирање на поддршка на Владата со стопанството“, нагласи премиерот.
Заев истакна и дека ако правниот систем биде европски и стегнат, дефинитивно и економијата ќе биде мобилизирачка и посилна, а во поглед на пописот најави дека останува определба за првото полугодие од 2021 година.
Покрај Заев, на средбата со претставниците од стопанските комори учествуваа и Фатмир Битиќи – вицепремиер задолжен за економски прашања, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши – министер за економија, Арјанит Хоџа – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Јагода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Насер Нуредини – министер за животна средина и просторно планирање и Венко Филипче – министер за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Истече рокот за поднесување и плаќање на ДДВ обврските за третиот квартал
Управата за јавни приходи ја информира јавноста дека заклучно со 27 октомври 2025 година, кога истече законскиот рок за поднесување на ДДВ-04 пријавите и плаќање на даночниот долг за третиот квартал од 2025 година, сè уште постојат даночни обврзници кои не ги исполниле своите законски обврски.
Според евиденцијата на УЈП, остануваат неподнесени 2.209 тримесечни и 146 месечни пријави, како и 7.436 тримесечни и 1.270 месечни даночни обврзници кои не го извршиле плаќањето на пријавениот даночен долг. Редовноста во исполнувањето на обврските е знак на одговорност и доверба, вредности што заеднички го градат системот во кој сите учествуваме и веруваме.
Управата за јавни приходи веќе достави персонализирани известувања до сите обврзници со пријавен, а ненаплатен долг за соодветниот даночен период.
Во тек е спроведување на активности и мерки во координација со сметководителите и обврзниците, со цел да се избегнат блокади на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата. Важно е да се внимава на роковите, бидејќи за секој ден на задоцнување се пресметува камата во износ од 0,03% од преостанатиот долг, како и изрекување на дополнителни глоби. Оттука, потсетуваме на обврската за точно, целосно и навремено плаќање на поднесените ДДВ-04 пријави. По доставата на опомените, Управата ќе пристапи кон присилна наплата кај сите обврзници кои нема да го подмират долгот доброволно. УЈП апелира до сите засегнати обврзници да постапат одговорно и навремено, со цел да се обезбеди стабилна даночна историја и да се избегнат непотребни последици. За дополнителна помош и поддршка, даночните обврзници и сметководителите можат да се обратат преку е-пошта на [email protected] или телефонски на 0800 33 000 (од фиксен) и 02 3253 200 (од мобилен). Вашата дисциплина денес е вашата предност утре.
Економија
„Реплек“ на најпрестижниот саем за фармација CPHI – потврда за конкурентноста, квалитетот и интернационалниот потенцијал
Портфолиото на фармацевтската компанија „Реплек“ и оваа година предизвикува голем интерес на CPHI саемот за фармација, кој од 28-ми до 30-ти октомври се одржува во Франкфурт, Германија, под мотото „Ја обликуваме иднината на фармацијата“. CPHI саемот е собир на глобалните лидери во фармацијата и во неговите рамки се презентираат иновациите во индустријата.
„Реплек“ го презентира своето производно портфолио – фармацевтски производи и козметика, а значително внимание предизвикуваат производите на компанијата на база на канабис, за кои интересот континуирано расте. Во рамките на саемот, менаџментот на компанијата остварува бројни средби за проширување на соработката и освојување на нови пазари и понатамошно унапредување на позициите кои се градени 80 години, јубилеј кој годинава го одбележува компанијата.
„‚Реплек’ континуирано вложува во дигитализација, иновации, лансирање на нови производи, како и во проширување на пласманите. Наша стратешка цел е продлабочување на постојните партнерства и склучување нови, со цел ширење на компанијата и на пазарите каде што досега не сме биле присутни. Со воведувањето напредни технологии и иновативни решенија во портфолиото, нашите производи и брендови сѐ повеќе го освојуваат меѓународниот фармацевтски пазар, на кој ја потврдуваме нашата позиција како конкурентен производител, но и како сигурен и доверлив партнер. Нѐ радува фактот што реномирани компании од Европската унија, Јужна Америка и Азија го потврдуваат интересот и веќе имаме најава за проширување на соработката. Дополнително, саемот е одлична можност за привлекување потенцијални партнери не само за извоз во регионот и пошироко, туку и за истражување на интересот за Реплек како регионален дистрибутер и партнер за продажба и маркетинг на Балканот“, изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.
Во рамките на саемот, заедно со меѓународните партнери, „Реплек“ ќе го одбележи и својот 80-годишен јубилеј. CPHI покажува дека долгогодишната фармацевтска традиција е нешто што високо се вреднува на меѓународниот пазар, ја зголемува довербата во компанијата и нејзината конкурентност. Континуираното сертифицирање со EU GMP сертификатот за добри производни практики е уште еден аспект кој значајно влијае на конкурентноста на компанијата на меѓународниот пазар.
CPHI е највлијателниот светски фармацевтски настан, кој годинава се одржува по 36 пат, а свое учество на саемот имаат најзначајните фармацевтски компании. Оваа година саемот на едно место собра повеќе од 62.000 професионалци и експерти од над 166 земји, а нивните предавања за најновите достигнувања во областа на фармацијата предизвикуваат огромен интерес. Присутни се и 2.400 изложувачи од целиот свет. Саемот секоја година се одржува на различна локација. На овој престижен настан компаниите од фармацевтскиот сектор од целиот свет имаат можност за промоција на своите портфолија, како и презентација на нивните иновативни производи и брендови.
Компанијата „Реплек“ околу 75 отсто од своите производи ги пласира на странските пазари, во повеќе од 25 држави во Европската Унија, Централна и Југоисточна Азија, како и во регионот Адрија. Најголема потврда за високиот квалитет и конкурентноста на производите на компанијата која има 80-годишна традиција, е фактот што голем дел од нив на некои од пазарите се во рангот на најпродаваните.
„Реплек“ континуирано инвестира во модернизација и унапредување на своето производно портфолио, со цел зајакнување на своите пазарни позиции. Во таа насока е и значајното двојно меѓународно признание кое компанијата го доби минатиот месец, односно двата EAEU GMP сертификати, кои се резултат на инспекции кои потврдуваат дека производствените процеси и системот за квалитет на „Реплек“ се целосно усогласени со принципите за добра производна пракса регулирани за Евроазиската економска унија. Овие сертификати се потврда за високите стандарди што се применуваат во секоја фаза од работењето и постојаното подобрување на квалитетот на секој чекор, од развојот и производството, до финалната дистрибуција.
(ПР)
Економија
„Алкалоид“ 22 години дел од водечкиот глобален фармацевтски настан CPhI
35 претставници од различни организациски сектори на компанијата го сочинуваат алкалоидовиот тим на овогодишното 36. издание на CPhl, кој за време на три интензивни саемски денови во својата агенда има повеќе од 400 деловни средби со постојни партнери, добавувачи и со нови потенцијални соработници „Алкалоид“ годинава го забележа своето 22. учество на најреномираниот светски собир во областа на фармацијата – CPhI (Convention of Pharmaceutical Ingredients).
Под мотото „Во срцето на фармацевтската индустрија“, CPhI се одржува од 28 до 30 октомври во Франкфурт, Германија, а тимот на „Алкалоид“ и оваа година има репрезентативно и современо саемско претставување, преку кое недвосмислено ја пренесува компаниската парола Здравјето пред сѐ!
„За ’Алкалоид’ CPhI претставува стратешка глобална платформа за следење на најновите научни и технолошки достигнувања во фармацевтската индустрија. Како компанија, уште во раните 2000-ти години ги препознавме можностите што ги нуди овој глобален собир како во делот на вмрежувањето и градењето партнерства така и во поглед на следењето на клучните трансформации и иновации во рамките на генеричката фармацевтска индустрија. За ’Алкалоид’ CPhI овозможува директен увид во најновите трендови и технологии – од вештачката интелигенција и одржливите производствени практики до нови молекули, формулации и решенија за оптимизација на глобалниот синџир на снабдување.
CPhI е единствена можност за средби со постојни и потенцијални партнери – производители, добавувачи, регулаторни консултанти и истражувачки центри – со што се поттикнува создавањето нови синергии и партнерства“, истакна Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
Како водечка светска платформа што ги поврзува фармацевтските професионалци, годинава CPhI во Франкфурт собра повеќе од 62.000 посетители и над 2.400 изложувачи од целиот свет. Во текот на своето три и пол децениско постоење, CPhI прерасна во најголемата меѓународна фармацевтска заедница, која обединува стотина илјади експерти и компании што активно придонесуваат кон развојот и напредокот на глобалниот синџир на динамичната фармацевтска индустрија.
(ПР)

