Економија
Инвестиција од 650 илјади евра за реконструкција на трафостаницата Струмица 2
„Владата и МЕПСО посветено работат на унапредување и модернизација на капацитетите и преносната мрежа на електрична енергија, преку реконструкција и ревитализација на трафостаниците и водовите, со цел да се обезбеди подобар и постабилен систем на пренос на електрична енергија“, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при работната посета на општина Струмица, каде што заедно со директорката на АД МЕПСО, Ева Шуклева, и градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, извршија увид во реконструкција на трафостаницата Струмица 2.
Проектот за реконструкција на трафостаница Струмица 2 е со вредност од 650 илјади евра и опфаќа замена на старите прекинувачи во преносната мрежа, кои беа во употреба повеќе од 50 години, со прекинувачи од најновата генерација.
Министерот Бочварски истакна дека со овој проект ќе се зголеми квалитетот на системот и ќе се унапреди преносната мрежа на електрична енергија во Струмичкиот Регион.
„Со инвестициите во енергетскиот систем овозможуваме стабилност на енергетскиот сектор, зголемен квалитет на преносот и снабдувањето со електрична енергија, како и поголема безбедност. Покрај реконструкцијата на трафостаницата Струмица 2, веќе е реконструирана и трафостаницата Струмица 1 која се поврзува на трафостаниците Сушица и Валандово, па сè до Бугарија. Ги поздравувам и ги охрабрувам ваквите проекти со кои се отвораат можности за нови инвестиции и се создаваат поволни услови за работа на компаниите“, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Директорката на АД МЕПСО, Ева Шуклева, истакна дека главен приоритет на МЕПСО е да обезбеди непрекинато снабдување со квалитетна електрична енергија на сите корисници на преносната мрежа и да овозможи доверливо и сигурно работење на електропреносниот систем.
„Со цел да овозможиме непрекинато снабдување со квалитетна електрична енергија и стабилност на електропреносниот систем, потребни се континуирани инвестиции во опремата на трафостаниците и далеководите. Покрај големите инвестициски проекти за надградба на постоечката и изградба на нова мрежа, АД МЕПСО посветено работи и на одржување и ревитализација на сите електроенергетски објекти, согласно годишните планови. Повод за денешната посета на трафостаница Струмица 2 е замена на постоечките прекинувачи со нови. Новите прекинувачи припаѓаат на најновата генерација и се карактеризираат со способност за најкратко време да го изгаснат електричниот лак што се јавува при манипулација, вклучување и исклучување на прекинувачот. Како медиум за гаснење на прекинувачот користиме SF6 гас кој во пракса, во светски рамки, се покажа како најефикасен. Оваа активност е дел од проектот што АД МЕПСО го финансира со сопствени средства во висина од 650 илјади евра и опфаќа набавка на 31 нови 110kV прекинувачи кои во рок од 2 години ќе бидат монтирани и ставени во функција. Постапката за замена на прекинувачите ја извршуваат наши квалитетни, специјално обучени и сертифицирани стручни кадри“, изјави директорката на АД МЕПСО, Ева Шуклева.
При денешната посета на општина Струмица, министерот Бочварски оствари и работна средба со градоначалникот Коста Јаневски на која разговараа за примената на новиот Закон за урбанистичко планирање и Правилникот за урбанистичко планирање.
„На средбата со градоначалникот Јаневски и останатите претставници на општината ги отворивме прашањата за примената на новиот Закон за урбанистичко планирање, а исто така разговаравме и за сите значајни проекти што се реализираат во Струмица и околината меѓу кои и проектот за санација на локални патишта и улици, како и за потребата од нови инвестиции кои дополнително би придонеле за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и би овозможиле локален економски раст“, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Средба Муцунски – Aзески: Фокус на извозот и економската дипломатија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работна средба со претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, предводени од претседателот Бранко Азески.
На средбата беа разгледани иницијативи и конкретни форми на поддршка за извозно ориентираните компании, вклучително и организација на тематски посети со активно учество на деловната заедница, унапредување на комуникацијата со дипломатско-конзуларните претставништва, како и промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор во државата.
Министерот Муцунски нагласи дека целта на овие средби е директно да се слушнат ставовите и размислувањата на коморите, како и да се добијат конкретни иницијативи за поддршка на компаниите, зајакнување на економската дипломатија и унапредување на извозот, што директно придонесува кон зајакнување на економијата и забрзување на економскиот развој.
Беше потврдена одличната досегашна соработка и изразено заемно задоволство од постигнатите резултати, при што се разговараше и за нејзино натамошно продлабочување, со цел обезбедување конкретни придобивки за компаниите и позитивно влијание врз вкупниот економски развој на државата.
Нагласувајќи ја важноста на дипломатско-конзуларните претставништва и на дипломатската мрежа во целост, претседателот на Стопанската комора истакна дека иницијативите за зајакнување на економската дипломатија доаѓаат во вистински момент, во насока на поддршка на стопанството и економското закрепнување.
На средбата беа разгледани и конкретни иницијативи и настани планирани за наредниот период, како можности за понатамошна соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Стопанската комора.
Економија
Мој ДДВ не се укинува – налозите за исплата во февруари се подготвуваат, извести УЈП
Управата за јавни приходи ги демантира написите во дел од медиумите дека се укинува мерката „МојДДВ“.
„Јасно и недвосмислено истакнуваме дека не постои одлука за укинување на „МојДДВ“ – мерката се спроведува континуирано, а сите граѓани можат да ја користат апликацијата и да ги остваруваат своите права согласно законските одредби. За спроведување на мерката „МојДДВ“ се предвидени средства во Буџетот за 2026 година, со што се обезбедува нејзино непречено и континуирано спроведување“, велат од УЈП.
Во текот на 2025 година за редовна исплата исплатени се 3.458.885.995 денари, што е 56,2 милиони евра средства вратени на сметките на граѓаните по основ на „МојДДВ“.
Гледано по квартали, повратот на средства преку „МојДДВ“ во текот на 2025 година е следен:
•За К4 2024 година (исплата во февруари 2025) исплатени се 870.329.146 денари за 496.442 корисници;
•За К1 2025 година исплатени се 784.442.146 денари за 491.770 корисници;
•За К2 2025 година исплатени се 882.137.038 денари за 503.655 корисници;
•За К3 2025 година исплатени се 921.977.665 денари за 515.182 корисници;
•За К4 2025 година налозите се во обработка и согласно законските одредби исплатата на средства е предвидена за февруари 2026 година.
Во текот на 2025 година беа извршени и дополнителни исплати (од изминатите години) кон корисниците кои немале точни податоци во периодот кога биле редовните исплати:
•За скенирани сметки во 2020 година исплатени се 2.658.049 денари;
•За скенирани сметки во 2023 година исплатени се 7.552.401 денари;
•За сметки скенирани во 2024 година исплатени се 4.076.525 денари.
На сметките на граѓаните во 2025 година по основ на редовна и дополнителна исплата на средства преку „МојДДВ“, исплатени се вкупно 3.473.172.970 денари или 56,4 милиони евра.
УЈП ги известува граѓаните дека веќе ги подготвува налозите за исплата на средства за скенирани сметки во последниот квартал од 2025 година, која треба да се реализира во февруари 2026 година.
„Апелираме граѓаните да не потпаѓаат под шпекулации и да ги следат исклучиво официјалните информации и соопштенија на Управата за јавни приходи. Истовремено, УЈП ја информира јавноста дека апликацијата „Мој ДДВ“ функционира редовно. Во рамки на тековните технички подобрувања на системот, можно е повремено забавување при најавување на апликацијата од страна на корисниците или при вчитување на фискалните сметки. Овие појави се привремени, а надлежните технички служби континуирано работат на нивно отстранување, со цел да се обезбеди подобро корисничко искуство. Со ова уште еднаш потврдуваме дека апликацијата „Мој ДДВ“ останува во функција и не се разгледува нејзино укинување“, се додава во соопштението на УЈП.
Економија
Малите и средни претпријатија се ’рбетот на економијата – претставена Националната стратегија за МСП 2025–2030
Министерството за економија и труд денес ја презентираше Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2025–2030, стратешки документ кој ја дефинира насоката за развој, конкурентност и отпорност на малите и средни претпријатија во Република Северна Македонија во наредните години.
Малите и средни претпријатија претставуваат ’рбет на националната економија, сочинувајќи околу 99 проценти од вкупниот број претпријатија и обезбедувајќи егзистенција за речиси три четвртини од вработените. Тие имаат клучна улога во економскиот раст, иновациите и социјалната стабилност на државата.
На настанот, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши истакна дека Стратегијата е повеќе од формален документ и дека таа претставува јасна определба за поддршка на домашните претприемачи.
„Малите и средни претпријатија не се само дел од нашата економија – тие се нашата економија. Секој нивен успех значи посигурна иднина за едно семејство и посилна држава. Со Стратегијата за МСП 2025–2030 создаваме услови тие да бидат лидери на промените, а не нивни следбеници,“ истакна министерот.

