Економија
Институциите на ЕУ високо ги оценија остварувањата на НБРМ од минатогодишната Програма за економски реформи

Институциите на ЕУ дадоа висока оцена за остварувањето на Народната банка на заедничките заклучоци од минатогодишната Програма за економски реформи, информираат од оваа институција.
Истовремено, монетарното олабавување остварено од Народната банка во текот на корона-кризата е оценето како соодветно. Во заедничките заклучоци од годинешниот економско-финансискиот дијалог помеѓу ЕУ и земјите кандидатки за членство е истакнато дека во сиот досегашен тек на корона-кризата, финансиската стабилност е зачувана, а истовремено и дека одлуките и мерките на Народната банка придонесоа за ублажување на ефектите на кризата врз граѓаните и компаниите. Напоменато е дека банкарскиот сектор соодветно им одговори на досегашните предизвици од корона-кризата, одржувајќи здрави показатели, за што придонесоа и политиките на Народната банка. Истовремено, истакнато е дека од исклучително значење е и напредокот остварен со започнувањето со работа на Комитетот за финансиска стабилност, координиран од Народната банка, со учество на сите финансиски регулатори.
Во своите согледувања, институциите на ЕУ нагласуваат и дека е клучна независноста на Народната банка, бидејќи таа е важна за зачувување на ценовната и финансиската стабилност.
На денешниот министерски дијалог за програмите за економски реформи на земјите кандидатки за членство во ЕУ учествуваше и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска. Притоа, таа им се заблагодари на институциите на ЕУ за високите оцени за остварувањето на активностите од Програмата коишто се во надлежност на Народната банка.
Во своето излагање, меѓу другото, гувернерката напомена дека ова е прва криза во којашто првичната реакција на Народната банка беше олабавување, а не затегнување на монетарната политика. Притоа, нагласи дека овој пат солидните економски фундаменти и силната позиција на девизните резерви овозможија олабавување на монетарната политика и усвојување на регулаторната флексибилност, којашто придонесе за поддршка на граѓаните и компаниите коишто имаат потреба од кредитна поддршка. Дополнителен простор се создаде и со одлуката на Европската централна банка (ЕЦБ) за овозможување пристап на Народната банка, за првпат до девизна ликвидност во евра обезбедена од ЕЦБ, на иницијатива на Народната банка.
Таа се осврна и на актуелните предизвици за носителите на политиките, имајќи ја предвид неизвесноста во однос на здравствената криза.
„Од гледна точка на централната банка, нашата предност е што сè уште имаме простор за водењето на политиките. Основната каматна стапка е сè уште на позитивната страна, а нивото на девизни резерви и натаму е комфорно и банкарскиот систем е стабилен. Се разбира, независно од ваквата позиција, и натаму мора да бидеме претпазливи не само поради конвенционалните можни несакани ефекти од премногу долго монетарно олабавување, туку и од можната неповолна повратна врска помеѓу реалниот и финансискиот сектор, како и од т.н. ризик од ‘зомбификација’. Затоа, за заштита од тие ризици е неопходно да се продолжи со мерките за натамошно јакнење на мрежата за финансиска безбедност и тоа е всушност еден од нашите приоритети“, истакна Ангеловска-Бежоска.
Министерскиот дијалог се одржува секоја година. Неговата цел е да се донесат заеднички заклучоци за реформските активности коишто ќе станат дел од новата Програма за економски реформи, којашто, пак, е дел од пристапниот дијалог на земјава во ЕУ. Заклучоците за следниот период коишто се во ингеренција на Народната банка посочуваат на одржување силна регулаторна рамка за финансискиот сектор, којашто ќе биде во согласност со најдобрите светски практики и практиките на ЕУ, за да може понатаму да се осигура стабилно управување со кредитниот ризик и да се заштити независноста на Народната банка заради зачувување на финансиската и ценовната стабилност, појаснуваат од НБРМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.