Економија
Ковачевски: Домашните компании рамо до рамо со оние во развиените земји, растат платите, не сме повеќе земја со евтина работна сила
Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, беше во посета на ИТ-компанијата ИТГМА ДОО – Скопје, специјализирана за компјутерско програмирање и консултантски услуги.
„Денеска сме во посета на една од најуспешните македонски компании, која се занимава со софтверските и консултантските решенија, што ги нуди не само на нашиот пазар туку и надвор од границите на државата. Тие работат во најразвиените сектори на денешницата во областа на телекомуникациите, областа на финансиите, во областа на банкарството и навистина претставуваат компанија која не само што е брзорастечка компанија на нашиот пазар туку претставува и место каде што младите може да се развиваат и подготвуваат за индустриите на иднината“, изјави премиерот Ковачевски при посетата на оваа ИТ-компанија.
Тој потенцира дека Македонија не е веќе земја со евтина работна сила.
„Имаме задоволни граѓани, кои ќе работат во компании тука во нашата држава, а не да работат во компании надвор од државата, во други земји од ЕУ. Навистина, кога ќе се види искуството на вакви компании, кои работат и кои подготвуваат софтверски решенија за земји што ги сметаме за поразвиени од нас, тогаш може со гордост да кажеме дека и нашата држава може да се носи рамо до рамо со оние за кои до вчера сметавме дека се поразвиени од нас во многу делови“, нагласи премиерот Ковачевски, кој истакна дека зачленувањето во ЕУ е врвен приоритет за државата.
Според него, зголемениот број странски инвестиции и зголемениот број работни места се најдобар показател дека нашите граѓани се вредни, образовани и се препознаени кај инвеститорите како додадена вредност во нивните бизнис-процеси.
Премиерот потсети и на владините мерки за поддршка на бизнисите.
„Минатата година ја заокруживме со над 750 милиони евра странски директни инвестиции и отворени се над 2.300 нови работни места. Бројката на вработени во технолошко-индустриските зони веќе надмина 17.000, само од 2018 година досега се 10.000 нови работни места. Радува фактот што новите работни места имаат плата што е над просечната и тоа е причината зошто платите во државата растат, тоа овозможува да расте и минималната плата, да расте и просечната плата, со тоа растат и пензиите и со тоа се зголемува животниот стандард на граѓаните“, рече премиерот Ковачевски нагласувајќи дека Владата покажа одговорност со најголемиот пакет-антикризни мерки во износ од над 760 милиони евра.
„Успеавме да им помогнеме и на граѓаните, меѓутоа и на компаниите да ја задржат ликвидноста и со тоа да ги задржат и работните места. И затоа денес имаме 8 % намалување на невработеноста и 9,5 % зголемување на вработеноста во државата, што само го потврдува фактот дека државата економски расте и се развива“, изјави Ковачевски.
Додаде дека во текот на 2022 година државата инвестирала 23 милиони евра во директна помош за инвестиции на нашите компании, и тоа над 410 компании, според Законот за финансиската поддршка на инвестициите.
ИТ-компаниите, како што рече премиерот Ковачевски, се една од движечките индустрии и најголеми корисници на државна помош.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски: Градежништвото повторно со двоцифрен раст
Вицепремиерот Александар Николоски соопшти дека градежниот сектор бележи раст од 14,6 проценти во четвртиот квартал од 2025 година, истакнувајќи дека во земјата се реализираат бројни капитални проекти.
„Раст од 14,6% бележиме во време кога ги градиме капиталните проекти, автопатите, железницата, регионалните и локални патишта и голем број комунални проекти“, напиша Николоски на Фејсбук.
Тој посочи дека градежништвото бележи континуиран пораст во текот на 2025 година.
„Особено ме радува фактот што градежништвото е во континуиран пораст и тоа во 2025 година во третиот квартал имавме 21% раст, а четвртиот квартал бележиме 14,6% раст (и покрај зимскиот период каде поради природните услови градежните активности се намалуваат)“, наведува Николоски.
Според него, Македонија е меѓу земјите со најголем раст на БДП, при што во четвртиот квартал економијата пораснала за 3,8 проценти.
„Македонија се гради и се развива – следуваат нови инфраструктурни проекти“, објави Николоски на својот Фејсбук профил.
Економија
Од полноќ поскап бензин, цената на дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13% во однос на одлуката од 27.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,977%, кај дизелот за 0,464%, кај екстра лесното масло за 0,370% и кај мазутот зголемувањето е за 3,965%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1035%.
Од 3.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 35,542 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,022 ден/кг и сега ќе изнесува 35,542 ден/кг.
Економија
ТИТАН Усје: Работиме согласно сите закони, емисиите се мерат 24 часа со независен мониторинг – нема надминувања на лимитите
ТИТАН Усје соопшти дека повеќе од 70 години работи како одговорна компанија во земјата, придонесувајќи за националниот развој, локалната економија и снабдувањето со основни материјали за клучни инфраструктурни објекти, меѓу кои болници, брани, патна и јавна инфраструктура.
Од компанијата наведуваат дека грижата за животната средина е нивна основна вредност и дека ја следат јавната дебата поврзана со квалитетот на воздухот и заштитата на животната средина, давајќи, како што велат, транспарентен придонес кон решавање на овие прашања.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“, велат од ТИТАН Усје.
Како членка на Групацијата ТИТАН, компанијата информира дека ги следи меѓународно признатите практики и ESG стандарди, со долгорочна посветеност на заштитата на животната средина, вклучувањето на заедницата и современото корпоративно управување.
Во изминатите 15 години, ТИТАН Усје инвестирала повеќе од 29 милиони евра во одржливо производство и еколошки технологии, а дополнителни три милиони евра се планирани до 2029 година.
Од компанијата посочуваат дека нивни приоритети остануваат партнерствата, благосостојбата на вработените и континуираната поддршка на заедницата.

