Економија
Кожувчанка дел од најдобриот фудбалски камп на Реал Мадрид

Компанијата Кожувчанка ДОО се приклучува на најдобриот тим, на најдобриот фудбалски камп со тоа што ќе ја поддржи Реал Мадрид фондацијата, која во јуни ќе организира камп во Скопје.
Имено, Македонија од јуни ќе влезе во семејството на Реал Мадрид фондацијата како организатор на кампот „Campus Experience“. Компанијата „Спорт Арена“ доби можност да биде лиценциран партнер на Real Madrid Fundation Campus Experience и денеска го претстави проектот на прес – конференција. Кампот ќе се одржи на терените на комплексот на ФФМ од 11 до 15 јуни.
Кампот „Campus Experience“ ќе ги запази сите стандарди во кои децата учесници се во фокусот на проектот, односно од него треба да излезат како добри луѓе и уште подобри фудбалери. За ова да се оствари, на кампот ќе работат исклучиво сертифицирани тренери од Реал Мадрид Фондацијата, спроведувајќи оригинални методи низ дневните тренинзи и натпревари, а на крај учесниците ќе добијат и официјални сертификати за учеството. Поради сето ова, овој фудбалски камп се смета за камп со најголема репутација во светот.
Согласно стандардите на Реал Мадрид Фондацијата, на секои 20 учесници ќе има по еден тренер. Дополнително, во рамки на едукацијата ќе учествуваат и други предавачи, како од Шпанија, така и од Македонија. Дел од планот се аниматори кои ќе го организираат слободното време на учесниците меѓу тренинзите. Кампот ќе биде достапен за момчиња и девојчиња на возраст од 7 до 17 години. Плаќањата ќе бидат достапни на повеќе рати преку банкарски институции, а дополнително, партнерите на овој камп за секој учесник ќе обезбедат големи бенефити почнувајќи од оригиналната спортска опрема (комплет од дрес, шорцеви, штуцни, капа, ранец и фудбалска топка), како и голем број ваучери, повластици и попусти за секој пријавен на кампот од страна на спонзорите.
Цената за учество на овој камп, кој ќе се одржи од 11 до 15 јуни годинава е 18.990 денари за акредитација која овозможува 8-10 часа (во зависност од временските услови) присуство на кампот во текот на денот (односно без сместување) или акредитација на 24 часа (при што се додадени и услугите за сместување, исхрана и трансфер) за цена од 26.990 денари. Одреден е попуст за двајца или повеќе учесници од едно семејство, како и за учесници кои поседуваат членска карта на Реал Мадрид, членска карта на „Мадридиста“.
Ќе биде отворен и телефонски број (078-462-622) за информации и пријавување за сите заинтересирани. Пријавувањето ќе се врши на официјалниот веб-сајт на Фондацијата Реал Мадрид или во канцеларијата на булевар Александар Македонски, број 23, локал 10, која ќе биде отворена секој ден од 10-17 часот. Последниот рок за пријавување е 25 мај 2018 година. Од компанијата Кожувчанка ДОО истакнуваат дека со гордост се дел од овој тим, а воедно ги покануваат сите заинтересирани да бидат дел од истиот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Стојаноски: За првпат после долго време, носиме ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи

Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната Комисија за финансирање и буџет, се обрати и истакна дека ребалансот е резултат на анализа, одговорност и јасна визија. Според него, со зголемени приходи и рационално трошење, се вложува во плати, пензии, образование, здравство, транспорт, локален развој и млади. Стојаноски додаде дека ова не е симболика, туку конкретна инвестиција во квалитетен и достоинствен живот за сите граѓани во земјава.
,,Ова е порака, порака за нова економска парадигма, порака за домаќинско водење на државните финансии, порака дека не чекаме кризите да не затекнат, туку со рационален пристап и силна политичка волја ги пренасочуваме средствата таму каде што најмногу треба кај граѓаните. Затоа што буџетот, тоа не се само бројки. Тоа е политика во својата најконкретна форма За првпат после долго време, носиме Ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи“, рече Стојаноски.
Истакна дека со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за плати 800 милиони денари, пензии 2,5 милијарди денари и капитални проекти 300 милиони денари, со што се засилува економскиот развој.
,,Оваа рамка е показател дека Буџетот не е притиснат и потрошен, туку управуван мудро и рационално. Приходите растат, трошењето е контролирано, а приоритетите се кристално јасни“, кажа Стојаноски.
Тој посочи дека ова ќе овозможи повеќе луѓе со попреченост да живеат во заедницата, а не во институции, а ќе има повеќе лични асистенти, повеќе дневни центри, повеќе услуги достапни во секоја општина. Тој напомена и дека најважно од се е тоа што значи дека младите не се заборавени, туку активно вклучени во секоја социјална политика.
Тој додаде дека овој ребаланс значи вложување во луѓето и иднината, во подобри услови за факултети, студентски домови и училишта, во достапен транспорт и здравство за сите, без разлика каде живеат, во поддршка за културата, енергетска независност и младите. Според него, ова не е трошок туку инвестиција во достоинствен живот.
Економија
Битиќи: Ребалансот e признание дека Владата ја загубила финансиската контрола, со дефицит од 4 проценти, над законскиот лимит

Овој ребаланс е индиректно признание дека Владата ја изгубила фискалната контрола и јасно огледало на продлабочената фискална неодговорност во јавните финансии. Наместо реално прилагодување и развојна ориентација, добиваме документ кој прикрива неизвршени ветувања и скицира нереална економска слика, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната седница за ребаланс.
Тој истакна дека иако дефицитот останува на 4% од БДП, тоа е над законскиот максимум од 3%, а отстапување е дозволено само во вонредни ситуации кои во нашата земја не постојат.
„Владата веќе не контролира фискална рамнотежа и го користи ребалансот како политички инструмент. Дефицитот речиси се удвои за месец и половина, од 13,4 на 27,5 милијарди денари. Таков раст не се случува во економија со здрава фискална дисциплина и е знак за неефикасно управување и неконтролирана јавна потрошувачка. Ако приходите растат по 40%, а расходите достигнаа 44%, дали оваа Влада има план? Или троши сè како да нема утре?“ – рече Битиќи.
Според него, наместо реална прераспределба, ребалансот е само козметика, розово на хартија, а црвено во реалноста. Ова не е буџет со план, туку импровизација за политички цели.
„Новото задолжување од 500 милиони евра и скриените долгови од над 700 милиони евра создаваат дополнителен фискален товар што ја загрозува економската стабилност и ќе мора да се решава во иднина.
Разочарувачки е и нискиот степен на реализација на капиталните инвестиции – само 23%, далеку од ветениот рекорден инвестициски циклус“.
Како што рече, Буџетот се користи како предизборно оружје: зголемувањето на пензиите и платите во јавниот сектор, растот на трошоците за договорни услуги и тројното зголемување на буџетските резерви укажуваат на непотизам, партиски вработувања и нетранспарентна потрошувачка.
Во услови кога јавните финансии се загрозени, ова не е одговорно управување со државните пари, туку краткорочна партиска кампања со ризик за економската иднина на граѓаните.
Економија
Божиновска-Триподи: Македонија е стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти со јасна регулаторна рамка

Во рамки на Бизнис форумот „Италија – Северна Македонија“, кој денес се одржа во Скопје, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари билатерална средба со Марија Триподи, заменичка министерка за надворешни работи и меѓународна соработка на Република Италија.
На средбата беше изразено заедничко задоволство од сè поинтензивната економска и политичка соработка меѓу двете земји, особено во доменот на енергетиката, каде што постои значаен интерес од италијански компании за инвестирање во зелени и одржливи технологии.
Министерката Божиновска ја информираше соговорничката за тековните проекти што ги спроведува Министерството, како и за новите можности за странски инвестиции во обновливи извори на енергија, енергетска инфраструктура и складирање на енергија. Таа истакна дека Северна Македонија станува стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти, со јасна регулаторна рамка и амбициозни цели во енергетската транзиција.
Од страна на г-ѓа Триподи беше изразена поддршка за енергетските реформи што ги спроведува земјата и интерес за продлабочување на билатералната соработка преку конкретни проекти и партнерства, како на институционално, така и на деловно ниво.
Двете соговорнички се согласија дека енергетиката претставува стратешко поле за понатамошно поврзување на Северна Македонија и Италија, со можност за заеднички проекти во контекст на регионалната поврзаност, транзицијата кон чисти извори и развој на модерна енергетска мрежа.