Економија
Колева: Нови 97 милиони евра преку ИПАРД 3-програмата

За ИПАРД 3, ЕУ на нашата земја ѝ одобри 97 милиони евра, а заедно со кофинансирањето од државата и апликантите вкупната вредност на програмата ИПАРД 3 достигнува 210 милиони евра – средства што треба да се реализираат во следните 7 години, објави на прес-конференција, пратеничката од СДСМ, Даниела Колева.
„За дополнително да се зголемат интересот и реализацијата на проектите, со новата ИПАРД 3-програма предвидуваме можност за авансна исплата до 50 проценти од финансиската поддршка. Она што треба да се напомене е дека ова се неповратни пари, тоа не е задолжување на нашите граѓани, тие пари на ЕУ не треба да ѝ ги вратиме, а со нив ќе се финансираат проекти во земјоделството, во инфраструктурата, во нови работни места и локален економски развој. Сето ова, почитувани, е потврда колку е важна нашата интеграција во ЕУ“, рече Колева.
Како што додаде, со почетокот на преговорите, со отворањето на првите поглавја, средствата од европските фондови дополнително ќе се зголемат, тоа значи повеќе пари за нови капитални проекти, за развој, за поддршка на отворање нови бизниси и за проширување на веќе постојните.
Владата во периодот од 2017 до 2022 година има склучено 2.363 договори со финансиска поддршка од 80 милиони евра, од кои 60 милиони се од Европската Унија преку ИПАРД 2-програмата, а 20 милиони евра се национално кофинансирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
(Видео) Каевски: Рекордни инвестиции од 465 милиони евра

Во 2022, во една од најкризните години во последните децении, успеавме да реализираме 465 милиони евра во капитални инвестиции, односно реализација на 90 отсто од предвидените капитални инвестиции за минатата година, изјави на прес-конференција портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски.
Вели дека додека се множеа апокалиптични сценарија за македонската економија, СДСМ преку Владата и инситуциите што ги предводи успеала да обезбеди предвидлива деловна клима за домашните и за странски инвестиции, а тоа го потврдуваат и официјалните податоци.
„Во 2022 година имаме 2.300 нови работни места и над 430 милиони евра нови инвестиции во ТИР зоните. 16.300 граѓани работат во компаниите во индустриските зони низ целата држава и добиваат плати кои генерално се повисоки од државниот просек. Извозот од ТИР зоните во 2022 година, достигна 3,7 милијарди евра што меѓу другото се должи и на новоотворените работни места. Светската економска криза не го спречи растот на платите и пензиите. Во 2022 година минималната плата ја зголемивме на 18.000 денари, а просечната плата достигна над 33.000 денари или 550 евра. Пензиите се покачија во два наврати, а ново зголемување на пензиите ќе биде во март оваа година, согласно новата методолигија“, рече Каевски.
Во таа насока, како доказ за успешните економски политики, Каевски ја спомена и потврдата на кредитниот рејтинг на Стандард и Пурс и задржувањето на кредитниот рејтинг на ББ- со стабилен изглед.
Економија
Блок 1 на РЕК Битола повторно ставен во функција, следната недела ќе биде исклучен вториот блок

Блок 1 на РЕК Битола од вчера попладне е повторно ставен во функција. Постројката беше синхронизирана со македонскиот електроенергетски систем во 17:43 часот и испорачува електрична енергија.
„Блокот беше плански исклучен од мрежа заради повеќе интервенции на различни позиции со цел зголемување на стабилноста на постројката. Минатата година, за разлика од претходно, не се извршија класични ремонти на блоковите во летниот период кои предвидуваат запирање на производството од најмалку еден месец заради актуелната енергетска криза во која се наоѓа државата. Наместо тоа, се интервенира на позиции утврдени од стручни лица во комбинатот кога ќе се укаже можност за тоа или кога е неопходно заради зачувување на стабилноста на постројките“, велат од ЕСМ.
Согласно планот за производство на АД ЕСМ и Подружница РЕК Битола, во текот на следната недела ќе биде исклучен Блок 2 на РЕК Битола. Ќе се реализираат активности за нега и санација на постројката кои планирано е да траат десетина дена.
Економија
СДСМ: Мицкоски се докажа како врвен непознавач на енергетиката

Преку одговорен и домаќински пристап Владата предводена од СДСМ и надлежните институции успеаја и во најпредизикувачката година за енергетиката, да обезбедат стабилно и редовно снабдување со електрична енергија за сите корисници, велат од СДСМ.
„Христијан Мицкоски се докажа како врвен непознавач на енергетиката, сите негови лаги и апокалиптични сценарија ги плашеше граѓаните, пропаднаа.
Нема никакви рестрикции на струја како што лажеше Мицкоски, напротив, низ целиот овој кризен период имаме непречно снабдување со електрична енергија.
И не само што сите потреби стопроцентно се обезбедуваат од домашно производство, туку сред јануари извезуваме струја што значи и дополнителен девизен прилив.
Најнеуспашниот директор на ЕЛЕМ/ЕСМ Христијан Мицкоски, прогнозираше колапс на енергетскиот сектор, а во реалноста, за прв пат после подолг временски период сите капацитети се вклучени на мрежата.
Тоа беше незамисливо кога тој беше директор на ЕЛЕМ, сега ЕСМ и советник за енергетика на Никола Груевски, кога увозот на скапа струја и испадите на енергетската мрежа беа секојдневие.
Тогаш незамисливо беше и да се смета на електричната енергија од обновливи извори, затоа што нејзиниот удел беше незначителен.
Денес, само од обновливи извори за помалку од една година инсталирани се 141 мегават електрична енергија, далеку повеќе отколку за целиот инвестиран капацитет во 11 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
Нема ниту драстично зголемување на цената на струјата, за што исто така Мицкоски лажеше. Напротив, цените не се зголемуваат, туку има и благо намалување на сметките за домаќинствата, а малите и средни компании, околу 72.000 добиваат за 20 отсто понииски сметки за струја.
Сето ова е успех на Владата предводена од СДСМ и премиерот Димитар Ковачевски, покажавме како се работи одговорно и домаќински во енергетскиот сектор.
Мицкоски може да учи како ефикасно се управува со енергетскиот сектор“, се наведува во партиското соопштение.