Економија
Комора на сметководители: Институциите да бидат партнери на претпријатијата, а не кочница на економскиот раст

За да постигнеме побрзо надминување на економските последици од кризата предизвикана од Ковид-19 и истовремено да се стремиме кон забрзан економскиот раст и развој, надлежните институции задолжително мора да се стават во функција на реалниот сектор и да креираат подобро деловно окружување, истакна Комората на сметководители при Сојузот на стопански комори на Македонија на денешната прес-конференција. Одлуките кои се носат треба да бидат во насока на олеснување на деловната активност на бизнис секторот, а не тие да продуцираат отежнати околности кои ќе го стопираат развојот на претпријатијата.
Комора на сметководители на Македонија континуирано се залага за унапредување на сметководствената професија и зачувување на дигнитетот на сите сметководители. Во оваа насока, години наназад апелираме за прекратките рокови за поднесување годишни сметки и финансиски извештаи и бараме системско решение за овој проблем.
„Законот за трговски друштва пропишува дека роковите за поднесување годишни сметки во Македонија се до 28 февруари за хартиено и 15 март за електронско поднесување, што споредбено со сите европски земји се далеку пократки. За споредба, во Хрватска овој рок е до 31.03, во Словенија и Германија е до 30.06, а во Франција и Шведска е до 31.07. Од овие причини, останува нејасно зошто Mминистерството за економија продолжува со игнорирање на проблемот. Комората уште во октомври 2021 година достави барање до Министерот за навремено интервенирање, повикувајќи се на правото дадено во член 477 од Законот за трговски друштва, каде што министерот може да ги продолжи роковите за дополнителен месец, без законски измени. Во меѓувреме, во повеќе наврати се побарани и средби, но очигледно нема интерес за добросостојбата на 10.000 професионалци од дејноста“, изјави Ана Тасевска, потпретседател на Комора на сметководители.
Во услови кога сè уште се соочуваме со проблеми поради ограничени човечки и временски ресурси и намалени капацитети, а дополнително и најавата за продлабочување на кризата со новиот бран на пандемијата, од исклучителна важност е позитивното постапување по барањето на Комората за продолжување на роковите за еден месец од постоечките, согласно член 477 од ЗТД, ставајќи ги човечките животи пред било какви статистички податоци.
„Имајќи ја предвид чувствителноста на ситуацијата, а пред сè за зачувување на дигнитетот и добросостојбата на колегите сметководители, потребен е одговор веднаш, да не се доведеме повторно во алармантна ситуација за кусо пролонгирање на роковите на само два дена пред истек на истите“, истакна Тасевска.
Нефункционалноста на државните системи особено се истакна во пандемијата. Додека сметководителите како единствената алка меѓу државата и стопанството мораа да ги запазат сите пропишани рокови за даночни пријави, економски мерки и сите останати дополнителни обврски кои ни се наметнаа, на страната на институциите изостанува обврската за запазување на роковите што самите си ги пропишале, за што подоцна штетата ја сноси бизнисот.
„Во изминатиот период од страна на Управата за јавни приходи пристигнуваат решенија за враќање на користената финансиска поддршка во 2020 година и истите се со повеќемесечно задоцнување. Односно, иако датумот на решенијата е 24.12.2021 година, а роковите за враќање на поддршката се веќе поминати – 30.04.2021, 31.05.2021, 30.06.2021 или 31.10.2021, 30.11.2021 и 31.12.2021 година, во зависност од месеците за кои истата е користена во 2020 година. Останува нејасно што правела Управата во изминатиот период, па наместо навремено да се изготват овие решенија, истите ги добиваме кога пристигнуваат и новите рокови за враќање на поддршката користена во 2021 година кои почнуваат да течат од наредниот месец“, изјави Тања Накевска, член на Надзорен одбор на Комора на сметководители.
Сметководители се ставени во ситуација да даваат одговори што воопшто не е нивна задача, што е последица на ненавременото постапување и нефункционалноста на електронските системи на Управата.
„Од овие причини, бараме од Управата да ги преземе сите потребни чекори пред ресорното Министерство за финансии и да ги одложи роковите за враќање на поддршката поради своето доцнење. Ова барање денеска и официјално го доставивме до УЈП. Се надеваме дека наместо течење на камати и присилна наплата на долговите, институциите ќе ги согледаат пропустите во своите редови и ќе одговорат соодветно на нашето барање, со цел полесно справување со последиците од пандемијата“, истакна Накевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Стојаноски: За првпат после долго време, носиме ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи

Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната Комисија за финансирање и буџет, се обрати и истакна дека ребалансот е резултат на анализа, одговорност и јасна визија. Според него, со зголемени приходи и рационално трошење, се вложува во плати, пензии, образование, здравство, транспорт, локален развој и млади. Стојаноски додаде дека ова не е симболика, туку конкретна инвестиција во квалитетен и достоинствен живот за сите граѓани во земјава.
,,Ова е порака, порака за нова економска парадигма, порака за домаќинско водење на државните финансии, порака дека не чекаме кризите да не затекнат, туку со рационален пристап и силна политичка волја ги пренасочуваме средствата таму каде што најмногу треба кај граѓаните. Затоа што буџетот, тоа не се само бројки. Тоа е политика во својата најконкретна форма За првпат после долго време, носиме Ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи“, рече Стојаноски.
Истакна дека со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за плати 800 милиони денари, пензии 2,5 милијарди денари и капитални проекти 300 милиони денари, со што се засилува економскиот развој.
,,Оваа рамка е показател дека Буџетот не е притиснат и потрошен, туку управуван мудро и рационално. Приходите растат, трошењето е контролирано, а приоритетите се кристално јасни“, кажа Стојаноски.
Тој посочи дека ова ќе овозможи повеќе луѓе со попреченост да живеат во заедницата, а не во институции, а ќе има повеќе лични асистенти, повеќе дневни центри, повеќе услуги достапни во секоја општина. Тој напомена и дека најважно од се е тоа што значи дека младите не се заборавени, туку активно вклучени во секоја социјална политика.
Тој додаде дека овој ребаланс значи вложување во луѓето и иднината, во подобри услови за факултети, студентски домови и училишта, во достапен транспорт и здравство за сите, без разлика каде живеат, во поддршка за културата, енергетска независност и младите. Според него, ова не е трошок туку инвестиција во достоинствен живот.
Економија
Битиќи: Ребалансот e признание дека Владата ја загубила финансиската контрола, со дефицит од 4 проценти, над законскиот лимит

Овој ребаланс е индиректно признание дека Владата ја изгубила фискалната контрола и јасно огледало на продлабочената фискална неодговорност во јавните финансии. Наместо реално прилагодување и развојна ориентација, добиваме документ кој прикрива неизвршени ветувања и скицира нереална економска слика, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната седница за ребаланс.
Тој истакна дека иако дефицитот останува на 4% од БДП, тоа е над законскиот максимум од 3%, а отстапување е дозволено само во вонредни ситуации кои во нашата земја не постојат.
„Владата веќе не контролира фискална рамнотежа и го користи ребалансот како политички инструмент. Дефицитот речиси се удвои за месец и половина, од 13,4 на 27,5 милијарди денари. Таков раст не се случува во економија со здрава фискална дисциплина и е знак за неефикасно управување и неконтролирана јавна потрошувачка. Ако приходите растат по 40%, а расходите достигнаа 44%, дали оваа Влада има план? Или троши сè како да нема утре?“ – рече Битиќи.
Според него, наместо реална прераспределба, ребалансот е само козметика, розово на хартија, а црвено во реалноста. Ова не е буџет со план, туку импровизација за политички цели.
„Новото задолжување од 500 милиони евра и скриените долгови од над 700 милиони евра создаваат дополнителен фискален товар што ја загрозува економската стабилност и ќе мора да се решава во иднина.
Разочарувачки е и нискиот степен на реализација на капиталните инвестиции – само 23%, далеку од ветениот рекорден инвестициски циклус“.
Како што рече, Буџетот се користи како предизборно оружје: зголемувањето на пензиите и платите во јавниот сектор, растот на трошоците за договорни услуги и тројното зголемување на буџетските резерви укажуваат на непотизам, партиски вработувања и нетранспарентна потрошувачка.
Во услови кога јавните финансии се загрозени, ова не е одговорно управување со државните пари, туку краткорочна партиска кампања со ризик за економската иднина на граѓаните.
Економија
Божиновска-Триподи: Македонија е стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти со јасна регулаторна рамка

Во рамки на Бизнис форумот „Италија – Северна Македонија“, кој денес се одржа во Скопје, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари билатерална средба со Марија Триподи, заменичка министерка за надворешни работи и меѓународна соработка на Република Италија.
На средбата беше изразено заедничко задоволство од сè поинтензивната економска и политичка соработка меѓу двете земји, особено во доменот на енергетиката, каде што постои значаен интерес од италијански компании за инвестирање во зелени и одржливи технологии.
Министерката Божиновска ја информираше соговорничката за тековните проекти што ги спроведува Министерството, како и за новите можности за странски инвестиции во обновливи извори на енергија, енергетска инфраструктура и складирање на енергија. Таа истакна дека Северна Македонија станува стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти, со јасна регулаторна рамка и амбициозни цели во енергетската транзиција.
Од страна на г-ѓа Триподи беше изразена поддршка за енергетските реформи што ги спроведува земјата и интерес за продлабочување на билатералната соработка преку конкретни проекти и партнерства, како на институционално, така и на деловно ниво.
Двете соговорнички се согласија дека енергетиката претставува стратешко поле за понатамошно поврзување на Северна Македонија и Италија, со можност за заеднички проекти во контекст на регионалната поврзаност, транзицијата кон чисти извори и развој на модерна енергетска мрежа.