Економија
„Костал“ најави 200 нови вработувања и инвестиции од 24 милиони евра
Претседателот на Владата, Зоран Заев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и со в.д. градоначалникот на Oпштина Охрид, Константин Георгиевски вчера ја посетија фабриката „Костал“ Македонија ДООЕЛ Охрид.
При обиколката на постоечкиот производствен погон, којшто се протега на површина од 5.800 метри квадратни и дополнителни 6.000 метри квадратни магацински простор, раководството на компанијата, односно извршниот потпретседател, Крис Сандер и директорот, Виктор Мизо го запознаа премиерот Заев со начинот на изработка на електронските и мехатронските софистицирани компоненти коишто се употребуваат во автомобилската индустрија.
Исто така, раководството на компанија, ги информираше премиерот Заев и министерот за транспорт и врски Сугарески дека нивни постојни клиенти се BMW, Daimler, Porsche, Tesla и Rolls Royce. Од оваа година, „Костал“ ќе изработува и проекти за Audi, Volkswagen, Seat и Skoda.
„Сега сме на самиот почеток од она што сакаме да постигнеме во Република Македонија и од технологиите што сакаме да ги воведеме“, истакна Крис Сандерс, извршен потпретседател на компанијата „Костал“.
Со втората инвестициска фаза, како што најавија од „Костал“ планирани се инвестиции од 24 милиони евра и дополнителни над 200 вработувања до крајот на 2021 година со план до 2025 година да се достигле годишна вредност на производство и извоз од над 250 милиони евра.

„За мене е особено важно што се повеќе странски инвеститори се охрабрени да инвестираат надвор од Скопје. На тој начин, а во тоа во голема мера придонесоа политиките на Владата на Република Македонија, постигнуваме рамномерен регионален развој. Сите граѓани за нас се подеднакво важни и сите треба да добијат еднакви можности за вработување и повисоки плати“, истакна премиерот Заев.
Тој посочи дека германската компанија „Костал“ којашто веќе трета година функционира во Република Македонија, ја надмина висината на инвестицијата, како и бројот на вработени предвидени во договорот за државна помош.
„Компанијата досега инвестирала 29 милиони евра, а во фабриката се вработени 350 луѓе. За истакнување е фактот дека просечната бруто плата изнесува повеќе од 730 евра или нето платата е 495 евра, што е близу до просекот којшто е амбиција на сите граѓани во Република Македонија“, истакна премиерот Заев.
На заедничкиот состанок, претставниците на „Костал’ потенцираа дека компанијата придонесува и за развој на туризмот во Охрид. Минатата година 716 од вкупниот број на ноќевања во Охрид биле гости на „Костал“.
Во исто време, тие го поздравија воведувањето на директна авионска линија Охрид – Дортмунд – Охрид, од јули годинава бидејќи централата на „Костал“ во Германија е оддалечена само половина час од Дортмунд. На тој начин, како што посочија од оваа успешна германска компанија, ќе се продлабочи меѓусебната соработка.
Истовремено од компанијата најавија и дополнителна инвестиција во проектот ОBC (On Board Charger), во висина од околу 10 милиони евра. Станува збор за најсофистициран производ во гамата на Костал наменет за електрични возила. Според бизнис планот на компанијата, 15 проценти од потребните репроматеријали во вредност од 45 милиони евра, се планира да бидат купени од домашни компании во Република Македонија и на тој начин ќе се овозможи зголемена соработка со локални добавувачи.
При посетата се разговараше за дополнителни мерки и чекори кои треба да се преземат за подобрување на инвестициската и бизнис клима и начини на дополнително зголемување на конкурентноста на македонската економија.
„Костал Груп“ е формирана во 1912 година и претставува семејна компанија со традиција од 4 генерации. Остварува деловни активности во 21 земја на 5 континенти. Ширум светот има над 20 илјади вработени и годишен обрт од 2,8 милијарди евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.

