Економија
Литар бензин наскоро во Германија би можел да чини 2,5 евра

Поради украинската криза, цените на горивата ширум светот постојано растат, како што е случајот во Германија, каде што возачите треба да платат повеќе од две евра за литар за бензин и дизел.
На бројни бензински пумпи цената на бензините веќе е над две евра. Така, на пример, во Минхен, на бензинската пумпа, типот на супер Е10 чини 2.129, а супер плус 2.259 евра за литар. Не се гледа крајот на поскапувањето на нафтените деривати, посочуваат експертите.
Економистот од Дизелдорф проф. Јустус Хаукап за „Билд“ изјави дека сегашната цена на нафтата на светскиот пазар од 140 долари не е крај на растот, туку ќе достигне 200 долари.
„А кога ќе порасне цената на суровата нафта, тогаш ќе порасне и цената на нафтените деривати на бензинските пумпи. На тој начин цената на бензинот ќе достигне 2,50 евра за литар“, прогнозира германскиот економист.
Дека веќе не може да се исклучи поскапувањето на горивото на 2,50 евра, посочува и Стивен Бок, основачот на страницата за споредба на цената на горивото на бензинските пумпи „clever-tanken.de“.
Експертот за социјални прашања ЦДУ Марк Бјадац во оваа насока бара намалување на ДДВ од 19 на седум отсто.
„ Патот до работа не смее да стане луксуз за милиони граѓани“, предупреди тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
СДСМ: Повисоки плати и пензии со заштеди од 200 милиони евра со ребалансот на Буџетот

Со ребалансот на Буџетот, утврден од страна на Владата предводена од СДСМ се кратат непродуктивни трошоци во висина од 200 милиони евра, кои ќе се пренаменат за надминување на последиците од светската економска криза. Средствата ќе бидат наменети за заштита на животниот стандард на граѓаните, особено ранливите категории, за финансиска поддршка на ликвидноста на компаниите и поголеми субвенции за земјоделците со цел зголемено производство на храна, се вели во соопштението од СДСМ.
Заштитата и унапредувањето на стандардот на граѓаните е врвен приоритет за Владата предводена од СДСМ.
Од партијата додаваат дека и во време на светска економска криза минималната плата ја зголемивме на 18.000 денари, а просечната плата се искачи на 31.080 денари што е реализација на клучното ветување за просечна плата од 500 евра.
За 15 отсто ќе се зголемат платите на вработените во образованието и детската заштита, а следува и раст на пензиите.
Максимално одговорно, посветено и ефикасно, СДСМ продолжува со реализација на мерки и политики кои го унапредуваат животниот стандард и во време на светска економска криза, обезбедуваат повеќе пари во семејните буџети, се вели во соопштението.
Економија
ВМРО-ДПМНЕ: Ребалансот е доказ за лошата политика на СДСМ, долгот ќе се зголемува, а проекти нема

Ребалансот е доказ за лошата политика на СДСМ, долгот ќе се зголемува, а проекти нема. Владата оди со ребаланс на буџетот, кој пред 6 месеци кога го креираа им беше идеален. Ребалансот кој го бара сега Ковачевски, е на буџетот кој самиот тој како заменик министер го креирал. Владата планира нови задолжување, а во изминативе 3 години не задолжи 2.4 милијарди евра, без ништо да изгради. Само за споредба, претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ за 10 години креираа долг од 2.8 милијарди евра, се ве4ли во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека со новите задолжувања овие две влади на СДСМ ќе бидат владите кои најмногу ја задолжиле Македонија, а немаат ништо направено.
Капиталните расходи во периодот јануари – април во 2022 година се само 100 милиони евра или 16,3%. Со вакво темпо, владата едвај ќе надмине 50% реализација на првично предвидените пари за капитални инвестиции.
Каде одат парите кои утре народот ќе треба да ги враќа? Што направија до сега? Одговорот на овие прашања е причина зошто мора да има предвремени парламентарни избори час поскоро, се вели во соопштението.
Економија
Шолц: Германија сака гас од Сенегал

Германија настојува да започне енергетски проекти со Сенегал, рече канцеларот Олаф Шолц за време на неговото прво патување во Африка во време кога војната во Украина исто така ги зголемува цените на енергијата и храната.
Шолц ја започна тридневната посета на Африка во Сенегал, земја со милијарди кубни метри резерви гас и се очекува да стане главен производител на гас во областа.
Германија се обидува да ја намали зависноста од рускиот гас поради инвазијата на Украина. Таа започна разговори со сенегалските власти за екстракција и втечнување на природен гас, рече Шолц.
„Ова е прашање што треба сериозно да се реши“, рече тој на прес-конференција со сенегалскиот претседател Меки Сал, додавајќи дека во интерес на двете земји е да се постигне напредок.
Шолц рече дека Германија е заинтересирана и за сенегалските проекти за обновлива енергија.
Сал рече дека Сенегал е подготвен да работи на снабдување на европскиот пазар со течен природен гас, ЛНГ. Тој предвидува дека Сенегал следната година ќе произведе 2,5 милиони тони, а до 2030 година 10 милиони тони.
Што се однесува до истражувањето на гасот, финансирањето на проектите и други прашања, Сал рече дека ќе земе се во предвид и дека е „подготвен да соработува со Германија во овој контекст“.
Германија ги покани Сенегал, кој моментално претседава со Африканската унија, и Јужноафриканската Република да бидат гости на самитот на Г7 што во јуни ќе се одржи во Германија.
Двете африкански земји се воздржаа од гласање за резолуцијата на ОН против рускиот напад врз Украина, кој Москва го нарекува специјална воена операција.
Како претседател на Африканската унија, Сал рече дека многу африкански земји не сакаат да изберат страна во војната, иако ја осудуваат инвазијата.
– Многу е јасно дека сакаме мир. Работиме на деескалација, прекин на огнот, дијалог – тоа е позицијата на Африка – рече тој.
Сал додаде дека во наредните недели ќе ги посети Москва и Киев.
Конфликтот во Украина, која е главен снабдувач на жито и храна, предизвика прекин на снабдувањето што ги зголеми цените на храната и енергијата во Африка.
– Му изразив голема загриженост на канцеларот Шолц за влијанието на војната – рече Сал и побара меѓународна помош за ублажување на последиците што ги трпи Африка, пренесуваат медиумите.