Економија
МЗШВ ја објави нацрт-верзијата на Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2021-2027 година

Од денесака на веб-страницата на Министерството за земјоделство и шумарство и водостопанство јавно е достапна нацрт-верзијата на Националната стратегија за земјоделство и рурален развој за периодот 2021-2027 година. Како што наведува МЗШВ, ова е главниот долгорочен стратешки документ на кој се базира поставувањето и спроведувањето на целите, политиките и мерките за развој на земјоделството и руралните средини.
„Согласно член 6 од Законот за земјоделство и рурален развој, националната стратегија се донесува заради долгорочно планирање на националната земјоделска политика во насока на остварувањето на законски дефинираните секторски развојни цели.
Национална стратегија за земјоделство и рурален развој за периодот 2021-2027 година го одразува континуитетот на државата за земјоделството поради неговото мултидимензионално значење и особено заради обезбедување одржливост на руралните средини. Како потврда е позитивниот нагорен тренд на издвојувања во земјоделството и руралниот развој кој продолжува и во периодот после 2020 година и покрај негативното влијание предизвикано од глобалната Ковид-19 пандемиска криза.
Стратегијата е трет по ред документ од овој тип кој на организиран и системски пристап ги дефинира политиките кои ќе се спроведуваат во претстојниот седумгодишен период, нудејќи одговори во справувањето со тековните и идни предизвици во производството на храната и управувањето со природните ресурси поврзани со земјоделството, како и генерално за животот во руралните средини.
Подготовката на стратегијата се базираше на широк институционален, аналитички и партиципативен процес. Со цел идентификување и проценка на приоритетните потреби за промени и подобрување на состојбата во секторот беше преземена сеопфатна аналитичка работа на ефектите и искуствата од спроведување на претходната национална стратегија, анализа на развојните трендови за период 2014-2020 година и моменталната состојба и SWOT-анализа“, соопшти МЗШВ.
Врз основа на наодите, биле дефинирани три стратешки и девет специфични цели – Подобрувањето на конкурентноста и одржливост на приходот на земјоделските стопанства, примената на еколошките практики во производството кои водат кон намалување на влијанието на климатските промени и прилагодување кон истите, како и обезбедување одржлив развој на руралните средини се генералните цели кон кои ќе се стреми секторот потпомогнат од страна на државата.
„Според член 3 од Законот за земјоделство и рурален развој, целите ќе бидат постигнати преку мерките и инструментите на националната земјоделска политика за директни плаќања, уредување и поддршка на пазарите на земјоделски производи и рурален развој. Дополнително, целите ќе се реализираат и преку политиките за одржливо управување со природните ресурси, за безбедност на храната, како и политиките за унапредување на знаењето и иновациите во земјоделството“, се додава во извештајот.
Во целиот процес на подготовка министерството извршило голем број консултации со учесниците во секторот пред сè организирани во рамките на постојаните потсекторски групи и други формални тела, со надлежни органи на државна управа, меѓународни институции и останати релевантни чинители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст
Економија
Муцунски: Владините политики за извоз даваат резултати – раст од 23,44 отсто во мај

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на социјалните мрежи сподели податоци за кои рече дека го потврдуваат ефектот од економските политики на Владата, при чија реализација значајна улога има и Министерството што го предводи. Статистиката покажува стабилни и позитивни трендови во извозот, дури и во услови на стагнација на европскиот пазар.
Според објавените податоци, македонскиот извоз во мај 2025 бележи раст од 23,44 проценти, додека за првите пет месеци од годината порастот изнесува 3,15 отсто. Во истиот период, увозот е зголемен за само 1 отсто, што упатува на стабилен трговски биланс и позитивно салдо.
„Податоците укажуваат на значително поголем извоз од увоз – што значи повеќе свеж капитал во државата, зајакната девизна позиција и дополнителен поттик за економски раст. Зголемениот извоз отвора нови работни места, го зајакнува домашното производство и ја зголемува конкурентноста на македонските производи“, напиша министерот Муцунски.