Економија
Милев: Владата се грижи за сите млади, подеднакво, мерката 250 евра ваучер за електронски уред е за сите студенти и на државните и на приватните универзитети

Филип Милев, претседател на УМС – Неготино, беше дел од трибината „Како политиките на ВМРО-ДПМНЕ ја подобрија положбата на младите во Македонија во првата година од владеење?“. Милев се осврна на реконструкцијата на студентските домови од страна на Владата, и напомена дека се работи на цела територија на Македонија, а не само во главниот град. Според него, Владата на ВМРО-ДПМНЕ се грижи за младите, со цел да им обезбеди подобри услови, особено во текот на нивното студирање, а во контекст на ова дополни и дека сите студенти, без разлика дали студираат на државен или приватен универзитет ќе бидат опфатени со мерката за 250 евра ваучер за електронски уред.
„Сега немаме празни зборови, и тоа може да го прогледаме низ чекорите кои ги презема сегашната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тука можеме да ги напоменеме, предвиденото комплетно реконструирање на студентски домови низ цела држава. Тоа се нешто над 18 милиони евра за комплетна реконструкција за државен студентски дом „Стив Наумов“, државен дом „Кузман Јосифовски Питу“, кое буквално беше едно празно ветување на претходната влада, не успеа за седум години буквално да закои една шајка“ кажа Милев.
Според него, Владата успеа за една година да постигне големи резултати во овој дел, а веќе следната година ќе се очекува студентските домови да ги отворат вратите за првите студенти по реконструкциите.
„Веќе следната академска година да дочекаме да тие да бидат отворени и да ги примат првите студенти. Тоа значи комплетно два нови студентски домови, комплетно реновирани со европски стандарди и европски услови. Тоа е нешто што државата може да му го понуди на студентот кој стварно сака да студира тука, да се гради и да се развива тука“, истакна Милев.
Милев додаде дека реконструкцијата нема да се одвива само во студентски домови во главниот град, туку и во другите градови, бидејќи се работи на подобрување на стандардите за млади на територија на целата држава подеднакво.
„Младите треба да се развиваат низ цела држава, а не само во Скопје. Тука се и Штип, како после Скопје може да го наречеме голем универзитетски град, како и Битола. Има предвидено изградба на нов медицински универзитет во Штип, исто во склоп на тоа е предвиден и студентски дом, со тоа што гледаме дека некој стварно се грижи за младите, и некој стварно работи за младите на територија на цела Македонија“, рече Милев.
Милев се осврна и на ваучерите кои Владата ги наменува за млади до 29 години, без разлика дали тоа се студенти на државните или приватните универзитети во земјава.
„Треба да се донеси некаде во октомври месец да почне со реализација и со користење на младите. Тоа е 250 евра ваучер за секој студент до 29 години. Предвидено е како ваучер за технолошко помагало, таблет или лаптоп, кои мислам дека и те како ќе придонесат за дополнително едуцирање на студентите и полесен пристап на информации“, заклучи Милев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Славески со ИФЦ: соработка за унапредување на дигиталните финансии и финансиската вклученост

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, ја оствари својата прва средба со претставникот на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) во земјава, Висар Перани. На средбата се разговараше за можностите за соработка меѓу Народната банка и ИФЦ во повеќе области, вклучително и во рамките на проектот на ИФЦ насочен кон унапредување на дигиталните финансиски услуги и поттикнување на финансиската вклученост во регионот.
Проектот се спроведува во контекст на стратегиските определби на ИФЦ за создавање напреден и одржлив дигитален финансиски екосистем, заради поддршка на иновациите, градење капацитети кај давателите на финансиските услуги и за развој на конкурентна и сеопфатна околина.
Во текот на разговорот, беше истакната важната улога на Народната банка во дигиталната трансформација на финансискиот систем преку современа регулатива и активности што ја поттикнуваат иновацијата. Посебен акцент беше ставен на новата правна рамка во платежната сфера, којашто овозможи отворање на пазарот за нови даватели на услуги и поттикнување на финтек-иновациите.
Гувернерот Славески ја нагласи подготвеноста на Народната банка за унапредување на соработката со ИФЦ, особено во делот на поддршката за давателите на платежните услуги во натамошната интеграција со платните системи на Европската Унија, по членството во СЕПА, како и во развојот на инстант плаќањата и подготовката на новата среднорочна стратегија за развој на платниот систем.
Претставниците на ИФЦ го нагласија значењето на усогласувањето на регулативните рамки со меѓународните стандарди и поттикнувањето партнерства помеѓу банките, финтек-фирмите и приватниот сектор.
Средбата претставува важен чекор кон унапредувањето на партнерските односи меѓу Народната банка и ИФЦ, заради зајакнување на финансискиот екосистем и промовирање на финансиската вклученост, велат од НБРМ.
Економија
Дурмиши за новата потрошувачка кошничка: ќе служи за градење политики поврзани со минималната плата и ќе се усогласи со европските стандарди

На четвртата седница на Економско-социјалниот совет, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши ја истакна важноста од повторното активирање на трипартитниот дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, кој претставува суштински механизам за социјална кохезија и економски напредок. Тој ги поздрави новите претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати, со што, како што рече, се враќа легитимитетот на Советот.
Министерот информираше дека е успешно завршена постапката за утврдување на репрезентативноста на синдикатите – прашање што подолг период го блокираше нормалното функционирање на ЕСС. Воедно, се предложени измени на Законот за работни односи, со кои прагот за репрезентативност се намалува од 10 на 5 проценти, со цел да се поттикне поинклузивен и плуралистички социјален дијалог.
Дурмиши го претстави и процесот за изработка на нова, официјална методологија за пресметка на потрошувачката кошничка, заснована на проверливи и релевантни податоци од Анкетата за потрошувачка на домаќинства, спроведена од Државниот завод за статистика. Новата кошничка ќе служи како основа за градење политики поврзани со минималната плата и социјалните трансфери и ќе биде усогласена со европските стандарди.
Економија
Трипуновски: Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм

Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„На состанокот се договорија откупните цени по класи за пиперката. За прва класа откупната цена на пиперката изнесува 45 денари, за прва-втора класа е 35 денари, за втора класа откупната цена изнесува 20 денари, а за трета класа откупната цена ќе биде 15 денари”, појасни министерот.
Тој посочи дека тоа се почетните цени со кои што ќе започне откупот на пиперката за реколтата 2025 година.
„Пиперката во Македонија се одгледува во два региони – струмичкиот и прилепскиот регион. Бербата треба да биде во договорен период за да не се соочиме со зголемена количина на берба на пиперка во текот на денот и да имаме застој во откупот”, додаде министерот Трипуновски.
Министерот истакна дека оваа година откупните цени за пиперката се зголемени во однос на минатата година.
„Текот на откупот ќе го следиме преку Државниот инспекторат за земјоделство. Како Министерство стоиме на располагање, а трендот на зголемување на земјоделското производство треба да продолжи и понатаму”, посочи тој.