Економија
„Министерке, сте пазареле ли деновиве, зејтинот е поскап од октомври“ – според Митрески, владините мерки се за мачкање очи

Пратеникот на СДСМ Јован Митрески на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања упати прашања до министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, поврзано со егзистенцијата на граѓаните, зголемувањето на трошоците за живот, како и зошто не сака да го прифати предлогот за укинување на ДДВ на храна.
Mитрески рече дека обезбедувањето на потрошувачката кошница со основните прехранбени производи, од во ден во ден станува луксуз. Од друга страна, според него, наместо мерки за реално пониски цени на прехранбените производи, Владата донела мерки за мачкање очи, кои ги нарече чист популизам.
„Се донесоа две потрошувачки кошнички, есенска и сега новогодишна. Помпезно ги најавивте и двете … со ПР кампањи во маркетите. Ама цените не се намалија. И да потенцирам, и двете мерки ги донесовте на ист начин. Прво им оставивте простор на трговците да ги зголемат цените, па потоа мерките стапија во сила. Се прашувам, дали Вие министерке и вашиот премиер Мицковски, сте свесни дека на овој начин им овозможивте на трговците да се богатат на грбот на граѓаните. Вие си поигрувате со егзистенцијата на граѓаните! Многу е проста проверката на ефектите на терен и многу е јасно за кого биле мерките. За граѓаните, сигурно не. После првата есенската кошничка, голем дел од цените не се намалија, некои се намалија минимално, а за некои производи цените дури и се зголемија. И статистиката го регистрираше тоа, раст на инфлацијата во месец ноември од 4,3%, и раст на цените на мало од 4 отсто“, рече Митрески.
Со втората, новогодишната кошничка, како што рече, направена е нова класична измама за граѓаните.
„Дозволивте трговците да ги покачат цените па сега наводно да ги намалуваат. Без притоа да има механизам за контрола и казна.
Вие класично манипулирате и ги потценувате граѓаните, за да го прикрете вистинскиот проблем за кој оигледно немате решение, а тоа е покачувањето на цените на производите“, додаде.
Митрески ја праша министерката дали била да пазари во продавница или маркет овие денови и дали е запознаена дека повторно има иста ситуација како со есенската кошничка. Дел од производите се намалени по денар, или по два, три денара, дел воопшто не се намалени, а цените на некои производи дури и се зголемени.
„Еве јас синоќа бев во еден маркет. Цената на зејтинот, од различни компании, за 1 литар се движи од 92 до дури 98 денари. А на први октомври цената била 83 денари. Каква мерка, какво намалување, зголемување има. Мешано сирење 459 денари, иста цена, непроменета. Кај кравјото сирење, има намалување од замислете само 5 денари и сега се продава по цена од 398 денари за килограм. Јогуртот со 3,2% масленост се покачи цената минатиот месец сега се намали и дојде исто и во овој маркет се продаваше за 69 денари а во некои маркети и над 72 денари се продава. Значи, тоа е реалноста за измамата којашто граѓаните ја гледаат секој ден во продавниците“, рече Митрески.
Тој заклучи дека со овие цени, кошничките на граѓаните за новогодишните празници ќе останат празни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Божиновска од Атина: Балканот мора да гради заедничка енергетска иднина

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес учествуваше на 9. Балкански Енергетски Самит што се одржува во Атина, под покровителство на Министерството за животна средина и енергија на Грција, Министерството за енергетика на Унгарија и Регулаторната комисија за енергетика на Северна Македонија.
Божиновска беше дел од отворањето на самитот и министерскиот панел посветен на зајакнување на стратешката енергетска соработка на Балканот, заедно со министри и регулатори од целиот регион. Во фокусот на дискусијата беа регионалната енергетска безбедност, забрзаната транзиција кон чисти извори на енергија и заедничкиот одговор на глобалните предизвици.
„Регионалната соработка за нас не е избор, туку стратешка нужност. Денес, повеќе од кога било, Балканот треба да биде обединет во обезбедувањето сигурна, одржлива и зелена енергетска иднина“, порача министерката Божиновска.
Таа нагласи дека Северна Македонија, иако мала по големина, е посветен и активен играч на регионалната енергетска сцена, преземајќи конкретни чекори кон либерализација на пазарот на електрична енергија, масовни инвестиции во обновливи извори и модернизација на енергетската инфраструктура.
„Веќе инвестираме во нови фотоволтаични електрани, го прошируваме ветерниот парк Богданци и ја градиме енергетската мрежа на иднината – со паметни технологии, подобрена ефикасност и поврзување со соседните земји. Само така можеме да создадеме вистински функционален регионален пазар“, истакна Божиновска.
Министерката посочи дека клучот за енергетска безбедност е комбинација од државни инвестиции во базични капацитети и активно вклучување на приватниот сектор. Според неа, Северна Македонија веќе бележи голем интерес од приватни инвеститори за изградба на ветерни и соларни капацитети, со вкупно поднесени барања за приклучување од 9.500 MW.
„Нашата стратегија е јасна: државата обезбедува сигурност, приватниот сектор носи иновации и дополнителна сила за зелената транзиција“, додаде Божиновска.
Во своето обраќање, министерката го најави и новиот Закон за енергетика, кој е во парламентарна процедура, а кој треба да создаде уште посилна основа за инвестиции во обновливи извори и модернизација на енергетскиот сектор.
Божиновска упати јасна порака дека енергијата денес е многу повеќе од ресурс – таа е темел за економски раст, енергетска независност и отпорност на глобалните предизвици.
„Енергијата е основата на иднината што сакаме да ја изградиме. Отворени сме за нови партнерства, за споделување знаење и заедничко креирање на регион кој ќе биде пример за Европа“, заклучи министерката Божиновска.
Балканскиот Енергетски Самит годинава обединува над 40 говорници, меѓу кои министри, регулатори и водечки енергетски компании, и се наметнува како клучна платформа за отворање на нови стратешки партнерства и инвестиции во енергетскиот сектор на Балканот.
Економија
Ангеловска-Бежоска ‒ Ханиг: Народната банка презема мерки за поттикнување на зелените финансии

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во Вашингтон оствари средба со извршниот директор на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), Алфред Ханиг, на којашто се разговараше за залагањата на Народната банка за олеснување на пристапот до финансиските услуги коишто ќе обезбедат премин кон еколошки одржлива економија.
На средбата акцентот беше ставен на идните развојни политики за зелена финансиска вклученост, чијашто цел е да се поттикне приватниот сектор да понуди услуги и да преземе активности коишто се насочени кон градење отпорност на потенцијалните ефекти од промените на климата.
Гувернерката во разговорот истакна дека Народната банка воспостави стратегиски пристап кон зелените финансии преку подготовка на првата Стратегија за поттикнување на зелените финансии, којашто вклучува повеќе активности за намалување на климатските ризици и поддршка на одржливиот развој. Таа посочи дека овој пристап ја потврдува определбата за систематска и долгорочна интеграција на климатските фактори во финансиската стабилност и политиките на централното банкарство.
„Промените коишто ги иницираме имаат за цел не само да ја унапредат отпорноста на банкарскиот систем, туку и да обезбедат поддршка за економијата во процесот на декарбонизација и енергетска ефикасност“, посочи Ангеловска-Бежоска. Таа наведе дека заради транспарентност, Народната банка воведе регулативни барања поврзани со објавувањето податоци за зелените кредити и за изложеноста на банките на климатски ризици, со што се поставува основа за редовно информирање на јавноста за придвижувањето на финансискиот сектор кон зелени практики.
„Како дел од нашите заложби, го објавивме и првиот преглед на зелени финансии – сеопфатен документ што ги опфаќа статистичките податоци и показателите за животната средина, енергетиката, климатските ризици и зелените финансии. Покрај ова, преку активно учество во Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем (НГФС), експерти од Народната банка учествуваа во изработката на Водичот за обелоденување на ризиците и можностите поврзани со климатските промени за централните банки, што претставува важен чекор кон градење светска регулативна рамка во оваа сфера“, истакна Ангеловска-Бежоска.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,40 % во однос на одлуката од 22.04.2025 година.
Од 29.4.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 37,155 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,375 ден/кг и сега ќе изнесува 37,155 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,713%, кај дизелот за 1,399%, кај екстра лесното масло за 1,293% и кај мазутот зголемувањето е за 1,959%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3526%.