Економија
Министерство за земјоделство: На 20-ти мај истекува рокот за аплицирање за набавка на трактор

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информира дека истекува рокот на јавниот повик за користење на средства за набавка на трактор. Од таму ги повикуваат заинтересираните лица кои не аплицирале дека имаат време до 20-ти Мај. Максималната вредност која секој корисник може да ја добие е до 3.500.000 денари. Парите се доделуваат за период на реализација на деловниот план и се исплаќаат на годишно ниво.
Целта, како што појаснуваат од министерството е што повеќе земјоделци да ги искористат овие средства, особено сега, кога, како што велат, се наоѓаме во светска економска криза.
Право на користење на средства имаат земјоделските стопанства кои се запишани во Единствениот регистар на земјоделските стопанства во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство согласно Законот за земјоделство и рурален развој.
Барателите кои биле корисници на финансиска поддршка за набавка трактори преку ИПАРД Програмата и Националните програми за финансиска поддршка на руралниот развој за претходните пет години, не се прифатливи како корисници на оваа мерка.
Јавниот повик се однесува само за инвестиции во набавка на трактори, додека набавка на приклучна земјоделска механизација не е прифатлив трошок во овој јавен повик.
Упатството за регистрација на барателите во системот за електронско поднесување на барање може да се превземе на почетната страна e-baranje.ipardpa.gov.mk. Упатството за корисници за поединечна мерка може да се преземе по започнување на креирање на барање за мерката.
Електронски пополнетите барања за финансиска поддршка потребно е да се превземе, испринта и потпише и заедно со целокупната пропратна документација да се достави до Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во затворен коверт на кој на предната страна во горниот лев агол стои Барање за финансиска поддршка и Архивски број на Барањето (0322-12116-ХХХХ/1).
Ова се критериумите кои треба да ги исполнуваат барателите:
– минимум производствен капацитет од 2 ха за производство на различни земјоделски култури или на една земјоделска култура и
– минимум 0,5 ха за производствен капацитет на зеленчук на отворено и
– минимум 0,5 ха за производствен капацитет тутун
Парите наменети за инвестиции за набавка на трактор се дел од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2022 година.
На последниот повик во декември 2020 година беа доделени 540 трактори. Врз основа на ова, оние кои што веќе искористиле средства од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство немаат право повторно да аплициаат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Свечено отворање на новата поставка во Музејот на Народната банка посветена на културното наследство претставено на македонските банкноти

Денеска во Музејот на Народната банка свечено ќе биде отворена изложбата В/редности и вредности, којашто е кураторски обид за селекција, презентација и толкување на културното наследство, претставено на тековното издание на македонските книжни пари, од 1996 година до денес. Изложбата е организирана како дел од активностите со коишто Народната банка ја одбележува 30-годишнината на македонската монетарна самостојност и воведувањето на денарот како национално платежно средство.
Поставката, преку осум микроцелини, секоја посветена на засебна банкнота, го опишува и го толкува културно-историското наследство употребено како предлошка за создавање на нивниот дизајн. Поставката ги вклучува охридската Изида, златниот накит на лихнидските дами, виничката икона, боите на Шарената џамија, македонскиот афион, односно археолошкото, уметничкото, архитектонското и природното наследство на овдешните простори.
Изложбата е поддржана од страна на седум македонски музеи, коишто обезбедувајќи пристап до артефактите, овозможија да бидат претставени пред пошироката јавност како обележја на македонските пари.
На свеченото отворање ќе се обратат гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, академик Абдулменаф Беџети и професорот на Архитектонскиот факултет, Митко Хаџи-Пуља.
Изложбата ќе биде отворена за јавноста од утре, 8 јули, и ќе биде достапна за посетителите следните шест месеци, секој работен ден од 9 до 15 часот. Влезот е бесплатен.
Економија
Лајен: Европа мора да се подготви за целосно прекинување на испораките на руски гас

Европската Унија мора да се подготви за потенцијално целосно суспендирање на испораките на руски гас, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Ова е причината поради која Комисијата работи на вонреден европски план. Во текот на јули ќе го претставиме тој план и потребните инструменти за негова имплементација“, изјави Лајен на седницата на Европскиот парламент во Стразбур.
Таа ја обвини Русија дека ја користи енергијата како оружје, истакнувајќи дека сега 12 земји од Европската Унија се директно погодени од делумно или целосно исклучување на рускиот гас, пренесува „Спутник“.
Шефицата на Европската комисија изјави дека земјите членки на Европската Унија имаат свои национални програми за вонредни состојби, но неопходна е и поширока европска соработка и заеднички акции на сите 27 земји членки.
„Мораме да бидеме сигурни дека во случај на целосно исклучување, гасот ќе продолжи да стигнува онаму каде што е најпотребно. Мораме да бидеме сигурни дека можеме да се потпреме на европската солидарност. И мораме да го заштитиме единствениот пазар, како и индустрискиот синџир на снабдување“, рече Лајен.
Таа исто така истакна дека Европската Унија ја намалила својата зависност од руските енергетски извори.
„Се оддалечуваме од Русија за да се свртиме кон сигурни извори, кои влеваат доверба“, рече таа, наведувајќи дека од март увозот на енергетски производи во Европската Унија од различни земји, со исклучок на Русија, е зголемен за 75 проценти во споредба со претходната година.
Според неа, увозот на течен природен гас од САД во ЕУ е речиси тројно зголемен, додека увозот на гас од Русија е намален за една третина во однос на минатата година.
Економија
Цената на горивата не се менува, се намалува само цената на мазутот

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,40% во однос на одлуката од 4.07.2022 година. Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,40% во однос на одлуката од 4.7.2022 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,501%, кај дизелот за 1,699%, кај екстра лесното масло за 2,028% и кај мазутот за 2,898%.
Малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98, како и на еуродизел (Д-Е V) и на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 1,078 ден/кг и ќе изнесува 52,649 ден/кг.
Од 7.7.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин еуросупер БС – 95 108,50 (денари/литар)
Моторен бензин еуросупер БС – 98 110,50 (денари/литар)
Дизел гориво еуродизел БС (Д-Е V) 103,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 102,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 2,649 (денари/килограм)
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,412%.