Економија
Мицевски: Со ребалансот се кратат 53 милиони евра за капитални инвестиции поради неспособноста да се реализираат

Министерката за финансии, Нина Ангеловска, ни образложуваше ребаланс во кој не учествувала во неговото креирање, туку имаше улога на портпарол на Зоран Заев.
Ребалансот на буџетот за 2019 година ја покажува неефикасноста на институциите водени од Владата предводена од Заев и СДСМ, рече Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Кратењето средства за капитални инвестиции очигледно е главната одлика на владеењето на СДСМ. Па, така, со овој ребаланс се кратат 53 милиони евра за капитални инвестиции поради неспособноста и неефикасноста да се реализираат.
Ова е доказ дека власта нема капацитет да ги води инвестициите и да инвестира средства во капитални проекти, како што се градинки, болници, студентски домови, железница, водоснабдување и други проекти, туку парите ги распределува во популистички мерки, кои имаат цел да манипулираат со гласачкото тело во предизборна година. Како главна потврда на неспособноста и неефикасноста на институциите предводени од оваа Влада е реализацијата на капиталните инвестиции, кои заклучно со август 2019 година се едвај 28,2 отсто од планираните.
Од процентот прибрани средства во буџетот по основ на даноци можеме да заклучиме дека разликата е доказ дека сивата економија е длабоко вкоренета. По само 8 месеци од донесувањето на буџетот за 2019 година, потфрлањето изнесува 166 милиони евра, што до крајот на годината со ова темпо може да изнесува 250 милиони евра. Ова повторно е потврда за неефикасноста и неспособноста на институциите предводени од СДСМ.
Со ребалансот веќе трета година по ред Владата крати средства од Министерството за образование и наука. Оваа година средствата за инвестиции во образованието се скратени за 218 милиони денари. Овие средства се скратени од изградба на основни и средни училишта, реконструкција на средни училишта, реконструкција на ученички домови и најголемото кратење – за изградба и реконструкција на студентски домови. Неинвестирањето во образованието дополнително носи пад на продуктивноста на македонската економија.
Падот на продуктивноста во економијата во првиот квартал од 2019 година е 13 отсто во однос на четвртиот квартал од 2018 година, што значи дека додадената вредност од работниците се намалува.
Загрижувачки е трендот на опаѓање на најбрзорастечката индустрија, односно информации и комуникации. Имено, овој сектор бележи опаѓање од првиот квартал на 2018 наваму, и тоа: 10 отсто пад во првиот квартал од 2018 година, 3 отсто во вториот квартал од 2018 година, 2 отсто во третиот квартал од 2018 година, 13 отсто во четвртиот квартал од 2018 година, речиси 1 отсто пад во првиот квартал од 2019 година и 4,6 отсто во вториот квартал. Во текот на годините овој сектор растел со 4,8 отсто во 2013 година, 3,4 отсто во 2014 година, 13,4 отсто во 2015 година, 7,2 отсто во 2016 година и 13,9 отсто во 2017 година.
За жал, неспособноста и неефикасноста на Владата на Зоран Заев се одразува врз привлекувањето странски директни инвестиции, па, така, во првата половина од 2019 година се 55,63 милини евра, што претставува најнизок износ во последната деценија.
На крајот можеме да заклучиме дека, за жал, и од овој ребаланс економската година што ја најавуваше Зоран Заев е една голема лага и дека проектите што им беа ветувани на граѓаните пред изборите не се способни и немаат капацитет да ги реализираат. Исто така, СДСМ по кој пат досега покажа дека интересите и секојдневните проблеми на граѓаните не се нивен приоритет“, рече Мицевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши од Струга: Инвестираме 40 милиони евра за граѓаните да останат и напредуваат дома

Денеска во Струга, Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување ја одржаа јавната презентација на Оперативниот план за вработување 2025. Настанот привлече голем интерес кај граѓаните, бизнисите и локалните институции, а главниот фокус беше ставен на мерките што директно ја засилуваат вработеноста и ја стимулираат економијата.
На презентацијата присуствуваше и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кој порача дека Владата вложува во граѓаните – нивните идеи, капацитети и амбиции.
„Не нудиме празни ветувања, туку конкретни мерки, средства и поддршка. Оперативниот план е алатка за секој кој сака да започне, да се дообучи или да се вработи. Целта е јасна – да создадеме можности тука, дома“, истакна министерот Дурмиши.
Планот за 2025 година предвидува инвестиција од 40 милиони евра, насочена кон повеќе од 10.000 граѓани, а oд Министерството велат дек досегашниот одѕив покажува дека мерките веќе го даваат посакуваниот ефект.
Мерката за практикантство обезбедува вклучување на 1.352 млади лица до 29 години, од кои 40 преку онлајн практикантство. Секој учесник ќе добива месечен надомест од 12.000 денари во период од три месеци.
„Субвенционираното вработување за микро, мали и средни претпријатија веќе има над 2.000 апликации – доказ за високиот интерес на приватниот сектор да учествува во креирање нови работни места“, велат од Министерството.
Се додава и дека финансиската поддршка за започнување сопствен бизнис е успешно затворена со над 6.000 апликации, а во тек е селекцијата на корисниците, додека мерката 3.1 – Обука кај познат работодавач и понатаму останува една од најефикасните алатки за вработување.
„Овие бројки не се само статистика – зад секоја апликација стои приказна, надеж и одлука да се направи чекор напред. Нашата задача е да ја поддржиме таа одлука со реални алатки“, додаде министерот Дурмиши.
Настанот во Струга е дел од поширока теренска кампања, со која Министерството и Агенцијата за вработување ги претставуваат мерките директно пред граѓаните. Следуваат презентации во Гостивар, Кичево, Сарај, Липково и други општини со висока стапка на невработеност.
Економија
Франција го казни „Шеин“ со 40 милиони евра за лажни попусти

Франција го казни кинескиот онлајн-продавач на облека „Шеин“ со 40 милиони евра за заведување на клиентите со тврдења за попусти.
Од 1 октомври 2022 година до 31 август DGCCRF анализира наводно намалени цени за илјадници производи на француската веб-страница на „Шеин“.
Истрагата откри дека некои цени на платформата биле зголемени непосредно пред попустите или не ги вклучувале претходните попусти, објави регулаторот. Цените на повеќе од половина од анализираните производи, 57 проценти, воопшто не биле намалени, откри DGCCRF, а речиси една петтина од попустите биле помали од рекламираните.
Во 11 проценти од случаите цената била уште повисока, објави DGCCRF. „Шеин“ исто така не успеа да достави докази на својата веб-страница за да ги поткрепи своите тврдења за еколошки свесно работење, како што е намалувањето на емисиите на стакленички гасови за 25 проценти.
(Фото: ЕПА)
Економија
(Видео) Николовски: Власта удри по земјоделците, крати 478 милиони денари во ребалансот

Власта предлага антинароден и расипнички ребаланс на буџетот, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците. Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз, обвини пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој додаде дека во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака, власта им го завртува грбот. Наместо поддршка, рече Николовски, добиваат игнорирање.
„Спротивно на оваа антинародна политика, СДСМ останува цврсто на страната на земјоделците. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство“, рече тој.
Николовски додаде дека СДСМ предлага враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024; интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед; поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне и итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.
Николовски кажа дека СДСМ и во време на ковид пандемија и војна во Украина не кратела од земјоделците туку напротив, интервенирала со дополнителни субвенции, закони и програми.
„Апелираме до Владата: наместо да уриваат што е создадено, продолжете ги добрите практики кои функционираа. Не ги оставате земјоделците сами, не им кратете од она што им припаѓа! Земјоделството не смее да биде жртва на вашата расипничка политика“, рече Николовски.