Економија
Мицкоски: За 5 години, Владата на СДСM го зголеми јавниот долг за 2.916 милијарди евра

„Во периодот од 1 јануари 2018 година до 31 декември 2022 година, за пет години, Владата на СДСМ го зголеми јавниот долг од 4.787 милијарди евра на 7.703 милијарди евра, или за 2.916 милијарди евра, а државниот долг за истиот период е зголемен од 3.958 милијарди евра на 6.581 милијарди евра, или за 2.623 милијарди евра“, објави на „Фејсбук“ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој смета дека „зголемувањето на јавниот и на државниот долг во последните пет години е поголемо од зголемувањето на јавниот и на државниот долг за периодот од претходните четиринаесет години, од 1 јануари 2003 година до 31 декември 2016 година“.
„За пет години, успеаја да го зголемат јавниот и државниот долг повеќе отколку претходните влади за четиринаесет години.
Криминал и корупција. Тендери во четири очи. Пљачка и лаги. Потребни се избори за Македонија да почне да победува. Потребни се избори за крај на политичките криминалци и измамници“, пишува Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
(Видео) Бектеши најави дека утре ќе поевтини тоалетната хартија, во текот на неделата и овошјето и зеленчукот

Министерот за економија, Крешник Бектеши, истакна дека, најверојатно, утре, на владина седница, ќе се донесе одлука за замрзнување на цените на хигиенските производи, а во текот на оваа недела ќе бидат замрзнати и цените на дел од овошјето и зеленчукот.
„Нема да чекаме несоодветно работење на одредени комисии во Собранието. Со одлука на Владата ќе ги намалиме цените на лепеза хигиенски производи на истиот начин како што тоа го сторивме и кај цените на прехранбените производи до одреден датум, но датумот до кога ќе трае замрзнувањето ќе се дознае утре“, појасни Бектеши по посетата на скопски маркет во населбата Тафталиџе заедно со премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.
Во врска со цените на овошјето и зеленчукот, министерот за економија нагласи дека вчера ги добил анализите од Министерството за земјоделство.
„Денеска мојот тим работи, најверојатно цените на повеќе од пет-шест производи ќе бидат замрзнати во текот на оваа недела. Ги чекаме и анализите од Царинската управа за увозните цени на трговците за да видиме колку е разликата во делот на маржите“, нагласи Бектеши.
Економија
(Видео) Премиерот ќе прави палачинки, на јавно пазарење си купи јајца, брашно, млеко

Премиерот Димитар Ковачевски во друштво со министерот за економија Крешник Бектеши на ново пазарење во скопски маркет.
Пред камерите Ковачевски потроши 474 денари и си купи јајца, млеко, масло и брашно.
„Сега ќе земам брашно и палачинки ќе направиме“, се пошегува Ковачевски со Бектеши.
Како со минимални месечни примања ќе се издржи месецот го праша пензионерка премиерот, на што тој одговори, дека Владата досега неколкукратно направила зголемување на пензиите и најави ново зголемување на пензиите од септември.
„За мене е јасно дека трошоците за живот се зголемија поради војната во Украина, и заради тоа Владата донесе низа на антикризни мерки. Ова е време на солидарност а не време на екстра богатење“, порача Ковачевски.
Истакна дека се почитува владината одлука за замрзнување на цените во маркетите и најави дека мерката ќе остане до крајот на април со тенденција слични мерки да се однесат и за други прозводи.
Ковачевски, заедно со Бектеши и Трајковски, пред десетина дена посетија супер маркет во Капиштец, со цел да проверат дали се почитува владината одлука за замрзнување на цените на тестенините и млечните производи.
Владата на 21 март, ја замрзна цената на јајцата и оризот и го ограничи извозот на јајцата. Највисоките цени на оризот и јајцата останаа на нивото од 15-ти овој месец и ќе важат до 30 април. Претходно Владата ја замрзна и цената на белиот леб и на полубелиот леб од 450 грама на 33 денари, а Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство веќе достави анализи до Министерството за економија и за цените на овошјето и зеленчукот.
Економија
Вицегувернерот Бајрами: Еврото има длабоко влијание и надвор од границите на ЕУ

„Сè поголемата меѓународна улога на еврото, вклучувајќи го и неговиот голем придонес за поголема трговска и финансиска интеграција, се чувствува во еврозоната и Европската Унија, но и надвор од границите на ЕУ“, пишува вицегувернерот Фадил Бајрами во својот осврт за значењето на европската единствена валута во магазинот „Дипломатски летопис“.
Во текстот вицегувернерот дава широк приказ од раѓањето на еврото до очекувањата за неговата иднина. Тој се осврнува и на проектот за дигиталното евро, кој е стратегиски важен за еврозоната и има потенцијал да го зајакне финансискиот и монетарниот суверенитет и да го подобри функционирањето на еврозоната. Бајрами истакнува дека тоа ќе биде привлечно средство за плаќање, кое ќе ги поддржи иновациите во дигитализираната економија, ќе ја надополни готовината, но нема да ја замени.
„ЕУ и натаму работи на зајакнување на меѓународната улога на еврото и на нејзиното приспособување кон новите предизвици, вклучително и брзата дигитализација на економијата и развојот на виртуелните валути, така што во јули 2021 година Управниот совет на ЕЦБ го потврди почнувањето на двегодишната фаза на истражување на проектот за дигиталното евро, која има цел да ги испита можностите за издавање дигитално евро и да ги одговори клучните прашања: како би изгледало дигиталното евро; за што би се користело; и кога би било достапно. Врз основа на наодите од истражувањето се очекува дека во 2023 година ќе се донесе одлука дали проектот ќе премине во фаза на спроведување. Доколку се донесе успешен заклучок и спроведувањето се одобри, ќе се донесе одлука за издавање дигитално евро, што би било достапно за корисниците до крајот на 2025 година или на почетокот на 2026 година“, пишува Бајрами.