Економија
Мицкоски најави поскапување на струјата до 18 проценти

Очекувањата се дека на 1 јули цената на електричната енергија ќе поскапи за минимум од 15% до 18%, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, додавајќи дека единствен спас за да не се случи тоа е предлогот што го дава неговата партија, а тоа е намалување на ДДВ-то на сметките што ги добиваат граѓаните.
„Оние 62% кои остануваат во најголем дел се цената за струјата што досега ја обезбедуваше ЕСМ, или поранешно ЕЛЕМ, по цена од 38,5 евра за мегават час. Таквата цена доведе компанијата што на времето имаше 1,5 милијарда евра депозити и 350.000 на сметка и нула долгови, во 2020 да заврши со загуба од 1 милијарда и 33 милиони денари или речиси 17 милиони евра. Како резултат на тоа, доведена е во прашање ликвидноста на компанијата, засилена со грабежот што се случува таму. ЕЛЕМ ќе понуди цена на електрична енергија која се очекува да биде помеѓу 55 и 58 евра за мегават час. Тоа ќе биде 70% од потребите на ЕВН ХОМЕ, односно од потрошувачите кои добиваат сметки од ЕВН. Останатите 30% ќе биде цената што ќе ја понудат трговците, а таа во моментов на берзите изнесува околу 70 евра. Кога сето ова ќе се сведе на вкупна цена, очекуваме дека граѓаните ќе плаќаат најмалку 18% поскапа цена“, појасни Мицкоски.
Токму поради ова, додаде Мицкоски, неговата партија излегла со предлог за намалување на ДДВ-то на сметките за електрична енергија од 18% на 5%, кој, според него, Регулаторна комисија сакала да си го присвои како свој предлог.
„В ред, нека е нивен, но нека поднесат предлог за намалување на данокот и на тој начин ќе ги заштитат граѓаните и нивните сметки. Државата ќе се откаже од 90 до 100 милиони евра на сметка на граѓаните. Доколку Бислимоски не го поднесе предлогот, ќе го сметаме за соучесник во грабежот и осиромашување на овој народ и ќе се соочи со гнев и протести сè до негова оставка бидејќи тој е најодговорен“, нагласи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ковачевски: Со повратот на ДДВ кон стопанството ги поддржуваме конкурентноста и ликвидноста на компаниите

Премиерот Димитар Ковачевски и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, денеска беа во посета на компанијата „Виталија“, која како голем даночен обврзник значајно придонесува во буџетот на државата преку плаќање придонеси и даноци по сите основи.
Премиерот Ковачевски посочи дека ваквите компании имаат значајно влијание на растот и развојот на економијата во земјата.
„Владата креира позитивни политики и затоа успеавме да постигнеме ефикасност на плаќање данок кон државата. Како Влада се залагаме за поедноставни процедури сè со цел да изградиме силен и нераскинлив однос со нашите партнери, компаниите. Повратот на ДДВ за 2022 година изнесува над 727 милиона евра, така што дополнително ги поддржуваме ликвидноста и конкурентноста на компаниите. Многу важно е дека го зголемивме и повратот на ДДВ за граѓаните, и тоа од 1.800 денари на 2.100 денари за тримесечје“, изјави премиерот Ковачевски.
Директорката на Управата за јавни приходи, Лукаревска, посочи дека компаниите како „Виталија“, кои се дисциплинирани даночни обврзнициј се партнер на Владата во заедничко креирање политики.
„Така заедно придонесуваме кон подобра деловна клима, заедно се бориме против сивата економија и заедно создаваме имиџ за меѓусебна доверба и поврзаност.
Верувам дека за менаџерите во претходните специфични години беше предизвик да ги задржат работните места, но и да обезбедат пласман на производите и затоа од исклучителна важност е заедно, домаќински, да придонесеме за побрзо надминување на предизвиците“, истакна Лукаревска.
Економија
Ковачевски: Речиси 200 компании ќе плаќаат данок на солидарност

Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека речиси 200 компании, кои оствариле над 10 милиони евра профит, ќе бидат опфатени со т.н. данок на солидарност. Тој додаде дека вакво законско решение имаат и земјите членки во ЕУ, но и во регионот.
Како што објасни, сумата што се предвидува да се добие од овој придонес е 80 милиони евра.
Законското решение е веќе во собраниска процедура, а Ковачевски очекува да биде поддржано од пратениците. Тој воедно не смета, како што изјави, дека ќе има какво било затајување на овој солидарен данок зашто се работи за респектабилни компании, етаблирани на домашниот пазар.
„Законското решение се однесува на екстра профитот. Добивката од последната година се споредува со просекот од изминатите години и оној дел што е повисок за 20 проценти се даночи со стапка од 30 отсто. Сите компании опфатени во делот на законските одредби нормално дека во своите даночни биланси на крајот на пресметковниот период треба да го прикажат и овој данок. Не би елаборирал компании одделно по индустрии зашто законот е многу јасен“, рече Ковачевски.
Тој не кажа кои фирми ќе треба да плаќаат данок на солидарност.
Економија
Синдикатот на УПОЗ: Бесими го остави и претседателот на државата без плата

Министерот за финансии ,Фатмир Бесими, спротивно на сите норми, не ја одобрил платата на вработените во Кабинетот на претседателот, вклучително и самиот претседател на државата, реагира Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани.
„Каква дрскост! Министерот за финансии спротивно на сите правни норми решил да не ја одобрува платата на вработените во Кабинетот, која е целосно во согласност со правната регулатива и колективниот договор за вработените. Министерот за финансии свесно бара да биде прекршен колективниот договор и да не се исполнат одредби од него, чин што е кривично дело со можност за една година затвор за раководното лице на институцијата. Она што е несфатливо е дека со колективниот договор не се зголемуваат платите на претседателот Пендаровски и другите раководни лица во Кабинетот, туку само на администрација, но за апсурдот да е поголем и тоа минимално зголемување е во рамките на веќе одобрениот буџет за 2023 и тоа во раздел плати. Што всушност бара Бесими ?“, јавно праша Синдикатот на УПОЗ.
Синдикатот на УПОЗ веќе предупреди дека министерот за финансии, Фатмир Бесими, направил кривично дело со повлекување на решенијата на вработените во Министерството за финансии, кои веќе им биле поделени, а се однесуваат на зголемување на платата за 30 отсто и ги повика да се обратат до Синдикатот за бесплатна правна помош за остварување на правото за зголемување на плата.